Изложба „Будење“ во Чифте амам

На 11 април (вторник), со почеток во 18:00 часот ќе биде отворањето на изложбата „Будење“ во Чифте амам – Национална галерија на Македонија.

budenje

За разлика од останатите, внатрешниот свет на децата со аутизам е неограничен, магичен. Толку искрен, чист, со енергија на која тешко може да се остане рамнодушен.

Аутистичните ни ја откриваат нивната стварност која за очите на останатите е често невидлива. Со нивните цртежи, тие на оригинален начин ни пренесуваат една порака: разбудете се, тука сме за да постоиме заедно! Затоа нам ни е потребно будење повеќе од кога било.

На умот, на душата, на внатрешниот глас, на вистинските вредности. Да подадеме рака и да станеме похумани, да се бориме против догмите и стереотипите од секој вид.Оттука, Националната галерија на Македонија, во соработка со здружението „ВО МОЈОТ СВЕТ“, ПОУ „Иднина“, Македонското научно здружение за аутизам и Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби, со изложбата насловена „Будење“ го одбележува Светскиот ден на аутизмот.

Во една инспиративна креативна атмосфера на Чифте амамот беа организирани ликовни работилници на кои децата изработија преубави ликовни дела. Облачиња, сонца, срца или рачиња, сите до едно пленат со енергија и уметничка слобода што ни укажува за нивниот огромен творечки талент. Овие творби се одраз на нивната душа. Тие нè учат за љубовта, а за тоа не се потребни зборови. Овие деца се нашите херои!

Тенденцијата на пораст на аутизмот е факт и токму затоа е потребно подигање на јавната свест. Различни, а сепак толку исти, во несовршеноста е убавината. Сите заслужуваат да бидат прифатени и подеднакво третирани, само чистата љубов разбира сè!

Изложбата ќе трае до 20 април.

This post is also available in: Albanian

There are no responses so far.

 

New comments are closed.