Ретроспективна изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ во Даут пашин амам

Почитувани, Задоволството е да се прикаже труд вложен во изминатите 300 дена од оваа календарска година, 7200 часа потрошени во креативни истражувања трајно втиснати на 240 страници јубилејно идание со наслов „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ на издавачот Национална галерија на Македонија.

Pokana2

По овој повод Националната галерија на Македонија, Министерство за култура на Република Македонија и Фондацијата „Илија Камчев“ имаат чест и особено задоволство да Ве поканат на отворање на ретроспективната изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“.

Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, а земјаќи во предвид дека и веќе подолг временски период не е присутен на македонската ликовна сцена, и покрај парцијалните претставувања на дел од неговото творештво во перидот од неговата смрт до денес, проектот како јубилејно одбележување на 90 години од неговото раѓање всушност ќе вклучи еден своевиден пресек на неговото творештво, како потестување на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност.

На изложбата која подразбира 90 години јубилеј од раѓањето на академскиот сликар Петар Мазев, ќе бидат поставени дела од повеќе фази од неговото творештво. Станува збор за уметник кој е несомнено на врвот на македонското современо сликарство. Се работи за автор со индивидуалност на која не и требаат апологетски терминолошки одредници, за индивидуалност што најдобро се брани без посредници, со самото живеење на уметничкиот израз врз платното. Мазев е речиси единствен преставник на својата сликарска генерација чие творештво течеше по оригинална и единствена насока на развојниот дијаграм. Визијата на Мазев тргнува од реалноста само затоа низ разработувањето да ја поништи како таква во самото дело: конкретниот свет му служи само како повод за бегање во сопствената реалност. Затоа неговиот опус се уште е отворен и привлечен за ново разоткривање.

Мазев почнува со фигуративни композиции (во педесеттите), речиси една деценија подоцна го прифаќа енформелскиот израз, за по неколку години да дојде на идеја да ги стави паралелно на една иста слика овие два ракописи. Всушност неговиот експресионизам минал низ неколку фази во творештвото на Петар Мазев (во кои особено е значајна “белата фаза„), за да под влијание на апстрактниот експресионизам на Вилием де Куниг и групата Кобра создаде апстрактно-фигуративен експресионизам со гестуална акција и силен колорит. Така неговото сликарство станува егземплер на можното заедничко опстојување на овие две ликовни експресии долго време антагонистички поставувани и толкувани. Во периодот пред и во осумдесеттите години на сликите на Мазев им ставаме посмодернистичка етикета, но при тоа се прашуваме дали Мазев уште од 1967/68 година (кога почнува да работи во овој дух) не ја најавува Посмодерната во Македонија? За него се валидни ,,дивјаштвото на чуствата‘‘ како лична вредност и фаустовската индивидуална волја и моќ, наспроти вербата во младоста на уметноста што не венее. Имено, желбата човекот да биде надмоќен, да биде херој, е најизразена кај големите уметници, и оттука резултира во големи дела. Мазев е несомено еден од тие големи уметници.

КРАТКА БИОГРАФИЈА

Роден 1927 година во Кавадарци. Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај Проф. Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје, Република Македонија. Значајно е да се напомене дека бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Петар Мазев е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност. Имал бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и во странство: Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и др. Исто така земал учество и на бројни групни изложби како во нашите простори така и надвор од нашата држава како: САД, Кина, Индија, Германија, Италија, Швајцарија и др. Добитник е на бројни награди и признанија: 11 Октомври на Република Македонија во 1961 г., 1979 г добива 1-ва награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и велешко и истиот го изведува во мозаик, 1981 г. добитник е на наградта „Моша Пијаде“ на Ликовниот салон во Цетиње и др.

************************************************************

Даут пашин амам
Четврток, 2 ноември 2017 година
20:00 часот

Национална галерија на Македонија

no comments

Read more...

