Промоција на монографија „Вељо Ташовски, живот и творештво“

На 1 јуни 2017 год. (четврток), во 12:30 часот во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам ќе се реализира промоција на монографија за ликовниот уметник Вељо Ташовски со наслов „Вељо Ташовски, живот и творештво“.

photo (3)

Организатор и издавач на монографското издание е Националната галерија на Македонија, автор на текстот на монографијата е Проф. Д-р Владимир Величковски. На промоцијата ќе се обрати промоторот господин Милан Бешлиќ, ликовен критичар од Хрватска, кој е и автор на текст во публикацијата и Проф. Костадин Танчев – Динка.

Во рамките на редовната годишна програма за 2016 година Националната галерија на Македонија го реалзираше проектот монографско издание „Вељо Ташовски, живот и творештво“. Имено станува збор за издание кое доаѓа како дел од еден посеопфатен прокет кој во континуитет се одвива од 2014 год. преку организација на ретроспективна изложба за Вељо Ташовски во објектот Даут пашин амам во декември 2014 година.

Во текот на 2015 година поттикнати од интересот и значењето на творештвото на овој наш еминентен ликовен автор кој одигра значајна улога во развојот на македонската современа ликовна уметност направивме избор од ретроспективната поставка со цел нејзино селективно прикажување и во останатите градови од земјата. Имено, истата беше замислена како патувачка со цел да се анимира културната и ликовната јавност во внатрешноста на Р.Македонија и уште еднаш да потсетиме на исклучителниот опус на Вељо Ташовски. Во текот на април/мај 2016 година изложбата бече претсавена и во Културно-информативниот центар на Р.Македонија во Софија.

Како своевидно заокружување на ова сеопфатно претставување на творештвото на Вељо Ташовски, со оглед на неговото значење во рамките на развојот на македонската современа ликовна уметност, логично следеше и објавувањето на монографија со наслов „Вељо ашовски, живот и творештво“ од авторот Проф. Д-р Владимир Величковски, а во издание на Национaлната галерија на Македонија. Станува збор за прво вакво издание посветено на Вељо Ташовски.

Монографијата на Вељо Ташовски дава пресек и своевидно толкување, анализа на целокупното творештво на авторот, со посебен акцент на одредени фази во неговото творештво, нагласувајќи ја неговата значајна улога во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност. Ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата. При тоа авторот се откажува од илузијата во нејзината класична означеност, но од друга страна, тој ја користи симулацијата во најмекиот и најприродниот вид,отворајќи пат кон индивидуалната ликовност.

Идејата на авторот е преку ваквиот привид да ја нагласи основната специфичност на сликарството – двете димензии, односно апстрактната конотација на сликата создавајќи специфична “ликовна претстава на двата плана”. Композицијата што го следи принципот на апстрактното сликарство, флуидот на сликарската материја, отсуството на третата димензија…, свилата, бришењето на ефектот на прозорецот, атмосферата на тишина и спокојство – сите тие настојуваат да ги опросторат “сликаните” претстави на Ташовски до ниво на посакуваниот ефект на бескрајноста, до создавањето на слика-простор.

Вељо Ташовски е роден 1949 г. во с. Осој, Р. Македонија. 1975 г. завршил Академија за ликовни уметности – сликарски одел во Љубљана, каде и магистрирал 1979г. Од 1976 до 1985г. бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 г. е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје. Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, а земал учество и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД итн. Добитник е и на бројни награди во Македонија, Словенија, Хрватска и Србија.

no comments

Read more...

Годишната програма на Националната галерија на Македонија

 

Националната галерија на Македонија за 2017 година ќе понуди мошне квалитетна Програма од областа на визуелните уметности, поточно ликовната дејност, издавачката дејност, истражувачки и едукативни проекти, меѓународната билатерална и мултилатерална соработка.

boris shemov mala stanica

Сигурни сме дека оваа Програма ќе ги исполни очекувањата на љубителите на уметноста и целокупната публика, различните таргетни групи, посетители, ќе даде исклучителен придонес во образовниот процес со што ќе се потврди улогата и значението на нашата институција.

Меѓу позначајните проекти најнапред да ги најавиме ретроспективните изложби на македонските автори, доајенот на македонската модерна уметност Никола Мартиноски, потоа Борко Лазески, Петар Мазев и македонската авторка која долг низ години живее и твори во Париз, Франција – Евгенија Демниевска.

Од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, годинава ќе бидат реализирани три проекти: самостојна изложба на Љубомир Ивановиќ-Љуба, Иван Мештровиќ: Литографии и тематската изложба „Урбаниот предел како тематски предизвик (урбан предел-слика-документ)“, дела од повеќе автори во сопственост на Националната галерија на Македонија.

Значајни индивидуални и групни претставувања како: „Теорија: постконцептуални цртежи, 2015/2016“- самостојна изложба на Зоран Попоски, „Фотографијата во Македонија до Првата светска војна“, истражување и изложба - Душан Мандиќ (претставник на групата IRWIN) „Die Welt ist Schon“, изложба на Јасмина Цибиќ – една од позначајните словенечки уметници со европско реноме, претставник на Словенија на Венецијанското биенале 2013 година во соработка со Музејот на современа уметност од Загреб, потоа изложба на Дритон Селмани во соработка со Националната галерија на Косово, самостојна изложба на академскиот сликар Бурхан Ахмети, самостојна изложба на Бен Камили, Берлин – Германија, графики на Евгениј Пантев, изложба на Мухамедали Алили, Џезаир Реџепи, Нина Бале, Шќипе Мехмети, Хељидон Ѓерг, фотографии на Богдановска/Велиу и други проекти.

