Видеотрилогијата „Анатомија на векот“ на Гоце Наневски во Мала станица

Анатомија на векот, видеотрилогија на Гоце Наневски ќе биде прикажана на 4-ти мај (четврток) во Мала станица, 20 часот 

pokana_anatomija_na_vekot_nanevski

Најновиот проект – три индивидуални видеа имаат концепциско-документаторски карактер. Наневски во оваа трилогија е социјално-политички ангажиран. Неговиот јазик не е буквален и директен, не е априорна реакција и критика на актуелното секојдневие, туку преку малите суштествени наративи со многу генерална конотација укажува на мошне клучни деформации на општествената свест, кои ги дефинираат ликот и опачината на претставникот на едно трансформирачко општество без видлив расплет.


Во Раѓање, го обработува повеќеслојно аспектот на раѓањето виден низ разновидни призми, од најбазичната биолошко-физичка – предадена во разговор со доктор гинеколог и ембриолог (и бремената со прво дете); преку духовното раѓање и соживотот со Бога – во облик на есхатолошко-философски аспекти на еден православен свештеник – а всушност доктор по философија; онтологии за философското и општествено-социјално „раѓање“ и созревање – во ставовите на д-р по философија, професор и аналитичар на социополитичките состојби; па сѐ до женски наративи за физиологијата на жената-мајка – успешни професионалки во своите области, чии животи се менуваат со чинот на раѓање ново битие што ги облагородува и ги прави подобри личности (без оглед дали станува збор за едно или за повеќе деца).



Судбина, пак, третира претставници на најранливата категорија граѓани во Македонија кои се комплетно маргинализирани – Ромите, а од друга страна и малцинство со кое се поврзува зборот судбина и во позитивна и во негативна конотација. Интегрирањето и еманципацијата на Ромите кај нас зема посебен замав во последното десетлетие, особено во полето на едукацијата и инкорпорацијата во општествените сфери, но, за жал, сѐ уште само Ромите ги среќаваме да просат на улиците (без оглед на возраста). Во видеото Наневски го проблематизира овој микросвет, со цел индиректно да критикува во два правци – и општеството што не се грижи доволно, но и решението на оваа заедница да се задоволи со стереотипите и да не се освести дека решението за судбината е во сечии индивидуални раце. Визуелно, ова видео е ослободено од колорит, т.е. е црно-бело, а во него е вклучена авторска музика, шумење од замрзнати видеофрејмови со ефект на снег, како и звуци и кадри кои се добиени со иреверзибилно течење на одредена видеосеквенција.


Во третото видео, Ние, вампирите, Наневски се занимава со сказните и преданијата на старите народи и македонските племиња што се пренесувале од колено на колено и во кои се верувало дека постојат вампири за да прејде дијалогот постепено во анализа на актуелното општество и во персонифицирање на актуелните проблеми во политичкиот, економскиот, социјалниот и културниот свет како дело на вампири. Давајќи му една духовита димензија на целиот видеопреглед, всушност со многу критика и автокритичност, авторот  констатира дека сите ние сме вампири на денешното време и дека сите актуелни општествени малформации се случуваат благодарение на нас и се иницирани директно или индиректно од сите социјални фактори на една заедница. Еден интересен коментар на соговорникот Коста вели : „…вампирите четири вреќи ќе ти земат, ама една ќе ти остават, значи имале некаква етика…“, за разлика од „современите вампири“ кои немаат етика, а уште помалку морал и скрупули.

Видеата имаат и забавен елемент бидејќи играат на тенка линија помеѓу пренагласена сериозност-ангажираност и духовитост, продлабочени размисли наспроти модули кои имаат многу плитка животна философија итн. Наневски визуелно ја обликува личната перцепција за анатомијата на животот, т.е. за конструктивните аспекти на животот (како во скулптура) приоѓајќи им како на скелетон кој бара статичност и издржаност.

Изложбата ќе може да се погледа до 24-ти мај 2017 год.

This post is also available in: Albanian

There are no responses so far.

 

New comments are closed.