Silentio Pathologia пред Венециската публика

Share Button

Македонскиот павилјон на 55 Венециско биенале имаеше одлично отворање, проектот Silentio Pathologia на Елпида Хаџи Василева предизвика неверојатен интерес кај публиката.

venezia bienale makedonski paviljon 1

На отворањето имавме повече од 200 гости, меѓу кои во најголем број галеристи, куратори, уметници, претставници на фондации, директори на музеи, делегации и слично. Моќниот проект, неговата комплексност и интригантност, одличната локација на нашиот павилјон, добрата маркетингшка покриеност сето заедно придонесоа да во изминативе 4 дена имаме над 1000 посетители.

И како што истакна Џил Хедли на отворањето: „По 20 години од првото претставување на Р.Македонија на Венециското биенале, за првпат се покажува со сериозен проект, проект кој нема да ве остави рамнодушен во секој поглед, поаѓајќи од грандиозноста, монументалноста, моќта на самото дело, преку неговата изведба, посветена работа, промисленост, па се до многубројните комплексни значења кои се преплетуваат во базичниот контекст“.

venezia otvoranje2

Директорката на Националната галерија на Македонија, Халиде Палоши, изјави дека:

Почитувани претставници на медиумите,

Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство денеска да ве поздравам и да ви се обратам како комесар на изложбата Силентио Патхологиа на авторката Елпида Хаџи-Василева, која е наш официјален претставник на 55-то Венециско биенале и како директор на Националната галерија на Македонија.

Со непосредната и несебична помош и поддршка на Владата на Република Македонија, Министерството за култура на Р. Македонија, како координатори на настанот, Министерството за надворешни работи на Република Македонија, македонскиот конзулат во Венеција, Британскиот уметнички совет, спонзорите, медиумите кои катадневно ги следеа подготовките, а сега веќе синхроно ги пренесуваат случувањата, стручниот и технички кадар на нашата институција Националната галерија на Македонија вклучени во реализацијата на овој проект, нашето претставување на 55-то Венециското биенале е мошне успешно, квалитетно и професионално, што и беше наш императив. Оттука ја изразувам нашата искрена благодарност до сите нив.

Македонското претставување на оваа престижна светска манифестација од визуелната уметност – Биеналето во Венеција е од големо значење за промоција и афирмација на Република Македонија, на македонската култура и уметност.

Елпида Хаџи-Василева е уметник со веќе потврден уметнички квалитет, талент и детерминираност што ги потврдуваат критичарите уште со нејзиното прво јавно претставување. Нејзиниот плодотворен и скалест креативен раст со исклучителни и забележани презентирања (пред сѐ, од еснафот, а атрактивни и за љубителите на уметноста), а од друга страна и нејзиниот квалитативно-сижејно концентриран понуден проект како предлог за претставник на македонскиот павилјон на 55-тото Венециско биенале се причини за добивањето на довербата на комисијата при Министерството за култура на Р. Македонија.

venezia otvoranje3

Silentio Pathologia е скулптурален објект-инсталација изработен за дадениот простор на прекрасниов објект Сцуола деи Ланери во Венеција. Проектот има длабока структурност во однос на пластичната изведба, т.е. тој е мошне диверзен, интригантен, предизвикувачки, намамувачки, шокантен, забавен, експресивен, наративен, едукативен и поседува многу други карактеристики и квалитети во однос на физичкиот изглед и естетската сензација.

Македонија се претставува со свој национален павилјон на Венециското биенале веќе по 9 пат и сигурна сум дека, нашиот овогодишен национален претставник ќе предизвика особен интерес и дека ќе биде одличен репрезент на македонската традиција и култура.
Елпида, искрено Ви честитам и Ви пожелувам многу среќа во понатамошната кариера, а во оваа прилика го прогласувам павилјонот за отворен.“

Хаџи-Василева и кураторот Франговска се презадоволни од проект и од неговата финална целина, од посетеноста на павилјонот, од реакциите, од интересот и се во очекување на продолжени и продлабочени презентации на самото дело и иницијација на наредни проекти и соработки со заинтересирани страни по многубројните остварени контакти.

Share Button