„Низ огледалото“ на Санјонг Ли од Јужна Кореја во Мала станица

„Низ огледалото“ е насловот на најновата самостојна изложба на Санјонг Ли од Јужна Кореја, со која таа се претстави пред македонската публика. Изложбата се отвори на 3 август во 20:30, во Националната галерија на Македонија во објектот Мала станица во Скопје и траеше до 29 август.

29 Низ огледалото, изложба на Санјонг Ли, 3.8.2016-29.8.2016; Фотографија - Драган МитрескиСанјонг Ли е родена во 1975 година во Ченгџу, Јужна Кореја, каде живее живее и работи. Во 2001 дипломира на Националниот универзитет во Чунбук, на одделот за ликовна уметност, а во 2009 година завршува постдипломски студии на одделот за ликовна уметност на истиот универзитет. Наградена е како најдобар студент во класата на Факултетот за продукт дизајн.

Во 2007 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Кореја и Друштвото на Ликовни уметници на Ченгџу. Таа е еден од основачите на групата Егзит, формирана во 2012 година. Предава на Националниот универзитет во Чунбук на Факултетот за фигуративна уметност. Изложува на повеќе самостојни и групни изложби во Кореја, Јапонија, Кина, САД, Македонија и т.н.

На изложбата „Низ огледалото“ беа претставени дела во повеќе медиуми ‒ инсталации, објекти, слики и фотографии.

„Инспирирана од книгите на Луис Керол, ’Алиса во земјата на чудата’ и ’Алиса од другата страна на огледалото’ кои, иако наменети за деца, биле критика на времето во кое биле напишани, Санjонг Ли преку својата изложба ’Низ огледалото’, на сличен начин, со својот бајковиден израз, се осврнува на апсурдот на светот во кој живееме денес. Преку дела во различни медиуми, во две и три димензии, не води од другата страна на огледалото, во свет кој навидум ја деформира реалноста, но во суштина е воочување и посочување на нејзиниот вистински карактер, ослободен од илузијата.

Детските пластични играчки – Барби кукли, продукт на потрошувачкото општество, кој има тенденција од најмала возраст да се наметне како модел за убавина, формирајќи стереотип, се ’разголени’ во нивното вистинско светло, како продукти во пластични кеси и ангели со црни крилја. Црвените волнени клопчиња распоредени во просторот и поставени наместо глави на куклите, не тераат да се запрашаме каде води конецот што се замотува… Како знак на отпор на ваквата ситуација која се заплеткува во се поголем апсурд, Санјонг ја предлага можноста да се обидеме да застанеме и да не правиме ништо.“ ‒ Маја Кировска, куратор на изложбата.

There are no responses so far.

 

New comments are closed.