Изложба на Благоја Маневски и Јован Шумковски во КИЦ Софија

Share Button

Во рамките на Програмата на Националната галерија на Македонија, за меѓународна соработка во Културно информативниот центар на РМ во Софија, Бугарија на 16 ноември 2015 година (понеделник) во 18 часот ќе се отвори изложба на Благоја Маневски и Јован Шумковски со наслов „Ретро-спекции“.

Ретроспекции

Ана Франговска

Благоја Маневски и Јован Шумковски се едни од најафирмираните и клучни имиња во генерирањето на македонската современа сцена. Тие се претставници на генерација творци што ги почнаа своите активности од средината на осумдесетите и во крајот на таа и во наредната деценија извршија поместувања и осовременувања на визуелниот уметнички израз на национално ниво. Нивниот „револуционерен“ подвиг кој се прелеваше и низ содржинско-концепцискиот дискурс и низ техничко-технолошките иновации на добата е причина за насоките што ги следеа понатаму и идните уметници во оформувањето на македонскиот ликовен паноптикум. Тие се денес главна алка во едукативниот систем (како професори на Факултетот за ликовни уметности) и во моделирањето на профилот на идните творци.

shumkovski manevski  8

Иако според изразноста многу различни, сепак често изложуваат заедно бидејќи на духовно ниво се мошне сродни, секогаш носејќи го духот на времето и на актуелноста. Изложбата „Ретроспекции“ не е нивна ретроспектива иако името веројатно носи такви асоцијации, но всушност станува збор за навраќања наназад со неизложувани дела или со синестезии чија аналогија може да се најде во поранешни идеи, концепти и дела. Еден вид нурнување назад со цел да се даде една нова звучност и рецентност денес и сега.

shumkovski manevski 6

Јован Шумковски со дел од својот циклус дела насловени „Блиско минато и една антиципација“ (избрани адекватно на просторот во Македонскиот културен центар во Софија), имено со делата „Прва плоча“ и „Епитаф“, се навраќа на свои поранешни и неизложувани реализации, во кои има спој на повеќе ретроелементи, имено интересен спој на бетонот – како материјал што го потсетувал на детството и на дела на неговиот татко со кои растел и го дишел духот на креативниот чин, во кој „заробува“ елементи како траги на едно време, настан, момент, сегашност (мошне специфично за неговиот визуелен израз), а другиот е спектар интереси што го интересирале отсекогаш, а тоа се дискурси за просторот, градот, сразмерноста, елементарната меѓузависност и, секако, општествено-социјалниот импут во таквата казуалност.

Благоја Маневски, пак, во цртежите „Немирот“ и „Спокојот“, на некој начин нè навраќа на неговите „Логични слики“, но и на поранешни цртачки експерименти во кои генерираниот елемент на линија (пластична или цртачка) е клучен. Таа ја создава содржината на делото, го гради просторот на самото дело, но и окупира одреден простор, следствено на поранешната интенција на Маневски за просторно-пластична трансформација на дводимензионалната плоха на делото во тридимензионален градбен елемент на дадениот простор. За разлика од поранешните слободни линии што го обликуваат „волуменот“ на цртежот, овојпат авторот користи линеар пледирајќи кон воведување на индустрискиот елемент – т.е. вклучувањето на машинскиот елемент во нашиот општествен живот, не само во однос на техниката, туку и во однос на тоа дека ние самите стануваме машини што слепо „штанцаат“ одредени наложени правила на игра. Линеарното повторување сè до комплетно исполнување на целиот простор создава хроматски диференцијации што му даваат правец на дејството.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

„Ретроспекции“ на Шумковски и на Маневски е интересен преплет на некогаш и на сега во нивните индивидуални развојни линии, но и на некогаш и на сега во еден поширок општествен контекст. Оттука произлегува и нивната секогаш интересна актуелност и свежина.

Share Button