Aпстракцијата во современото македонско сликарство и скулптура

На 29 декември (четврток), во 12 часот, во објектот Чифте амам на Националната галерија на Македонија, ќе биде поставена изложбата „АПСТРАКЦИЈАТА ВО СОВРЕМЕНОТО МАКЕДОНСКО СЛИКАРСТВО И СКУЛПТУРА“.

1117. Хаџи Бошков Петар, Торзо, 1964

Изложбата ретроспективно ја елаборира појавата и развојот на апстрактната уметност во современото македонско сликарство и скулптура од периодот на шеесеттите години на минатиот век до денес, потенцирајќи ја притоа непредметната уметност (во сите нејзини варијации) како доминантен израз (и) во македонската ликовна уметност од втората половина на дваесеттиот век до денес. Едновремено изложбата има за цел да потсети на можеби подзаборавените македонски уметници фасцинирани од оваа визеулна приказна, чие што творештво засекогаш останува неразделен дел не само на апстрактниот исказ туку на македонската уметност во целина. Дури и денес, во поодминатите години на постмодерната и новите медиуми, непредметната уметност е се’ уште тука, околу нас и во ателјеата на македонските уметници, иако можеби не и’ посветуваме доволно внимание.

1061. Мишев, Слика XLIX, 1992,

Она што можеби треба веднаш да се потенцира е чувството дека македонската апстракција, во сите нејзини изразни форми, уште од самиот почеток па се’ до денес делува сигурно, самосвесно, автономно. Поточно, во најголем дел, појавата (и развојот) на апстрактната уметност кај нас е производ на нужност а не само афинитет, сосема спротивно на некои можни дилема дали таа воопшто може да му биде блиска на македонскиот уметник. Во забрзаното чекорење кон „достигнувањето на светот“ во педесеттите години на минатиот век апстракцијата секако била првиот, или меѓу првите, предизвици. Односно, кај нас таа беше и културолошки и творечки предизвик! Таа, непредметната уметност, во сите нејзини изразни форми бргу стана доминантен творечки исказ на македонската ликовна сцена во тоа време. И се одржа до денешен ден, можеби не со таа силина и опфат, можеби не со таа бројност на приврзеници односно следбеници, но се’ уште како интересен предизвик, дури и за помладите постмодерни генерации.

717. Мазев Петар, Изгорен пејзаж, 1963

На изложбата се претставени осумдесетина дела од повеќе македонски уметници од сите генерации, меѓу кои Петар Мазев, Димитар Аврамовски-Гуте, Петар Хаџи Бошков, Миле Корубин, Борис Николовски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Јордан Грабулоски, Борко Лазески, Слободан Филовски, Танас Луловски, Татјана Миљовска, Златко Глигоров, Благоја Маневски, Решат Ахмети, Влатко Миладинов и др.

Автор на изложбата е Златко Теодосиевски.

This post is also available in: Albanian

There are no responses so far.

 

New comments are closed.