Изложба на Мифтар Мемети во Чифте амам

Во вторник, 1-ви ноември во 19 часот во Чифте амам, Скопје ќе имате можност да присуствувате на отварањето на самостојната изложба на Мифтар Мемети.

miftar memeti plakat

На отворањето на изложбата со пригодна реч ќе се обратат директорот на Националната галерија на Македонија д-р Дита Старова Ќерими, господинот Фатмир Сулејмани декан на Филолошкиот факултет на Тетовскиот Универзитет воедно и близок пријател на авторот од детството и познатиот академски ликовен уметник и професор, господинот Решат Амети.

Сликарството на маестро Мифтар Мемети е емоционална претстава, блискот до луѓето со убедливост за фактичкото. Сликар кој дава предност на чувството на емоционалната природа, која понатака се развива за време на сликарскиот процес, што ќе рече дека сликата е таа која ја доближува до своите замисли следејќи ги неговте емоции и интелектуален предизвик. Неговите дела се резултат на драматичен настан, односно, тоа се слики на настани.

Уметникот кој од бојата прави уметност

Реинтерпретирање на заробени моменти, мигови од детството, енграми за атмосферата во домот и во грижливо негуваниот цветен двор…експресии, ликовни записи на моменти дури и продолжување и развој на мислата. Сведоштва за времето, носталгија пропратена со топлина во душата, впечатоци за поминатото детство, време во кое поминале најубавите и најсреќни детски денови. Сликарство кое со право може да се сврсти во групата на сликари-хроничари на времето и покрај силно акцентираната експресија со плохи и лирски нагласки.

Мифтар Мемети прави ликовни напори да ја запре минливоста на времето; со нежен лиризам ни ги препорачува старите прозори, врати, куќната порта, клупата и камењата во дворот кој одамна ја отслужиле својата намена под старата црешa а сега стојат како траен спомен, неминливост, вечност. Амбиентот сега и просторно и временски е дефиниран. Сликарот успеал успешно да ни ја долови и атмосферата на древноста и хармонијата која владеела во домашна градина. Засведоченост на едно одминато време, ликовна уметност со која уметникот не воведува во убавина во која се насетуваат нежни допири и рефлексии од исконот, од патината на времето. Мифтар Мемети со својата ликовна дарба создал возбудлива поетика во која ги споил времињата во вечност. Неговата уметност е со јасен и личен творечки сензибилитет со емотивна комуникација, што впрочем е негов најзначаен белег.

Тој е создавател на исконска убавина без да измислува ами ликовно да пресоздава природа, а емпириските нешта ја добиваат вистинската вредност. Делата на Мифтар Мемети се вистинска експресивно-лирска проповед, носталгичен бран од минатото.

Сликарството на маестро Мифтар Мемети е емоционална претстава, блискот до луѓето со убедливост за фактичкото. Сликар кој дава предност на чувството на емоционалната природа, која понатака се развива за време на сликарскиот процес, што ќе рече дека сликата е таа која ја доближува до своите замисли следејќи ги неговте емоции и интелектуален предизвик.

Неговите дела се резултат на драматичен настан, односно, тоа се слики на настани.

Љупчо Маленков

Изложбата ќе може да се погледне до 14-ти ноември.

no comments

Read more...

Meѓународна групна изложба „Набљудување без набљудувач“

Во понеделник, 17 октомври во 19 часот, Чифте амам, Скопје имате можност да присуствувате на отварањето на Меѓународната групна изложба „Набљудување без набљудувач“ е поставка составена од дела во коишто како мотив и „објект“ се појавува присуството на човекот, телото, фигурата и телесноста, и нивните „модификации“ од аспект на уметнички промислувања и авторски перцепции.

nav

Самите дела, освен субјективниот контекст, ги изразуваат и социо-културолошките актуелности/опкружувања од кои овие „теми“ се извлекуваат и креираат.

„Тематската“ определеност на изложбата е на кураторите Дејан Буѓевац и Мира Гаќина, а поставката ја сочинуваат остварувања реализирани во последните години од страна на авторите: Мирна Арсовска (Македонија), Велимир Жерновски (Македонија), Ино Зељак (Хрватска), Верица Ковачевска (Македонија/Швајцарија), Јулија Кран (Германија/Италија), Тијана Луковиќ (Србија), Марија Ќалиќ (Србија) и Горан Шкофиќ (Хрватска).

