Промоција на монографија „Вељо Ташовски, живот и творештво“

На 1 јуни 2017 год. (четврток), во 12:30 часот во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам ќе се реализира промоција на монографија за ликовниот уметник Вељо Ташовски со наслов „Вељо Ташовски, живот и творештво“.

photo (3)

Организатор и издавач на монографското издание е Националната галерија на Македонија, автор на текстот на монографијата е Проф. Д-р Владимир Величковски. На промоцијата ќе се обрати промоторот господин Милан Бешлиќ, ликовен критичар од Хрватска, кој е и автор на текст во публикацијата и Проф. Костадин Танчев – Динка.

Во рамките на редовната годишна програма за 2016 година Националната галерија на Македонија го реалзираше проектот монографско издание „Вељо Ташовски, живот и творештво“. Имено станува збор за издание кое доаѓа како дел од еден посеопфатен прокет кој во континуитет се одвива од 2014 год. преку организација на ретроспективна изложба за Вељо Ташовски во објектот Даут пашин амам во декември 2014 година.

Во текот на 2015 година поттикнати од интересот и значењето на творештвото на овој наш еминентен ликовен автор кој одигра значајна улога во развојот на македонската современа ликовна уметност направивме избор од ретроспективната поставка со цел нејзино селективно прикажување и во останатите градови од земјата. Имено, истата беше замислена како патувачка со цел да се анимира културната и ликовната јавност во внатрешноста на Р.Македонија и уште еднаш да потсетиме на исклучителниот опус на Вељо Ташовски. Во текот на април/мај 2016 година изложбата бече претсавена и во Културно-информативниот центар на Р.Македонија во Софија.

Како своевидно заокружување на ова сеопфатно претставување на творештвото на Вељо Ташовски, со оглед на неговото значење во рамките на развојот на македонската современа ликовна уметност, логично следеше и објавувањето на монографија со наслов „Вељо ашовски, живот и творештво“ од авторот Проф. Д-р Владимир Величковски, а во издание на Национaлната галерија на Македонија. Станува збор за прво вакво издание посветено на Вељо Ташовски.

Монографијата на Вељо Ташовски дава пресек и своевидно толкување, анализа на целокупното творештво на авторот, со посебен акцент на одредени фази во неговото творештво, нагласувајќи ја неговата значајна улога во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност. Ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата. При тоа авторот се откажува од илузијата во нејзината класична означеност, но од друга страна, тој ја користи симулацијата во најмекиот и најприродниот вид,отворајќи пат кон индивидуалната ликовност.

Идејата на авторот е преку ваквиот привид да ја нагласи основната специфичност на сликарството – двете димензии, односно апстрактната конотација на сликата создавајќи специфична “ликовна претстава на двата плана”. Композицијата што го следи принципот на апстрактното сликарство, флуидот на сликарската материја, отсуството на третата димензија…, свилата, бришењето на ефектот на прозорецот, атмосферата на тишина и спокојство – сите тие настојуваат да ги опросторат “сликаните” претстави на Ташовски до ниво на посакуваниот ефект на бескрајноста, до создавањето на слика-простор.

Вељо Ташовски е роден 1949 г. во с. Осој, Р. Македонија. 1975 г. завршил Академија за ликовни уметности – сликарски одел во Љубљана, каде и магистрирал 1979г. Од 1976 до 1985г. бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 г. е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје. Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, а земал учество и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД итн. Добитник е и на бројни награди во Македонија, Словенија, Хрватска и Србија.

There are no responses so far.

 

New comments are closed.