Македонски Цртеж

Цртежот, односно линијата е основен и наједноставен елемент во ликовното изразување. Со него почнал да се занимава првиот човек, со него почнува детето, а исто така својата идеја ја осмислува и ликовниот уметник. Цртежот има фундаментална улога во ликовното креирање бидејќи преку него може да се претстави поголем дел од она што го чувствува уметникот. Всушност, самиот цртеж е ликовна арматура на уметничкото дело. Тој ја бележи првата мисла на уметникот и е начин со кој однапред се резервира местото на бојата. Самиот цртеж настанува брзо, непосредно и лесно, а едновремено овозможува и преод кон сликата, скулптурата или таписеријата.

Застапен е во сите пластични уметности (сликарство, скулптура, графика, таписерија, архитектура), како и во применетите уметности (плакат, дизајн, сценографија, костимографија, керамика, карикатура).

Цртежот во македонското современо творештво се јавува како неодминлива предлошка и е дисциплина што ни овозможува поконцизно да ги согледаме развојните промени во уметничките достигнувања.

Колекцијата на цртежот на Националната галерија на Македонија започна да се гради уште од нејзиното основање и дејствување како Уметничка галерија – Скопје (1948) и е навистина обемна и разновидна. Галеријата располага со цртежи од најстарата генерација уметници, од основоположниците на македонската современа уметност, преку цртачките остварувања на средната генерација македонски уметници, како и од најмладата генерација на ликовни творци. Во овој контекст треба да се спомене и извонредно богатата збирка на цртежи од автори од бившите југословенски простори, чијшто обем ја достигнува бројката од над 150 цртежи, со различна тематика и стилска обоеност.
Фондот на цртежот на Галеријата од година в година беше збогатуван и со доделувањето на откупната награда на традиционалната годишна ДЛУМ-ова изложба ‡ цртеж.

Денес фондот на цртежот во Националната галерија на Македонија брои повеќе од 300 цртежи.

Презентирањето на цртачките остварувања во Галеријата го следиме уште од шестата деценија на минатиот век, преку значајни изложби на странски уметници (изложбата на цртежи на англискиот уметник Хенри Мур, 1955; меѓународната изложба на детскиот цртеж, 1954), како и преку презентирањето на цртачкото творештво на нашите најистакнати уметници.

Во Македонија почетоците и развојот на цртежот можат да се следат уште од творештвото на првата генерација академски образовани уметници.

Особен придонес во цртежот даде Никола Мартиноски чијшто цртачки опус навистина е обемен и разновиден. Националната галерија располага со значајна збирка од овој уметник, која што опфаќа цртежи од најраниот негов период (30-тите години), па се до 70-тите години на минатиот век, и која ни овозможува да ги забележиме сите негови стилски особености. Преку своите цртежи тој не’ запознава со тешката социјална и економска положба на народот во предвоениот период. Со пробивна точност на виртуозно користената линија изведува човечки претстави, необично впечатливи и исполнети со уметниковиот хуманистичко-социјален пристап кон мотивите. Особено важни за нашата повоена уметност се неговите цртежи од шестата деценија каде што доминира новиот пристап кон ангажираната тематика. Тие се засновани на смело и впечатливо применувани експресионистички, посткубистички, надреалистички и традиционални елементи (Грос, Пикасо, Шагал, византиската уметност), а во многу од нив блика незадржана еротика.

За Димитар Пандилов Аврамовски е карактеристично тоа што преку цртежите најдоследно ни ја искажува својата интимна, емоционална суштина, како и трајните ликовни поттици и афинитети од кои е условена. Националната галерија поседува цртежи од 1952,1953 и 1962 година, со различна тематика, преку кои што ги следиме сите негови цртачки способности.

Лазар Личеноски со цртежот се занимавал попатно, всушност го користел само како скица или студија за понатамошното сликарско дело.

Иако првите генерации македонски уметници по Втората светска војна беа школувани во други академски центри (Белград, Љубљана, Загреб), каде што ги следеа современите светски струења, сепак тие во себе го задржаа интимното од своето поднебје, својата културна историја. Секој од овие уметници е препознатлив по својата линија и боја, а има и свој индивидуален начин на изразување, забележителен и во цртежот. Особен печат во развојот на македонскиот цртеж оставија творбите на Петар Хаџи Бошков, Драгутин Аврамовски-Гуте, Ристо Калчески, Иван Велков, Димче Протуѓер, Владимир Георгиевски, Жарко Јакимовски, Ана Темкова, Илија Пенушлиски, Благоја Николовски и други.

За развојот на цртежот во Македонија важна улога одигра и дејствувањето на групата “Денес” (1953), која се определи за демократизација на ликовниот живот и осовременувањето на македонската уметност. Групата му посвети посебно внимание на цртежот како ликовна дисциплина.

Во зависност од творечките барања на авторите, македонскиот цртеж понатаму се развива во повеќе стилски насоки: форми на надреалното и фантастичното во впечатливите цртежи на Васко Ташковски; елементи од барокот, симболизмот и надреализмот кај Рубенс Корубин и Свето Манев; кај Родољуб Анастасов се јавуваат надворешни урбани средини во кои доминира градежно-архитектонската маса, а човекот е претставен како силуета; определбата за експресионистичко изразување кај Петар Мазев, со елементи на апстрактен експресионизам, цртежот го развива во змиести, спирални, искршени геометризирани или испреплетени линии, и Глигор Чемерски со карактеристичната необична фигуративност во цртежот (како и во сликите); цртежот на Симон Шемов се развива паралелно со неговото графичко и друго творештво, низ фази на поголема фигуративна читливост и сентименалност итн.

Исто така и повеќето наши скулптори дадоа одреден придонес во развојот на македонскиот цртеж. Се истакнуваат цртежите на Јордан Грабулоски коишто се поврзани со неговите скулпторски дела; во цртежите на Стефан Маневски се комбинирани нијансирани или еднообразни земјано-окерасти основи и во нив се вметнати делови што цртачки покажуваат некоја визуелна и духовна јатка на делото итн.

Од помладите генерации македонски ликовни уметници, во оваа прилика застапени се дела од Славчо Соколовски, Зоран Малиновски, Богдан Грабулоски – Бонач, Кољо Мишев и др.

This post is also available in: English, Albanian