Ретроспективна изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ во Даут пашин амам

Почитувани, Задоволството е да се прикаже труд вложен во изминатите 300 дена од оваа календарска година, 7200 часа потрошени во креативни истражувања трајно втиснати на 240 страници јубилејно идание со наслов „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ на издавачот Национална галерија на Македонија.

Pokana2

По овој повод Националната галерија на Македонија, Министерство за култура на Република Македонија и Фондацијата „Илија Камчев“ имаат чест и особено задоволство да Ве поканат на отворање на ретроспективната изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“.

Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, а земјаќи во предвид дека и веќе подолг временски период не е присутен на македонската ликовна сцена, и покрај парцијалните претставувања на дел од неговото творештво во перидот од неговата смрт до денес, проектот како јубилејно одбележување на 90 години од неговото раѓање всушност ќе вклучи еден своевиден пресек на неговото творештво, како потестување на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност.

На изложбата која подразбира 90 години јубилеј од раѓањето на академскиот сликар Петар Мазев, ќе бидат поставени дела од повеќе фази од неговото творештво. Станува збор за уметник кој е несомнено на врвот на македонското современо сликарство. Се работи за автор со индивидуалност на која не и требаат апологетски терминолошки одредници, за индивидуалност што најдобро се брани без посредници, со самото живеење на уметничкиот израз врз платното. Мазев е речиси единствен преставник на својата сликарска генерација чие творештво течеше по оригинална и единствена насока на развојниот дијаграм. Визијата на Мазев тргнува од реалноста само затоа низ разработувањето да ја поништи како таква во самото дело: конкретниот свет му служи само како повод за бегање во сопствената реалност. Затоа неговиот опус се уште е отворен и привлечен за ново разоткривање.

Мазев почнува со фигуративни композиции (во педесеттите), речиси една деценија подоцна го прифаќа енформелскиот израз, за по неколку години да дојде на идеја да ги стави паралелно на една иста слика овие два ракописи. Всушност неговиот експресионизам минал низ неколку фази во творештвото на Петар Мазев (во кои особено е значајна “белата фаза„), за да под влијание на апстрактниот експресионизам на Вилием де Куниг и групата Кобра создаде апстрактно-фигуративен експресионизам со гестуална акција и силен колорит. Така неговото сликарство станува егземплер на можното заедничко опстојување на овие две ликовни експресии долго време антагонистички поставувани и толкувани. Во периодот пред и во осумдесеттите години на сликите на Мазев им ставаме посмодернистичка етикета, но при тоа се прашуваме дали Мазев уште од 1967/68 година (кога почнува да работи во овој дух) не ја најавува Посмодерната во Македонија? За него се валидни ,,дивјаштвото на чуствата‘‘ како лична вредност и фаустовската индивидуална волја и моќ, наспроти вербата во младоста на уметноста што не венее. Имено, желбата човекот да биде надмоќен, да биде херој, е најизразена кај големите уметници, и оттука резултира во големи дела. Мазев е несомено еден од тие големи уметници.

КРАТКА БИОГРАФИЈА

Роден 1927 година во Кавадарци. Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај Проф. Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје, Република Македонија. Значајно е да се напомене дека бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Петар Мазев е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност. Имал бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и во странство: Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и др. Исто така земал учество и на бројни групни изложби како во нашите простори така и надвор од нашата држава како: САД, Кина, Индија, Германија, Италија, Швајцарија и др. Добитник е на бројни награди и признанија: 11 Октомври на Република Македонија во 1961 г., 1979 г добива 1-ва награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и велешко и истиот го изведува во мозаик, 1981 г. добитник е на наградта „Моша Пијаде“ на Ликовниот салон во Цетиње и др.

************************************************************

Даут пашин амам
Четврток, 2 ноември 2017 година
20:00 часот

Национална галерија на Македонија

This post is also available in: Albanian

There are no responses so far.

 

New comments are closed.