11-ти Младински пролетен салон

Share Button

По ретроспективите на Петар Мазев и Борко Лазески со кои започна јубилејната година, во Даут пашиниот амам повторно е вратена постојаната поставка, дел од богатата Колекција на Националната галерија на Македонија.

Во мај како дел од нашата програма, поточно едукативниот сегмент, ќе се реализира изложба тематски врзана со нашата богата збирка на културно наследство т.е. постојаната поставка во објектот Даут Пашин Амам.

Младинскиот пролетен салон кој лани имаше мал јубилеј 10 години, оваа година има тема насловена „LIKE“, инспирирана од споменатата збирка. Творбите на младите од целата земја кои произлегоа од претходно одржаните работилници претставуваат еден вид на омаж, инспирација, почит и чествување на нашите големи мајстори, уметници од македонското ликовно творештво и директно на свој начин одбележување на јубилејот 70 години со изложба која ќе биде поставена во објектот Мала Станица од 23-ти мај до 1-ви јуни.

Отворањето на изложбата ќе биде во 19 часот а за најуспешните млади автори се предвидени признанија и награди. Можеби некои од овие талентирани млади луѓе за неколку години ќе се оформат во наследници на Личеноски, Мартиновски, Коџоман, Наумовски, Кондовски, Пандилов и други.

Share Button