Изложба на Александар Кондев – Фото приказна: „FRAUENKIRCHE – Проект во процес“

Share Button

Проектот „FRAUENKIRCHE – проект во процес“ ја потенцира документаристичката страна на фотографијата, но во случајов користејќи ја можноста за континуирано регистрирање на повеќегодишната обнова на катедралата FRAUENKIRCHE во Дрезден, целосно уништена за време на сојузничките бомбардирања на овој град во последните месеци на Втората светска војна.

Наспроти тоа, на граѓанска иницијатива на жителите на Дрезден, во осумдесеттите години на минатиот век започнува постапната реконструкција на оваа катедрала, врз основа на зачуваните планови и (преку посебна постапка) нумерираните остатоци. Престојувајќи повеќе пати во Дрезден и инспириран од значењето но и работата на реконструкцијата на катедралата, Александар Кондев го осмислува „проектот во процес“ односно фотоприказната за реконструкцијата на FRAUENKIRCHE. Во неколку фото сесии, во распон од цели дваесет години (1998 – 2018) Кондев ја развива фото приказната за Frauenkirche, симболот на градот Дрезден.

Фото приказна: FRAUENKIRCHE – проект во процес“,
21 Мај – 11 Јуни, Мала станица


Кондев Александар /1950/, роден во Скопје, каде што го започнал и своето школување. Уште во основното училиште се запознал со фотографијата и фотографската техника и активно учествувал на натпреварите по фототехника, каде освојувал и награди.
Неговата нагласена индивидуалност го насочила неговиот интерес кон филмот и анимацијата која што во основа е предмет на личен ангажман на еден автор, но во исто време покажувал интерес и за експериментите во играниот и докуметарниот филм. Со својот прв игран филм “Ден како секој ден” освоил награда за дебитантски филм на Републичкиот фестивал на аматерскиот филм во Скопје во 1967 година. Паралелно работел на анимации и експериментални филмови. Во тој период Кино клубот “Камера 300“ претставувал место на ширење на филмската култура, но и на самообразование преку проучување на филмската техника.


Паралелно си студиите на Економскиот факултет во 1969 година, се враќа на фотографијата како член на Фото клубот “Вардар” во Скопје. Членувањето во овој клуб било проследено со учество на голем број изложби во тогашна Југославија и во странство, како и неговата прва самостојна изложба во галеријата на Домот на младите “25 Мај” во Скопје во 1977 година.
Кондев е основач на Фото клубот “25”, каде што активно делувал и како педагог и како излагач. Во тој период, во 1979 година, ја организирал и неговата втора индивидуална изложба во Домот на младите “25 Мај”.
Во 1981 година започнал да работи во фотографското студио на “Фотоцентар” во Скопје, каде што соработувал и со повеќе други институции и агенции во областа на фотографијата. Дел од своето време посветувал и на активности во Фото сојузот на Македонија и Југославија, каде што учествувал на бројни изложби како член или претседателот на жири. Од 1989 година работи како самостоен фотограф.


Во 2015 година, Националната галерија на Македонија му приреди Ретроспективна изложба, во објектот Чифте амам, што ги опфати неговите фотографии создадени во периодот 1969-2015 година.
Во периодот 1994 – 2001 година предавал фотографија на Академијата за ликовни уметности при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” во Скопје.
Живее и работи во Скопје.

2 people reached

Share Button