Македонска современа уметност по 1945 година

Кон современ израз (1945-1960)

Во шестата деценија постепено се создадоа општествени околности за слободно творечко изразување што поттикнаа пресвртни процеси и во ликовната уметност. Тие се темелеа и на македонското предвоено модерно сликарство: на Пандилов, Личеноски и Мартиноски. Незапирливо пробиваа и низа нови стилски правци, заедно со појавата на повоените ликовни генерации. Школувани надвор од Македонија, тие ги надминаа академските формули преку моделите на фовизмот, експресионизмот, симболизмот, надреализмот.

 

Современа македонска уметност (1960-1980)

Појавата на апстрактното сликарство на преминот од шестата во седмата деценија беше поттикната со стремежот на нашата средина да се вклучи во општите современи процеси. Некои сликарски мотиви се сведуваа на фино геометриски обликувани детали: во иконовидните состави на Кондовски тие се преземаа од византиски, фолклорни и ориентални мотиви; а во ликовните амбиенти на Душан Перчинков, од природни и урбани ситуации. Други сликари го прифатија енформелот, за ненаративен дијалог со себе и со светот; со својот физички, социјален, етнички и духовен контекст.

Во осмата деценија опстојуваа: фигуративната фантастика (ангажираната, на Васко Ташковски; “наивната”, на Вангел Наумовски); агресивните експресионистички дисторзии на сликаната граѓа (Мазев, Чемерски); грижливо сликаните нефигуративни состави (Калчевски).

 

Кон нови потраги (1980-1990)

Драстичните општи историски пресврти во осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години; радикалните ревизии на многу вредности во духовната и естетската сфера, го менуваа и севкупниот живот во Македонија. Некои истакнати сликари и тогаш создаваа дела усогласени со епохалните ликовни движења.
Едновремено, група млади уметници ја усогласуваа својата естетска свест со современата епоха и со сопствениот уметнички контекст. Во својот нов ликовен дискурс го преомислуваа сето она што им претходело: пред се, светската и македонската современа уметност станаа негова граѓа, предавана со култивирана (“традиционална”) обработка на делата.

This post is also available in: English, Albanian