Иако сосема различни по својот визуелен, естетски, поетски и ликовен јазик, изборот на изложените дела укажува на одредени заеднички нешта, а тоа е пред се, уметничкиот однос кон телото/фигурата како сложен сетилен и флуиден механизам испреплетен од различни сензации, перцепции, афекти и мненија, коишто никогаш не можат да бидат доволно минати и трајни, односно секогаш се сегашни…

Изложбата ќе биде поставена до 30-ти ноември.

Exposed_InoZeljak medium

Exposed_InoZeljak (6)_resize

Duell - Marija Calic_resize

________________________________

no comments

Read more...

Изложба на Славица Јанешлиева „Состојби“

На ден 13.10.2016 година (четврток), со почеток во 20 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, мултимедијален центар Мала станица, ќе биде отворена самостојната изложба на Славица Јанешлиева под наслов „Состојби“.

Slavica Janeslieva Mala stanica horizontalen

Во најновиот проект Јанешлиева со за неа препознатлив директен и симболичен критички јазик се осврнува на контроверзните појави во општеството на глобално и локално ниво. Реакциите, дилемите и ставовите кои се однесуваат на актуелните теми и состојби што го креираат секојдневното (не)функционирање на општеството, авторката ги пренесува преку објекти во кои во специфичен наративен манир дава свои коментари за состојбите. Користејќи предмети кои имаат секојдневна употреба, Јанешлиева со извесни интервенции им го менува значењето, со што тие стануваат знаковни носители на повеќе асоцијативни пораки, без оглед дали тие се однесуваат на проблеми кои се политички, социјални, образовни итн., или пак се начин на кој се гледаме себеси во огледалата кои ја деформираат сликата за реалноста.

Славица Јанешлиева Бачварска е родена 1973 година во Скопје. Во 1996 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. Зоран Јакимовски. Во 1998 магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. Димитар Малиданов. Од 2006 работи на Катедра по графика, на Факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 2016 година избрана е во звањето редовен професор. Од 2008-2010 продекан на ФЛУ.

Досега реализирала вкупно 23 самостојни изложби во Скопје, Битола, Гевгелија, Велес, Струмица, Куманово, Кавадарци, Босвил (Швајцарија), Братислава (Словачка), Утрехт (Холандија), Њујорк (САД). Учествувала на околу 200 групни меѓународни и национални претставувања низ целиот свет, како реузултат на селекции од меѓународни жири комисии, како и кураторски селекции. Добитник е на тринаесет награди, од кои три се меѓународни. Нејзините дела се наоѓаат во колекциите на 17 музеи и галерии во Македонија, Србија, Полска, Фанција, Унгарија, Романија, Белгија, Финска, САД, Јапонија и Италија. Учесник е на бројни работилници, конференции, колонии и симпозиуми, автор и соработник на пет уметничко истражувачки проекти, како и куратор/кокуратор на осум изложби.

Изложбата ќе биде отворена до 24.10.2016 година.

________________________

no comments

Read more...

Изложба на Гордана Вренцоска Неизложено: моите споредни приказни

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 5 октомври 2016 година, во 20 часот ќе се отвори изложба на Гордана Вренцоска со наслов Неизложено: моите споредни приказни.

Во eрата на сеопшта изложеност и откривање на приватноста, широкиот свет на уметникот e сепак најмногу видлив низ потесната призма на неговите јавно изложени дела. Но, како е да се изложат „споредните приказни“ од возбудливиот и непрекинат уметнички процес?

Неизложено: моите споредни приказни е составена од повеќе тематски целини чиј меѓусебен однос сочинува сложена инсталација, и нивна поединечна анализа би била само општа дескрипција на изложеното. Затоа анализата на овој проект треба да се перцепира како претопување и присоединување на микро наративите кои создаваат нова естетско концептуална целина – макро наратив со заеднички именител означен од авторот – Неизложено: моите споредни приказни. Така се создава нова уметничка ситуација во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните и интимните приказни кои се колку лични, толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот. Вренцоска во случајот е истражувач, колекционер, куратор и раскажувач, а сите овие насловувања сублимирани во едно, ја ставаат во категоријата УМЕТНИК.

