Даут пашин амам

Изложбен простор Даут Пашин Амам

daut pasin amam

Даут Пашин Амам e историски споменик на Исламската култура и убав пример на Исламска архитектура. Амамот е изграден од Даут Паша во втората половина на 15 век. Градбата првобитно била поделена на машки и женски дел и имала површина од 900 метри квадратни. Во 1948 година Амамот бил реставриран и адаптиран за својата нова функција-уметничка галерија.

Нови реконструкции на внатрешноста на галеријата се извршени во 1982 и 1999 година.

Првата постојана поставка на Галеријата од 1951 година содржела примероци од македонските икони (14-19 век), копии од древни фрески и модели на македонски средновековни цркви, како и уметнички дела на првата генерација современи македонски уметници пред втората светска војна и дела од уметници од поранешна Југославија.

Денешната постојана поставка е оформена во 2001 година, како приказ на развојот на македонската ликовна уметност од 14 до 20 век.

Во изминатиот период, Националната галерија организираше разновидни ликовни манифестации. Покрај повременото презентирање на одделни делови од збирката, галеријата организираше и изложби на кои беа прикажувани дела од домашната и странската ликовна сцена. На меѓународен план, Националната галеријата на Македонија отвори полиња на соработка со значајни светски центри: Виена, Венеција, Берлин, Истанбул, Дрезден, Нирнберг и други.

Daut Pashin Amam

ДАУТ ПАШИН АМАМ (ИСТОРИЈАТ)

Даут пашин амам се наоѓа во центарот на градот, во близина на Камениот мост, Старата скопска чаршија и Калето. Со својата местоположба, монументалност и извонредна архитектура делува импозантно во просторот кој што претставува историско јадро на градот. Амамот е од типот на двојни амами (машки и женски) и претставува бисер на монументалната исламска профана архитектура од средината на XV век.

Според податоците, градбата на амамот била започната во 1446 година по наредба на Даут Паша – висок службеник во тогашната Османлиска империја. Тој се споменува и како анадолски и румелиски беглербег и како босански санџакбег. Даут Паша бил познат по склоноста кон раскош, особено кога станувало збор за потребите на убавиците од неговиот богат харем.

Изградбата на овој монументален објект – околу 900 кв.м., со 13 нееднакви куполи, од кои што две доминираат – траела околу три години и во неа учествувале познати ѕидари од Дебар. Амамот извесно време работел, но за загревање на пространите и високи простории се трошеле големи количества дрва. За потребите на амамот во тој период биле исечени речиси сите шуми во околината на градот.

cifte i daut pasha

Од друга страна, според една легенда, амамот воопшто не проработел, бидејќи при завршувањето на работите змија ја каснала многусаканата ќерка на Даут Паша. Тој пак сметал дека е тоа господова казна бидејќи амамот го подигнал на место на ранохристијанската црква која што ја урнал. Објектот подоцна служел како магацин а со тек на време бил опкружен и со мали дуќанчиња .

По Втората светска војна амамот е реставриран и пренаменет во Уметничка галерија (1948), која што подоцна ќе прерасне во Национална галерија на Македонија. Денес во Даут пашиниот амам е сместена Постојаната поставка на македонската ликовна уметност XIV-XX век. Оваа поставка практично претставува единствено место каде што може да се види развојот на ликовната уметност во Македонија, од средновековните икони до најнови дела од крајот на дваесетиот век.

mala stanica daut chifte

This post is also available in: English, Albanian