Системски матрикс или матрикс во системот

Во една држава постои таксативна класификација на организми (институции, тела) кои се дел од системот и кои функционираат според одредени правила на игра наложени од највисоките владеачки елементи во хиерархиската организираност.

boris shemov mala stanicaСите ние сме дел од таквите системи (своевидни манипулирани марионети) во кои треба да се вклопиме и да функционираме по зададени принципи и норми. Честопати неможеме да се вклопиме во калапите, се чувствуваме заробени и загрозени, нашиот интелект и здраворазумско резонирање потценето и навредено, неможеме да дишеме, па со право и отворено се спротивставуваме, бараме да се чуе нашиот глас, да бидеме независни, да се издвоиме од системот, да функционираме како индивидуални организми паралелни на државничкиот. И сето тоа е легитимно, но можеме ли со субверзивност, користејќи ги истите тие (не)механизми на системот, истите модуси и модели, т.е. оружјето на другите (спротивставените), да го(и) употребиме за свои, афирмативни цели од една страна или пак, од друга страна, да им пркосиме, да ги критикуваме, цинички да им пристапиме токму ним, на другите, а сепак да бидеме во „рамките“ на самиот систем? Тоа е еден од клучните дискурси од кои поаѓа Борис Шемов во неговиот најнов проект „12:05“.

Во овој проект Шемов свесно прави мултимедијален, визуелен и перформативен експеримент во кој сржта лежи во концепциската синестезија, а не во изложбата заради изложба. Тој креира визуелни дразби кои според своите естетски кфалификации се восприемаат како изложба, а помеѓу елементите има поврзаност и аналогност со неговите претходни опуси (номадичност, референтност, колажираност, експерименталност, синтетичност, индустријализам, масовност, повеќеслојна комплексна концептуалност итн.). Мултимедијалноста и комплексноста, служат само како фон, како визуелно ликовен back-up. Користејќи ги аспектите на позиција на моќ, т.е. синтаксата „ми се може“, Шемов со ликовно-визуелните атрибути на изложбата прави спин и манипулација, со намера да оствари „затскриени“ цели, а заради индивидуални потреби, без најава и предзнак, а со пролонгирано дејствие, слично на позицијата на моќ на самитe државнички системи и сите нивоа на човечка манипулација на која сме сведоци. Затоа е тука дронот , беспилотен летачки робот, кој се раководи мануелно со далечински управувач и најчесто служи за снимања (сега веќе забранет за употреба без претходна дозвола) на масовни собири. Оттука произлегува „тајната“, „шпионска“, „вознемирувачка“ природа која се крие зад нивната примена. Тоа е аспектот на своевидна „контрола од горе“, без оглед како „од горе“ ќе се разбере. Ставен внатре, дронот произведува поинакви, изменети и изместени јукстапозиции, на позициите на моќ, на манипулаторите и изманипулираните, на вознемиреност или рамнодушност, на страв или потсмев.

boris shemov detal3

Тенденцијата на Борис Шемов со овој проект е со минимум вклучени елементи или дела (видео материјал, дигитални графики и перформанс во затворен простор) да дозволи концептот да се авто-генерира во свеста и спознанието на реципиентот, без притоа да даде „рецепт“ за читање на делото и дискурсите. Од друга страна тој момент на авто-генерирање на делото e присутен и во самиот процес на создавање на делото, со акцент врз синтетичноста и индустрискиот момент. Елементите на проектот (видеото, дигиталната графика, дронот) се создаваат во голема мера сами по себе (со помош на програми, апликации, обучени пилоти), под надзор на уметникот, но не со предоминантни интервенции од негова страна, ставајќи емфаза врз улогата на авторот – креатор во денешно време и неговиот per se интелектуален инпут во процесот на создавање на делото.

Видеото се состои од измонтиран материјал на колажирани кадри, снимени со помош на дрон или извадоци од одредени механички дејствија чија динамика и визуелна синестезија го привлекла вниманието на авторот и на некој начин се вклопиле во уметниковиот системски дискурс. Надреалноста на вештачки инсценираните кадри е иреверзибилна, таа создава ирационалност која ја истакнува привлечноста на психолошкиот хаос, на систематичноста без систем. Менувањето на улогите, т.е. ставањето на веќе спознаени состојби во нов контекст се своевидни упади во системската шема, а позадинската авторска атонална музика (автор Дамјан Цветков Димитров), звучно го манипулира реципиентот со дразби кои не даваат конкретни податоци и наративност, туку го пренасочуваат или привлекуваат вниманието.

Фотографиите – дигитални графики се добиени со колажирање на сцени од видео материјали. Шемов користи дигитална апликација која ја субверзира – збунува, давајќи и податоци кои не се соодветни за тој програм. Тој ги прикажува материјалите со една панорамска слика за секој еден (дигитално-генерирана) како синтеза на филмот. Групирањето на сите панорaмски слики заедно креираат една нова групна „панорама“ на многу информации и на мноштвото, кои како динамика и визуелно-естетска игра го преокупираат авторот одамна.