Вренцоска за овој проект користи разновидни реди-мејд предмети, уметнички дела, артикли и материјали за масовна, но и лична употреба кои без разлика на првобитната функција со чинот на означување на уметнички предмет, добиваат нова функција – монтажни делови на едно уметничко дело. Овие колажирани или асемблажни, просторно инсталациски поставени реди-мејд предмети го редефинираат значењето на готовиот предмет во семантичкото подрачје на уметноста со што доаѓа до нивно предефинирање во “готови предмети со минато”. Во тој случај нивното минато – утилитарната функција го преобразува сопственото значење во уметничка – естетска функција.

Вренцоска овие “готовите предмети со минато” ги претвора во колажи, слики, објекти, инсталации, каде на метафорички начин е поништена разликата помеѓу животот и уметноста. Во тој процес на преозначување и креативно моделирање, предметот е извлечен од контекстот и ја губи својата првична функција и преминува во доменот на апстрактното обликување т.е. во уметнички објект со метафизичко значење.

Проектот го носи духот на рецентните уметнички трендови што се во насока на преиспитување на нашата лична и колективна меморија, на значењето на архивите и на потребата за дефинирање и редефинирање на идентитетот на уметникот во новото време на 21 век.

Изложбата ќе ја отвори доц. д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија.
_________________

Гордана Вренцоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997 година. Магистрирала на студиите по дизајн на Central Saint Martins’ School of Art and Design London во 2005 година, како Чивнинг стипендист. Во 2016 година ја одбранила својата докторска дисертација на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Зад себе има 12 самостојни изложби и голем број групни изложби во Македонија, Германија, Полска, В. Британија, Италија, Белгија, Кина, САД, Хрватска и други земји. Добитник е на повеќе грантови, награди и признанија, меѓу кои и престижниот грант за уметници на фондацијата Pollock-Krasner од Њујорк за 2014/15 година. Од 2006 година работи како професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – РМ во Скопје.

___________________

no comments

Read more...

„Низ огледалото“ на Санјонг Ли од Јужна Кореја во Мала станица

„Низ огледалото“ е насловот на најновата самостојна изложба на Санјонг Ли од Јужна Кореја, со која таа се претстави пред македонската публика. Изложбата се отвори на 3 август во 20:30, во Националната галерија на Македонија во објектот Мала станица во Скопје и траеше до 29 август.

29 Низ огледалото, изложба на Санјонг Ли, 3.8.2016-29.8.2016; Фотографија - Драган МитрескиСанјонг Ли е родена во 1975 година во Ченгџу, Јужна Кореја, каде живее живее и работи. Во 2001 дипломира на Националниот универзитет во Чунбук, на одделот за ликовна уметност, а во 2009 година завршува постдипломски студии на одделот за ликовна уметност на истиот универзитет. Наградена е како најдобар студент во класата на Факултетот за продукт дизајн.

Во 2007 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Кореја и Друштвото на Ликовни уметници на Ченгџу. Таа е еден од основачите на групата Егзит, формирана во 2012 година. Предава на Националниот универзитет во Чунбук на Факултетот за фигуративна уметност. Изложува на повеќе самостојни и групни изложби во Кореја, Јапонија, Кина, САД, Македонија и т.н.

На изложбата „Низ огледалото“ беа претставени дела во повеќе медиуми ‒ инсталации, објекти, слики и фотографии.

„Инспирирана од книгите на Луис Керол, ’Алиса во земјата на чудата’ и ’Алиса од другата страна на огледалото’ кои, иако наменети за деца, биле критика на времето во кое биле напишани, Санjонг Ли преку својата изложба ’Низ огледалото’, на сличен начин, со својот бајковиден израз, се осврнува на апсурдот на светот во кој живееме денес. Преку дела во различни медиуми, во две и три димензии, не води од другата страна на огледалото, во свет кој навидум ја деформира реалноста, но во суштина е воочување и посочување на нејзиниот вистински карактер, ослободен од илузијата.

