Видеотрилогијата „Анатомија на векот“ на Гоце Наневски во Мала станица

Анатомија на векот, видеотрилогија на Гоце Наневски ќе биде прикажана на 4-ти мај (четврток) во Мала станица, 20 часот 

pokana_anatomija_na_vekot_nanevski

Најновиот проект – три индивидуални видеа имаат концепциско-документаторски карактер. Наневски во оваа трилогија е социјално-политички ангажиран. Неговиот јазик не е буквален и директен, не е априорна реакција и критика на актуелното секојдневие, туку преку малите суштествени наративи со многу генерална конотација укажува на мошне клучни деформации на општествената свест, кои ги дефинираат ликот и опачината на претставникот на едно трансформирачко општество без видлив расплет.


Во Раѓање, го обработува повеќеслојно аспектот на раѓањето виден низ разновидни призми, од најбазичната биолошко-физичка – предадена во разговор со доктор гинеколог и ембриолог (и бремената со прво дете); преку духовното раѓање и соживотот со Бога – во облик на есхатолошко-философски аспекти на еден православен свештеник – а всушност доктор по философија; онтологии за философското и општествено-социјално „раѓање“ и созревање – во ставовите на д-р по философија, професор и аналитичар на социополитичките состојби; па сѐ до женски наративи за физиологијата на жената-мајка – успешни професионалки во своите области, чии животи се менуваат со чинот на раѓање ново битие што ги облагородува и ги прави подобри личности (без оглед дали станува збор за едно или за повеќе деца).



Судбина, пак, третира претставници на најранливата категорија граѓани во Македонија кои се комплетно маргинализирани – Ромите, а од друга страна и малцинство со кое се поврзува зборот судбина и во позитивна и во негативна конотација. Интегрирањето и еманципацијата на Ромите кај нас зема посебен замав во последното десетлетие, особено во полето на едукацијата и инкорпорацијата во општествените сфери, но, за жал, сѐ уште само Ромите ги среќаваме да просат на улиците (без оглед на возраста). Во видеото Наневски го проблематизира овој микросвет, со цел индиректно да критикува во два правци – и општеството што не се грижи доволно, но и решението на оваа заедница да се задоволи со стереотипите и да не се освести дека решението за судбината е во сечии индивидуални раце. Визуелно, ова видео е ослободено од колорит, т.е. е црно-бело, а во него е вклучена авторска музика, шумење од замрзнати видеофрејмови со ефект на снег, како и звуци и кадри кои се добиени со иреверзибилно течење на одредена видеосеквенција.


Во третото видео, Ние, вампирите, Наневски се занимава со сказните и преданијата на старите народи и македонските племиња што се пренесувале од колено на колено и во кои се верувало дека постојат вампири за да прејде дијалогот постепено во анализа на актуелното општество и во персонифицирање на актуелните проблеми во политичкиот, економскиот, социјалниот и културниот свет како дело на вампири. Давајќи му една духовита димензија на целиот видеопреглед, всушност со многу критика и автокритичност, авторот  констатира дека сите ние сме вампири на денешното време и дека сите актуелни општествени малформации се случуваат благодарение на нас и се иницирани директно или индиректно од сите социјални фактори на една заедница. Еден интересен коментар на соговорникот Коста вели : „…вампирите четири вреќи ќе ти земат, ама една ќе ти остават, значи имале некаква етика…“, за разлика од „современите вампири“ кои немаат етика, а уште помалку морал и скрупули.

Видеата имаат и забавен елемент бидејќи играат на тенка линија помеѓу пренагласена сериозност-ангажираност и духовитост, продлабочени размисли наспроти модули кои имаат многу плитка животна философија итн. Наневски визуелно ја обликува личната перцепција за анатомијата на животот, т.е. за конструктивните аспекти на животот (како во скулптура) приоѓајќи им како на скелетон кој бара статичност и издржаност.

Изложбата ќе може да се погледа до 24-ти мај 2017 год.

no comments

Read more...

Гостување на НГМ со изложбата “Леб и сол” во Виена

Во организација на Националната галерија на Македонија, во Palais Porcia во Виена, на 7 ноември 2013 година (четврток), во 18:30 часот ќе се отвори изложбата Леб и сол, на која ќе изложуваат 12 македонски уметници.

raspetie Janeslieva 1

На изложбата насловена „Леб и сол (транзиција и пол)“ се опфатени 12 различни аспекти на видување на транзициските и половите дискурси во македонското општество денес.