12:05 from Boris Semov on Vimeo.

Перформативниот елемент на дронот е крајно не-уметнички чин сам по себе. Нема никаква инверзност на значењата во неговата функционалност, нема дискурзивност, нема авторска интевернција, маневрирањето е од трети лица, единствено менувањето на локацијата за негова примена и психолошкиот момент на контрола и упадот внатре се своевиден апендикс на концептуалната одлука на авторот за прогласување на овој елемент за дел од уметнички проект и тоа клучен.

Пледирајќи кон кажување на „ништо“, кон создавање на изложба „без изложба“, кон постигнување на тензичност и момент на исчекување (дури и самиот наслов 12:05 кој навидум е безначаен и според Шемов е аспект на anything goes, сепак е елемент кој сугерира одбројување, а со самото тоа и нешто неизвесно што следи), Борис Шемов создава проект кој е актуелен и философски. Начнува дискусии за важни социјални и општествено-политички прашања, го третира аспектот на системскиот режим, допира и до институционална критика, а секако и ги актуелизира дискурсите за уметноста и авторството денес и во афирмативна и во критичка конотација. Оттука проектот „12:05“ уште еднаш ја потврдува комплексноста во творечкиот процес како императив во потребата за уметничко егзистирање на Борис Шемов.

no comments

Read more...

Изложбата „Есенција на егзистенцијата“ на 25 македонски современи уметници во Загреб

Во галеријата Лауба во Загреб, на 30 јуни 2015 (вторник) во 19 часот ќе се отвори изложбата Есенција на егзистенцијата на која се застапени 25 македонски современи уметници. Изложбата е во организација на Националната галерија на Македонија.

the essence

„Есенција на егзистенцијата“ е уметнички концепт кој се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции кои од различен аспект приоѓаат кон суштината на ентитетот, на опстојувањето, на функционирањето. Тука се опфатени генезата на љубовта, духовноста, храната…, a под овој дискурс се пронаоѓаат и инстанците на достоинството, идеологијата, политиката, социјалата. Вообичаено, кога станува збор за тематика поврзана со егзистенцијата, неизбежен е Сартр и егзистенцијалистите кои говорат за апсурдноста на социо-општествените феномени, т.е. апсурдноста на есенцијата во егзистенцијата. Критичките ставови за секојдневното егзистирање во делата од изложбата „Есенција на егзистенцијата“ може да се исчитуваат и во контекст на рефлектирање на долгогодишната „неподнослива тешкотија на постоењето“, како парафраза на насловот на ултра познатиот роман од Милан Кундера, „Неподнослива леснотија на постоењето“, и нудат различни поими за борбата за (не)можно емотивно/емоционално егзистирање во рамки на репресивите општествени системи.

Секако, тука е и хуманистичката психологија на Абрахам Маслов и неговата често експлоатирана теорија за „Хиерархија на потребите“. Во основа на неговата „пирамида на потребите“ е биолошкото задоволувањето на инстиктивните еволутивни физиолошки човекови нагони, а постепеното „освојување“ на различните нивоа кон врвот на пирамидата станува се покомплексно и ретко достижно. Eдноставната интерпретација на оваа теорија, распоредот на поставеноста и меѓурелациите на различните нивоа на потреби, при што преминот кон секое наредно скалило е условено од задоволување на секое претходно, станува усложнета од основната социјална (не)сигурност како предуслов за обезбедување на базичните животни потреби.

Овој концепт со општ призвук ќе ги опфати аспектите на триесетина македонски современи уметници кои на диверзни начини реагираат на егзистенцијалните принципи користејќи различни медиуми за визуелна експресија – од класични: сликарство, графика, скулптура, преку инсталации, објекти, фотографија, па се до видео проекции, дигитални принтови, перформанси, звучни инсталации… Селектираните уметници Исмет Рамичевиќ, Методи Ангелов, Атанас Ботев, Вана Урошевиќ, Ирена Паскали, Александар Станковски, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Марија Сотировска, Дијана Богдановска, Игор Сековски, Славица Јанешлиева, ОПА, Михаела Јовановска, колектив Зеро, Димче Димески, Игор Тошевски, Гоце Наневски, Дарко Алексовски, Крунислав Стојановски, Зени Балажи, Мирна Арсовска, Зорица Зафировска, Александар Спасоски, Жанета Вангели во својот творечки вокабулар користат елементи кои соодветствуваат со главниот дискурс на концептот, секој од нив допирајќи ги точките на есенцијалностите на егзистенцијата на различни начини и од различни перспективи. Со овој тематски пресек, се надеваме и веруваме дека ќе дадеме еден можен аспект кон разгледување на македонската современа уметност.