Детските пластични играчки – Барби кукли, продукт на потрошувачкото општество, кој има тенденција од најмала возраст да се наметне како модел за убавина, формирајќи стереотип, се ’разголени’ во нивното вистинско светло, како продукти во пластични кеси и ангели со црни крилја. Црвените волнени клопчиња распоредени во просторот и поставени наместо глави на куклите, не тераат да се запрашаме каде води конецот што се замотува… Како знак на отпор на ваквата ситуација која се заплеткува во се поголем апсурд, Санјонг ја предлага можноста да се обидеме да застанеме и да не правиме ништо.“ ‒ Маја Кировска, куратор на изложбата.

no comments

Read more...

Изложбата „Есенција на егзистенцијата“ во Цетиње

Во организација на Националната галерија на Македонија, на 5 август 2016 (петок) во 20 часот во Народниот музеј на Црна Гора – Црногорска галерија на уметности `Миодраг Дадо Ѓуриќ` во Цетиње, Црна Гора, ќе се отвори изложбата Есенција на егзистенцијата на која се застапени 25 македонски современи уметници.

Collective Zero

Истата изложба во јуни 2015 година беше отворена во галеријата Лауба во Загреб, а во декември 2015 година во Национална галерија на Македонија – Мала станица и имаше огромен интерес од публиката и стручната јавност, а за следната година пoстои интерес изложбата да патува и во други галерии и музеи од регионот.

„Есенција на егзистенцијата“ е уметнички концепт кој се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции кои од различен аспект приоѓаат кон суштината на ентитетот, на опстојувањето, на функционирањето. Тука се опфатени генезата на љубовта, духовноста, храната…, a под овој дискурс се пронаоѓаат и инстанците на достоинството, идеологијата, политиката, социјалата. Вообичаено, кога станува збор за тематика поврзана со егзистенцијата, неизбежен е Сартр и егзистенцијалистите кои говорат за апсурдноста на социо-општествените феномени, т.е. апсурдноста на есенцијата во егзистенцијата. Критичките ставови за секојдневното егзистирање во делата од изложбата „Есенција на егзистенцијата“ може да се исчитуваат и во контекст на рефлектирање на долгогодишната „неподнослива тешкотија на постоењето“, како парафраза на насловот на ултра познатиот роман од Милан Кундера, „Неподнослива леснотија на постоењето“, и нудат различни поими за борбата за (не)можно емотивно/емоционално егзистирање во рамки на репресивите општествени системи…

no comments

Read more...

“Обичниот човек” на Жарко Башески (дела во простор)

Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи, има остварено повеќе скулптури во јавен простор (Александар Македонски, Гоце Делчев, Даме Груев, Св. Кирил и Методиј…) и беше претставник на Македонскиот павилјон на 54-тото Меѓународно уметничко биенале во Венеција, 2011 година.

besheski cifte amam (3) (Copy)

Интересот во неговото творештво е свртен кон човекот, па оттаму и интересот за хиперреалистичкиот приод во обликувањето на концептот на делото, кој во идејната проекција го надминува и хиперреализмот и говори за животот и реалноста во која живееме.

Жарко Башески е роден во Прилеп на 11 август 1957 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1988 година во класата на Петар Хаџи Бошков. Постдипломските студии ги завршил во 1998 година на матичниот факултет, во класата на Драган Поповски-Дада, каде што во тој момент работел како стручен соработник. Од 1988 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија каде што има остварено голем број активности (групни и самостојни изложби). Имал студиски престој во Лондон од 1979 до 1982 година. Живее во Скопје и работи како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности.

Изложбата ке биде поставена до 15 август 2016 година.

no comments

Read more...

Изложба на скулптури на Џелил Руфати во Мала станица

Во рамките на Скопско лето 2016, Националната галерија на Македонија е домаќин на уште еден настан, изложба на скулптури на уметникот Џелил Руфати.

rufati mala stanica

Отварањето на изложбата е на 07.07.2016 во 20:30 часот во објектот Мала станица.

no comments

Read more...