Zernovski 2

Генерациската разнородност на селектираните уметници, како и медиумскиот богат концентрат (од класичните слики и скулптури, па се до објекти, инсталации, фотографии, видеа, плакатски решенија) нудат една поопшта слика на актуелностите во македонската современа уметност во последната деценија.

Низ дванаесетте селектирани гледишта на Искра Димитрова, Ирена Паскали, Славица Јанешлиева, Зени Балаќи, Александар Спасоски. Мирослава Микица Трујкановиќ, Таби Азири, Дијана Богдановска, Осман Демири, Гоце Наневски, Велимир Жерновски и Филип Јовановски е акумулиран симулакрумот „Леб и сол (Транзиција и пол)“. Преку авторските визуелно-концепциски јукстапозиции допрени се перспективите на забореваната традиција и припадноста, како и брзата глобализација чиј еден од многубројните последични рецидиви во културолошки смисол е појавата и негувањето на турбо и поп културата, со емфаза на кичот.

Се обработува дихотомијата сиромаштија („лебот наш насушен“) – изпермутиран квази капитализам. Потоа, од историска призма, се наѕираат аспектите на наметнатиот матријархат (од времето на печалбарството), па преодот во патријархат во социјализмот, до денешното, затскриено ривалство на половите за доминација (и покрај начелната еднаквост и рамнотежа).

Низ визуелни решенија се допираат и ставовите, произлезени од општествените стеги и наметнатите авторитарни нормативи, на феминистичките групи за себството, а исто така и правата, еднаквоста, слободата и почитувањето на поинаквите во сексуалната определба. Аспектот на “lost in translation” или лична интерпретација на „изгубени во преводот“ … транзицијата.

paskali

Куратор на изложбата е Ана Франговска.

Изложбата ќе ја отворат г-а Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија, г-а Карин Цимер, од Министерството за образование, уметност и култура на Австрија и г-дин Ѓорѓи Филипов, амбасадор на РМ во Австрија.

——————————————————–

Искра Димитрова, авторка со уметнички дефинирани и цврсти ставови за својот женски творечки јазик, преку перформативни (т.е. акциски) или преку интровертни експлорации ги обработува дискурсите на себството и идентификацијата пред се, потоа на својата женска природа (истражувајќи ги и границите на андрогеност или безполовата принципиелност), аспектите на физичкото наспроти духовното присуство / отсуство (користи одливци од своето тело или траги од него), стравот, медитативноста, пулсирањето. Транзициските процеси (видени низ различни призми) го определуваат „портретот“ на презентираното тело кое балансира меѓу живата реалност и апстрактното ништо.

Ирена Паскали го презентира сопствениот пат на „одење“ од исток кон запад виден низ нејзината женска призма. Тој пат и беше и сеуште е едно решение за бегство кон подобри услови за живот на жителите на луѓето од социјално загрозените земји, во најголем дел земјите од источниот блок, кои се соочија со многубројни транзициски состојби. Тоа е пат на одење „по јаже“ кој е сосема несигурен и кој не гарантира никаква иднина. На патот човекот се соочува со разнородни политички информации кои поставуваат замки и ограничувања. Паскали емфазира и одредени социо-политички сцени од минатото и од сегашноста, а политиката на тој пат ни е нам се. Босоноги пуштени во авантурата за потрага на подобро утре патникот во неа (политиката) го гледа и утрото, пладнето и вечерта, таа му е татко и мајка. Таа е животната циркулација.

Славица Јанешлиева во своите дела честопати ја истражува историјата на својата фамилија, навлегувајќи во суштината на традицијата, на раскажувањето на приказни, преданијата, светоста на бракот и релацијата на машко – женските односи, минатото човекољубие наспроти денешниот какофоничен релативизам кон се што значи почитување, релација, однос. Реинтерпретирајќи разнородни фактички аспекти видени низ сопствената уметничка и женска визура, се навраќа кон традиционалните спецификуми преиспитувајќи ги генеалошките дискурси, како и дискурсите на себе-идентификацијата.