Куратори на изложбата се Ана Франговска, Маја Чанкуловска Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски.

Истата изложба ќе биде отворена во декември 2015 во Националната галерија на Македонија.

no comments

Read more...

Изложба на Милан Коњовиќ во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 22 мај 2015 година (петок) во 20 часот ќе се отвори изложба на Милан Коњовиќ.

konjevic Mlini, 1935

Историјата на уметноста покажа дека Милан Коњовиќ е еден од оние уметници кои оставиле битно влијание на тековите на бившо југословенското сликарство на дваесетиот век. Својот творечки опус го започнува во текот на втората деценија на минатиот век, а го завршува на почетокот на деведесетите години, поточно 1993 година, кога починува во својот Сомбор.

Имено Коњовиќ во некои кардинални моменти во бившо југоссловенското сликарство се појавува со творештво кое антиципира, инаугурира и ги потврдува особеностите на доаѓачките трендови во уметноста. По прелудијските остварувања во манирот на импресионизмот и посимпресионизмот, својот сликарски концепт го продолжил со рационалистички пристап кон бојата и формата, доспевајќи меѓу првите во бившо југословенското сликарство до кубизмот, подоцна инсистирал на колоризмот и експресионизмот кој ќе стане одбележје на севкупното негово творештво.

Изложбата се реализира во соработка со Галерија Коњовиќ од Сомбор и Завод-Музеј Штип.

___________________________________

no comments

Read more...

Проектот „Во прво лице“ во Мала станица

Во Мала станица на 17 април 2015 година (петок), во 20.00 часот, ќе биде презентиран проектот под наслов „Во прво лице“…

pokana 31324

Во НУ Национална галерија на Македонија, објект Мала станица на 17 април 2015 година (петок), во 20.00 часот, ќе биде презентиран проектот под наслов „Во прво лице“ на која ќе бидат претставени 22 современи македонски уметници: Методи Ангелов, Јован Балов, Атанас Ботев, Гордана Вренцоска, Горанчо Ѓорѓиевски, Велимир Жерновски, Јана Јакимовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски, Ѓорѓе Јовановиќ, Верица Ковачевска, Љубомир Милошески, Ангел Миов, Моника Мотеска, ОПА, Ирена Паскали, Зоран Попоски, Нада Прља, Игор Сековски, Александар Спасоски, Дијана Томиќ Радевска и Микица Трујкановиќ.

Иако како појдовен момент се чувствуваат референци на автопортретот во неговата класична смисла, наспроти појдовниот романтичен мит за Нарцис и психоаналитичкото толкување за појавноста и опсесивноста кон сопствениот лик, делата претставени на изложбата „Во прво лице“ се однесуваат на поинаква ангажирана појавност на авторот во сопствените дела. Ова иницијално истражување на едно своевидно современо автопортретирање презентира дел од авторите кои во различни медиуми го опфаќаат третманот на себеприкажувањето во делата на современите македонски уметници, особено помладата генерација автори. Генерациската припадност и изборот на делата создавани од втората половина на 90тите години на 20тиот век и особено 21виот век, говорат за различните творечки стимулации и медиуми како илустрација на случувањата во контекст на, пред се, македонската општествената реалност во изминативе речиси 20 години.