“Обичниот човек” на Жарко Башески во Чифте амам

Долгогодишната успешна соработка на Националната галерија на Македонија и Дирекцијата за култура и уметност резултира со партиципација на Галеријата во рамките на манифестацијата Скопско лето.

basheski 2

Така и оваа година, Проект од годишната програма на Националната галерија на Македонија ќе биде претставен на свеченото отварање и започнување на Скопско лето 2016. Отварањето на оваа манифестација ќе биде во храмот на уметноста, објектот Чифте амам, на 21 јуни 2016 година (вторник) во 20 часот. Жарко Башески е автор на оваа изложба со наслов Обичниот човек, а куратор на проектот е Горанчо Георгиевски.

Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи, има остварено повеќе скулптури во јавен простор (Александар Македонски, Гоце Делчев, Даме Груев, Св. Кирил и Методиј…) и беше претставник на Македонскиот павилјон на 54-тото Меѓународно уметничко биенале во Венеција, 2011 година. Интересот во неговото творештво е свртен кон човекот, па оттаму и интересот за хиперреалистичкиот приод во обликувањето на концептот на делото, кој во идејната проекција го надминува и хиперреализмот и говори за животот и реалноста во која живееме.

Жарко Башески не бега од аспектите на реалноста на човековиот живот и на неговото битисување во општеството, туку жестоко ги анализира и непосредно и директно ни ги пренесува личните погледи и заклучоци со своето творештво. Тој во потрагата за гносеолошки и онтолошки одговори за човекот нè воведува во аутистичката празнина на денешното социоопштествено живеење, но и во можноста за себеистражување, себеоткривање и себеизградување и во менувањето како на визијата, така и на вистината за себеси и за човековото постоење.

basheski 1Жарко Башески е автор отворен за експерименти кон барањето нов пластичен израз и лична сигнатура. Во провокацијата како за себеси, така и за другите, во своите експериментални бранувања концизно инсистира да се раскаже една животна приказна во делови, да ја раскаже приказната за обичниот човек и од неа да се постигне една нова и заокружена целина. Во тој склоп на околности, делата повеќе сугерираат на нивно исчитување отколку на набљудување.

Базична цел во делото на Башески е да се изразат слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување за светот во кој живееме и неговото естетско визуелно оформување како чин на себеспознанието.

basheski 3

Жарко Башески е роден во Прилеп на 11 август 1957 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1988 година во класата на Петар Хаџи Бошков. Постдипломските студии ги завршил во 1998 година на матичниот факултет, во класата на Драган Поповски-Дада, каде што во тој момент работел како стручен соработник. Од 1988 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија каде што има остварено голем број активности (групни и самостојни изложби). Имал студиски престој во Лондон од 1979 до 1982 година. Живее во Скопје и работи како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности.

Изложбата ке биде поставена до 15 август 2016 година.

_________________________________

no comments

Read more...

Посета на амбасадорот на Перу за Македонија во Националната галерија

Во Националната галерија на Македонија, во мултимедијалниот центар Мала станица се одржа свечена средба меѓу директорот на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими и Н.Е. господинот Хозе Антонио Ароспиде Дел Бусто, амбасадор на Р. Перу за Македонија со седиште во Букурешт, Романија.

ngm peru

Повод за средбата е отварање на изложба на фотографии на 16.06.2016, четврток под наслов ˶Патот на Инките ̋ која Националната галерија на Македонија за прв пат ја организира во соработка со почесниот конзул на Р. Перу во Македонија Ненад Јанакиевиќ. Амбасадорот Дел Бусто и директорката Старова Ќерими остварија конструктивен разговор за соработка која започнува со оваа изложба на која ќе се презентира древната цивилизација на оваа далечна земја.

Соговорниците договорија Националната галерија на Македонија да реализира проект/изложба со која би ја промовирале нашата култура токму во Перу во текот на наредната година во институција од ист ранг како нашата.
Ретки се можностите да се отпатува на вака далечни дестинации, затоа Националната галерија на Македонија понуди ексклузивна можност за пошироката публика преку овие фотографии да долови дел од прекрасните природни убавини на Перу.

Директорката Старова Ќерими истакна дека вратите на Националната галерија се отворени за запознавање и реципроцитетна соработка со амбасадите на различни култури и е поттик во иднина да се реализираат ваков тип на промоции кои ќе зближуваат две култури преку уметност.

Изложбата ќе се отвори во 18:30 часот а ќе биде поставена до 30.06.2016.

no comments

Read more...