Националната галерија на Македонија со богата програма и значајни проекти

Share Button

mala stanica mala 3

Изминатата година во објектот „Мала станица“ беше извршена целосна реконструкција на системот за греење и ладење, што беше неопходно за самиот простор, како и реконструкција на предната фасада на објектот со цел просторот кој е наменет за најразлични галериски перформанси и промоции да биде ставен во функција на уметниците …

Повеќе значајни проекти се реализирани во изминатиот период во Националната галерија на Македонија, чија основна дејност е колекционирањето, негувањето и презентацијата на ликовното творештво. Два проекта во делот на инвестиции во објектот „Мала станица“ се целосно завршени од страна на Националната галерија, а годинава во делот на инвестициите ќе се реализираат уште два исклучително значајни проекти, и тоа за Даут-пашиниот амам и за Чифте амам.

Националната галерија на Македонија годинава нуди програма која вклучува голем број ретроспективни изложби на наши истакнати уметници, ќе учествува со голем број проекти во културно-информативните центри во Софија и во Њујорк, а ќе се претстави и на Венециското биенале. За успешното функционирање на Националната галерија на Македонија задоволство изрази министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која денеска ја посети оваа национална установа.

– Изминатата година во објектот „Мала станица“ беше извршена целосна реконструкција на системот за греење и ладење, што беше неопходно за самиот простор, како и реконструкција на предната фасада на објектот со цел просторот кој е наменет за најразлични галериски перформанси и промоции да биде ставен во функција на уметниците – рече Канческа-Милевска.

Таа посочи дека во програмата за годинава во делот на инвестициите ќе се реализираат два исклучително значајни проекти – едниот за уредување на депото на галерискиот објект Даут-пашин амам, а другиот е наменет за галерискиот објект Чифте амам.

– Во рамките на проектот за уредување на депоата во националните институции, влезен е и Даут-пашиниот амам каде што Националната галерија ќе изврши целосно уредување на депоата, како и проектот наменет за галерискиот објект Чифте амам. За него е изработен основен проект од страна на Националната галерија кој опфаќа целосно спречување на влагата во објектот. Проектот е околу 17 милиони денари. Ќе се уреди и дворниот простор на Чифте амам каде што ќе биде поставена и ограда – истакна Канческа-Милевска.

Таа се осврна на реализираните многубројни ретроспективно-монографски изложби, како и на соработката со други центри, како што е онаа со Чешкиот културен центар. Исто така, министерката укажа на изложбата која минатата година се одржа во Чешка по повод одбележувањето 20 години дипломатски односи со Чешка, а ја нагласи и соработката со Словенија.

– Нешто што сакам да потенцирам, а е од исклучителна важност за Република Македонија, е во однос на Музејот на Лазар Личеновски. Целосно е завршена оставинската постапка во врска со куќата на Лазар Личеновски, државата додели два стана, она што се бараше од страна на сопствениците. Процедурата е целосно затворена, правосилно е решението, а остануваат уште административните работи – рече Канческа-Милевска.

Таа потенцираше дека Националната галерија се подготвува за уредувањето на Музејот на Лазар Личеновски, а идната година, кога се одбележуваат 115 години од раѓањето на Лазар Личеновски, а тоа е април 2016 година, планирано е да заврши целокупното уредување и да се отвори Музејот за посетителите.

– Минатата година почнавме со откуп на ликовни дела како една стимулативна мерка. Откупени се околу 64 ликовни дела од 60 уметници. Планираме годинава да има изложба со цел јавноста да види што има откупено државата. Дел од откупените ликовни дела влегуваат во поставките на Националната галерија и на Музејот на современата уметност, тука влегоа 16 ликовни дела, и се планира заедничка изложба на двете институции – додаде Канческа-Милевска.

Директорката на Националната галерија на Македонија, Маја Неделкоска-Брзанова, рече дека и годинава имаат обемна програмска активност и настојуваат да реализираат проекти кои се однесуваат на афирмација на македонската современа ликовна уметност на автори кои оставиле голем белег во нејзиниот развој, како и на помладите генерации.

– Предвидени се две ретроспективни изложби на Томо Шијак и на Александар Кондев. Потоа имаме неколку истражувачки проекти кои ги опфаќаат авторите Борко Лазески, Вангел Наумовски, Спасе Куновски… кои ќе се одвиваат во неколку фази и крајно би било реализација на ретроспективни изложби проследени со соодветни публикации – истакна Неделкоска-Брзанова. Меѓународната активност, посочи таа, опфаќа соработка од реципрочен карактер – Чешкиот културен центар годинава гостува кај нас со дела од современата чешка уметност.

– Ќе гостуваме во Загреб со еден проект на Ана Франговска, Маја Чанкуловска Михајловска и Горанчо Ѓоргиевски, а имаме три проекти во Културно-информативниот центар во Софија со Тома Мишев, Жанета Гелевска, Благоја Маневски и Јован Шумковски, а во Културно-информативниот центар во Њујорк со Ивана Пирковска и Александар Таневски итн. – додаде Неделкоска-Брзанова.

Share Button