Изборот, базиран врз дела / автори кои поттикнуваат реакции преку различни содржински компоненти, ја изоставува издвоената интроспекција, и фокусот се поместува на личното доживување кон надворешниот свет. Авторите критички и директно реагираат на стварноста околу нив, без оглед дали таа стварност е нарација од минатото и е базирана врз лична, семејна, колективна, национална меморија (С. Јанешлиева, Д. Томиќ-Радевска, З. Попоски, М. Мотеска…); ироничен однос кон историјата на уметноста (И. Паскали, А. Миов, В. Жерновски, М. Трујкановиќ…); однос кон институциите / институциите на/и системот на уметноста / маркетингот на уметноста (ОПА, Ѓ. Јовановиќ, А. Ботев, Г. Вренцоска, В. Ковачевска, М. Ангелов, Г. Ѓорѓиевски…); или, пак, е саркастичен однос кон доживеаната или „претскажана“ актуелна културно-политичка и социјална стварност, доживеана (Р. Јанкулоски, Љ. Милошески, Ј. Јакимовска, А. Спасоски, И. Паскали, И. Сековски, Н. Прља, Ј. Балов).

Кустос на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска.

no comments

Read more...

Иван Фијолиќ изложува во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 23 декември 2014 година (вторник) во 20 часот, ќе се отвори изложба на хрватскиот уметник Иван Фијолиќ со наслов Нео Н.O.Б.

fijolic 2

Изложбата комбинира 6 монументални скулптури инспирирани од историјата на социјалистичката ослободителната борба и јавните скулптури кои го формирале визуелниот јазик на идеологијата за една генерација.

Новата серија на скулптури од Иван Фијолиќ насловена Нео НОБ дури и не се обидува да ги сокрие своите референци (хрватски) во однос на Социјалистичкиот реализам во уметноста, кој беше доминантен уметнички метод само четири години 1945-1949, по што беше напуштен поради новите политички околности и процесот на де-сталинизација. Тогаш Соц-реализмот станал маргинализирана уметничка продукција, која не направила свој пат кај официјалните раскажувачи на хрватската историја на уметност, или била спомната само за кратко. Зошто Фијолиќ, речиси седум децении подоцна, не навраќа на теоретските идеи, или уште подобро: “насоките” дадени од страна на Павлов, Розентал, или во нашиот случај, Гамулин, кои строго ја пропишуваат темата, содржината и формалните решенија за уметниците со стеснување на границите на уметничката “слобода”? Зошто е Фијолиќ сега заинтересиран за упатување на околностите на продукција на “инструментализирана” уметност, која требаше да создаде “класични слики на сегашноста и славната борба за среќата на човештвото”?

Може да се побараат одговорите на овие прашања гледајќи во централната скулптура од нео НОБ серијата, создадена врз основа на (со намерни излети од оригиналот) споменикот на Аугустинчиќ на Јосип Броз Тито, подигнат во 1948 година, пред неговата родна куќа во Кумровец. Фијолиќ, еден од ретките уметници од помладата генерација чиј фокус на интерес е фигуративно пластичната уметност, го избра повикувањето на споменикот на Аугустинчиќ како почетна точка на игра со естетските и етичките категории на социјалистичката уметност од неколку причини. Фијолиќ презеде задачата за изнаоѓање на социјал реалистичките скулптури “вредни да се споменат” и да направи нови врз основа на нив. Новата скулптура не смее да биде копија, но сепак треба да биде многу блиску до оригиналот. Потоа, тој самиот си постави задача да го најде патот до класичната антика и ренесансната уметност, до грчкиот канон, до Дорифорос, Нике, Микеланџело, преку Социјалистички реализам, но да се остане верен на својот поп стил. Третата опструкција, на која уметникот одговори преку Нео НОБ серијата, беше да се “преведе” педагошката улога на Социјалистичкиот реализам во современиот контекст, имено, да се актуелизира принципот на креирање на уметност за “повисоки цели”. Дали уметноста може да се инструментализира до таа мера, така што треба да се разбуди општеството од својата летаргија, како што се залагале уметниците во почетокот на поствоениот период на другата страна на железната завеса – останува отворено прашање.

Иван Фијолиќ е еден од најпрепознатливите хрватски уметници од помладата генерација и претежно работи во медиум на скулптурата. До сега има изложувано во околу 30 групни и 23 самостојни изложби како во Хрватска така и во странство.

На отворањето на изложбата ќе бидат присутни авторот и кустосот во галеријата Лауба Морана Матковиќ кои ќе ја презентираат уметноста на Фијолиќ.

Оваа изложба претставува иницијатива за соработка помеѓу Националната галерија на Македонија и галеријата Лауба од Загреб, која отвора можност да презентација на македонската современа уметност во Загреб.

no comments

Read more...