Зени Балаќи прави одлична игра на опоненции, на спротивставености, покажувајќи го својот однос кон бидување активен и самосвесен сочинител во општественото битисување. Поврзувањето на старите елементи, преку концептуалниот именител (во ready made, фотографски, дизајн визуелни  решенија) со сосема диверзни принципи, несвојствено апликабилни на примарниот чинител даваат една ребелионска димензија на имиџот. Половите асоцијации и користењето на симболиката инклинираат кон меѓусебната зависност на двата принципа (машкиот и женскиот).

Александар Спасоски го третира воајеризмот, како специфика на многу поединци, но пред се како  својствена карактеристика на социјално загрозените земји како своевиден одговор на сопствената неисполнетост и желбата за нурнување во и живеење на туѓиот живот. Тој синдром –воајеризмот, говори и за осаменоста на современиот човек, отуѓеноста и минливата комуникација. Сакајќи или не, во видеото, Спасоски секој од нас го става во улога на воајер, во позиција на безизлезност и миметичност, состојба без почеток и крај, континуирано сведоштво без конклузии и завршени приказни.

Мирослава Микица Трујкановиќ низ апсолутно лична визура (она е секогаш соучесник или набљудувач на актот во самото дело) на силна женска индивидуа, ги согледува општествените малформитети, транзицијата, ја соопштува својата нетолерантност кон натрапниците, кон непоканети освојувачи на колективниот и индивидуалниот простор, кон политичкиот диктат, свесна за својата одговорност. Спојот на класичното сликарство со фотографскиот колаж од друга страна дава интересни ликовни решенија за старо-новите зависности.

Таби Азири низ медиумот на плакатски дизајн ги согледува актуелните општествени состојби, токму низ машко – женските релации. Двата принципи, нивната инклинација и испреплетеност преку чист графички базис говорат за аспектот на еквилибрум и надополнување.

Дијана Богдановска го обработува синдромот „балканска жена“ „фрлена“ во канџите на балканскиот мачо маж кој има желба да се „европеизира“. Потеклото од мала средина, големиот број економско-социјални пречки создале своевиден стигматизам и нагласено феминистички став за состојбите. Копајќи во сопствената психо/физичка меморија Богдановска создава индивидуална антрополошка археологија.

Осман Демири со затскриени визуелни асоцијации, а преку одлична композициска селекција на „апстрактни“ призори од реалноста ја доловува самата срж на тематот. Во порите на меморијата, во секое ќоше од нашето секојдневие се крие токму споната старо-ново, се гледа постојаната естетска тензија во постоењето на затскриен еротизам и испреплетеност на двата полови принципи.

Гоце Наневски преку лексички загатки допира разновидни аспекти на традицијата, на себеидентификацијата, на половата меѓузависност, на аспектот на поседување, бидување дел од итн. Во неговите когнитивни и метакогнитивни синтаксички кованици, тој интерперсонализира лични разбирања, интелектуални и практични вештини, политички и национални проблеми, фолклорни  вредности. Решението на загатката е индивидуално, со што реципиентот е мисловен партиципатор во делото на Наневски.

Велимир Жерновски во „Distitle“ („Забрана за наслов“) го третира прашањето на срам и општествена стигматизираност на геј и феминистичките движења од искажување на своите емоции и ставови, како последица на општествената затвореност и како сениште од минатото во неразвиените земји, меѓу кои и Македонија. Срамот и стравот пак се неадекватни за денешниот современ човек генерално гледано, на човекот кој е гордо себе-идентификуван (streit или gay), независен, индивидуален. Во таквите услови тишината и конформизмот го превземаат приматот во социјалната комуникација на вака стигматизираните индивидуи, наместо слободниот дијалог, насмевката и признанието без обвинување.

Филип Јовановски во неговите замрзнати видеа, дел од концептот Don’t stare so romantically го обработува социјалниот аспект и транзицискиот апсурд преку работници кои и покрај нискиот економски статус и социјалната незгриженост „позираат“ како модели во контекст на транзициската естетика на денешна Македонија. Покрај нив на надреален начин се појавува женска фигура (слична на „Слободата го предводи народот“ од Делакроа) која како женски елемент, како „светлина“ меѓу овие фигури најавува револуција, но сите заедно од главни „сочинители“ стануваат само неми сведоци на немоќ и резигнација.

 

 

no comments

Read more...