Изложба на дела од палатата Фарнезина во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам вчеравечер беше отворена изложбата „Кон почетоците на Европската унија – италијанска архитектура и уметност за палатата Фарнезина“.

farnezina vo chifte 7Изложбата на која се претставени дела од најпознатите сликари на италијанскиот модернизам и архитектонски скици од палатата Фарнезина, е дел од културната програма со која беше одбележано претседателството на Република Италија со ЕУ. Со неа завршува презентацијата на италијанската култура во Македонија која годинава беше поддржана и од Министерството за култура.

- Италијанската култура е двигател на многу развојни процеси во европската уметност и во таа смисла, настаните кои ни ја презентираат италијанската традиција се секогаш со задоволство и големо внимание проследени од нашата културна јавност, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска пред отворањето на изложбата.

„Кон почетоците на Европската унија – италијанска архитектура и уметност за палатата Фарнезина“, како што рече, е приказ на клучните, историски моменти на италијанското општество и Европа во 20-тиот век. Воедно претставува дел од раскошната колекција на палатата Фарнезина која е во сопственост на Министерството за надворешни работи на Република Италија.

farnezina vo chifte 6

- Колекцијата на 22 дела од најпознатите сликари на италијанскиот модернизам и 16-те архитектонски скици ни ја раскажуваат историјата на ова уникатно здание изградено во далечната 1935 година кое има репутација на екслузивен културен простор во кој се сместени врвните дела на авторите кои се синоним за италијанската уметност денес, посочи Канческа-Милевска.

Оваа репрезентативна изложба, додаде, е одлична можност македонската јавност да се запознае со архивскиот материјал за внатрешниот дизајн на палатата кој е дело на архитектот Енрико Дел Дебио но, и со современите уметнички креации на Афро Басалдела, Џани Бертини, Карла Акарди, Пиетро Дорацио, Карло Баталја, Антонио Санфилипо, Антонио Скордиа, Алберто Бевилаква, Америго Тот, Арналдо Помодоро и многу други кои во текот на 50-тите и 60-тите години на минатиот век, кога се поставуваа темелите на ЕУ, одиграа значајна улога во развојот и во афирмацијата на новите ликовни стилови во европската и во светската историја на уметноста.

farnezina vo chifte 4

farnezina vo chifte 3

- Република Италија е наш долгогодишен пријател со кој негуваме традиционално одлични односи во областа на културата. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, Италија донираше повеќе од 300 уметнички дела од современи италијански уметници кои денеска се дел од италијанската колекција на Музејот на современата уметност во Скопје. Радува податокот што дел од овие автори кои ни ја пренесуваат раскошната творечка експресија на италијанската уметност се застапени токму и во изложбата од Фарнезина, нагласи министерката.

Подвлекувајќи дека Македонија и Италија имаат интензивни релации во областа на културата, Канческа-Милевска изрази уверување за натамошно негување на успешната соработка и заедничко реализирање многу проекти како траен доказ за цврството пријателство помеѓу двете земји.

farnezina vo chifte 2

- Да продолжиме и во иднина заеднички да го освојуваме европскиот културен простор, да ја потврдуваме космополитската димензија на културата и уметноста и нејзината моќ да ги обединува земјите и народите, порача министерката Канческа-Милевска.

На изложбата поддржана од Министерството за култура во соработка со Амбасадата на Република Италија во Република Македонија, чиј куратор е проф. д-р Давиде Лакањина, присуствуваа претседателот на државата Ѓорге Иванов, италијанскиот амбасадор Ернесто Масимино Белели и директорката на Националната галерија на Македонија Маја Неделковска Брзанова.

farnezina vo chifte 1

no comments

Read more...

Изложба на Зени Балажи во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица на ден 17.10.2014 год. (петок) во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата на Зени Балажи.

zeni ballazhi 1

На оваа изложба Зени Балажи ќе се претстави со 7 инсталации кои по својата стилска определба припаѓаат во мултимедијалниот или интердисциплинарниот ликовен дискурс. Различните медиуми на изразување како што се сликарството, фотографијата, архитектурата, инсталацијата итн се само алатка на визуелизација на концептуалните идеи за себерефлектирањето каде визулниот мотив во концептуалниот уметнички дискурс станува метајазик или визуелен текст.

Уметноста е авторефлексивна и се засновани на специфичните процедури во создавањето на уметничкото дело, прототеориските контексти на изведба и рецепција, интерпретацијата, конструкција и деконструкција и анализата на светот или системот на уметноста како облици на културната или општествената политика. Овој проект-изложба ги опфаќа темите кои го унапредуваат сестраниот културен национален развој, субстанционалниот развој на уметноста како и тенденцијата за мир, на овие простори.

Изложбата ја сочинуваат разновидните искуства на современата уметност како што се: сликарство, видео-инсталација и презентација на сите нови мултимедијални техники на визуелната уметност. Во овој состав се опфатени новите културни и уметнички наследства, унапредувани во современа, модерна креација и визуелна техника.

Зени Балажи е професор по Концептуална уметност на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, реализирал повеќе изложби во Европа, изработил сценографии за повеќе од 10 филмови, стотици дизајни итн…

____________________________________

Фотографии од отворањето на изложбата…

no comments

Read more...

Ана Матовска со „Related parties“ во Мала станица

На 3 јули 2014 година (четврток), со почеток во 20:30 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе биде отворена самостојна изложба на младата македонска уметничка Ана Матовска под наслов „Related parties“.

Изложбата е дел од програмските активности на НУ Национална галерија на Македонија за 2014 година, а е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија

Ана Матовска е родена во Скопје, Република Македонија во 1982 година. Во 2006 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика со графички дизајн, во класата на проф. Димитар Малиданов. Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Од 2009 година живее и работи во Берлин, Германија. Во 2013 година дипломира на Berliner Technische Kunstschule (Akademie für Gestaltung), отсек комуникација дизајн. Од 2013 година е член на Professional Association of Visual Artist Berlin (bbk berlin e.V.). До сега реализирала 5 самостојни изложби во Берлин (2007, 2009, 2013), Скопје (2007) и Њујорк (2012), а учествувала на 14 групни изложби во: Скопје, Берлин, Париз и Велес. Добитник е на Годишната награда за графика на ДЛУМ “Димче Николов” (2007) и Државна награда за Плакат за “60 години АСНОМ” (2005).

Насловот „Related Parties“ на изложбата на Ана Матовска, претставена во Националната галерија на Македонија, а претходно и во „Gallery MC“ во Њујорк (2012), може да се преведе на македонски најсоодветно како „поврзани субјекти“. Токму именката „субјекти“ и придавката „поврзани“ се означувачки елементи на делата претставени на оваа изложба, изработени во неколку циклуси во период од 5 години. Симболичниот наслов реферира на инсистирање на субјективизам, поседување свој сопствен свет, став и исказ по однос на одредени прашања од реалноста, односно доследно дистанцирање од секојдневието.

Примарен мотив што е присутен во сликите и во фотографиите на Ана Матовска е третманот на женската фигура, било да станува збор за реален модел или, пак, за модел на кукла. Делата од изложбата „Related Parties“, различни според техничката реализација, се поврзани меѓу себе според естетскиот сензибилитет и според изборот на темите. Иако Ана Матовска инсистира на субјективноста на својот сопствен свет, сепак на еден контрадикторен начин тенденциозното бегање од реалноста создава спротивен ефект – од аспект на психолошко-социјални-културолошки толкувања, на виделина излегува една повеќеслојна суптилна (и секако субјективна!) критика на современоста и на нејзините продукти и стереотипи.

Одговорен кустос на проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска. Изложбата ќе биде отворена до 17 јули 2014 година.

________________________________________________

Фотографии од отворањето на изложбата во Мала станица.

no comments

Read more...

“At Least One Cross A Day After 1.1.2002.” на Роман Уранјек

Роман Уранјек е реномиран уметник кој живее и работи во Словенија, еден од основачите на светски познатиот уметнички колектив IRWIN, дел од култната групација Neue Slowenische Kunst (NSK).

At Least One Cross a Day After 12

Роман Уранјек почнувајќи од 1 јануари 2002 година (денот од кога еврото е платежно средство во Европската Унија), кога го изработува првиот крст интервенирајќи врз европската валута евро, започнува проект насловен At Least One Cross A Day After 1.1.2002 со што секојдневно изработува дело во кој го употребува крстот.

Создадените дела се конципирани во книги (Artists Book) и e проект разработен во неколку тематски целини.

no comments

Read more...