Во текот на 2017 година ќе се превземат подготвителни истражувачки проекти: подготовки за ретроспективни изложби на Танас ЛуловскиДраган Поповски – Дада и Костадин Танчев – Динка. Kако еден од најзначајните настани кои ги отпочнуваме годинава, а ќе се реализира догодина во рамките на одбележување на јубилејот-70 години Национална галерија на Македонија е изложба на светски познатиот Анри Сала.

Анри Сала е еден од најголемите уметници на денешницата, уметник со албанско потекло, стекнува образование, твори и живее во Франција. Реализирал многубројни изложби насекаде низ светот, негови дела се наоѓаат во колекции на најзначајни светски музеи и галерии, особено во приватни колекции на софистицирани колекционери на уметност. Ја претставуваше Франција, како национален претставник, на 56-то Венециско Биенале во 2013 година. Неговите дела, видеа, се поезија, зрачат со својата едноставност и ефективност, совршено концепциски и изведбено.

Едукативната програма за 2017 година е мошне плодотворна и таа опфаќа, покрај останатите проекти и работилници, и неколку веќе востановени, јубилејни младински изложби како: „Х младински пролетен салон“, Годишна изложба на основни училишта од Скопје која годинава ќе биде во знак на Петар Мазев и многу други. Покрај подршка на образовниот процес, присатна е општествената одговорност и хуманот аспект кај проектите „Будење“ – работилница со аутистични деца и работилницата со изложба во насока на одбележување на 3-ти декември, ден на лица со посебни потреби. Националната галерија на Македонија е единствена институција од областа на културата која редовно се вклучува во светските кампањи кои ги анимираат овие категории на лица и подигнување на јавната свест. Едукацијата и работилниците се реализираат подеднакво во сите три објекти во опремени едукативни катчиња.

Од меѓународната соработка за 2017 година ја издвојуваме патувачката изложба „Есенција на егзистенција“ која ќе се реализира во Националната галерија во Приштина и изложбата на Теута Хоџа Имери во Македонскиот културен центар во Њујорк, САД.

Посебно место мора да издвоиме за големите инвестициски зафати кои оваа година, благодарение на поддршката на Министерството за култура на Р. Македонија, ќе ги започне и превземе Националната галерија на Македонија како реконструкција на објектот Мала станица, реконструкција на објектот Чифте амам, Конзервација и реставрација на паркот на скулптури – Даут пашин амам, внатрешни техничко – безбедносни зафати и многу слични интервенции кои дополнително ќе го подигнат нивото, безбедноста, квалитетот и задоволството во проектите на Националната галерија на Македонија. Особено треба да се спомене конзервацијата и реставрацијата на збирките кои се дел од движното културно наследство на Спомен куќата на Лазар Личеноски.

no comments

Read more...

Ретроспективна изложба „Вангел Наумовски“

Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам, на 23 декември 2016 година (петок), во 19 часот ќе се отвори ретроспективната изложба „Вангел Наумовски“. На изложбата ќе бидат изложени стотина дела од сите творечки фази на Вангел Наумовски.

Vangel Naumovski 4

Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски се поврзани повеќе епитети – тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта…

Неговите поетски слики со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи.

Волшебните светови на соништата на Наумовски се раѓаат од неговиот однос кон природата, опкружувањето, традицијата, митовите и стилски и тематски заземаат издвоено и препознатливо место со специфичното хуманистичко и пантеистичко чувствување на светот и на човекот во него.

Се чини премалку да се каже дека сликарството на Вангел Наумовски се одликува со исклучителна препознатливост.

Иако самоук сликар, тој се вбројува помеѓу малиот број уметници од Македонија кои достигнуваат најголема афирмација и надвор од нашата земја уште за време на своите најактивни творечки години. Со автентичен и препознатлив ликовен израз надвор од уметничките трендови, секогаш актуелен, сензибилен и повеќестрано креативен, на почеток е забележан во историјата на македонската (и пошироко, на југословенската) ликовна уметност како најистакнат претставник на т.н. „наивна уметност“, определби што се менуваат подоцна заради констатациите за неговото тежнеење кон фантастичниот надреализам.

Изложбата ќе трае до 28 февруари 2017 година.

Vangel Naumovski 3

Vangel Naumovski 2

Vangel Naumovski 1

no comments

Read more...

Ретроспективна изложба на Спасе Куновски

Изложбата на Спасе Куновски (1929 -1978) ќе се одржи на 9 декември 2016 година во Даут пашиниот амам со почеток од 19 часот.

Spase kunovski logor

…Tорзо од жена (црно торзо од кукла манекен), чиј површински текстил се расцепил и кај градите се „разголува“ фактура на дрво, а нозете од торзото, со подвезици. На едната нога сеуште стои прицврстена чорапа, а на другата – која исто така има дрвен инкарнат како градите – подвезицата е прицврстена со игла. Хипереалистично небо со облаци во средниот дел од сликата (минуваат низ торзото). Наместо глава декоративно извиени лимени ленти.

Муви кои во колона летаат пред облаците во изместена перспектива… Надреален штимунг, а сепак и некаква ведра, попистичка иконографија, која со својата директност опоменува за „современото несвесно разголување“ пред напредно-цивилизациските пролегоменони… само малку да доловам од понирањата во твоето дело „Залуден предизвик“, како штимунг за едно од делата…

spase kunovski 1

Македонската модерна уметност може да се гордее со името и делото на Спасе Куновски кое се повеќе, потврдено, го држи своето место под сводот на македонската култура и историја на уметноста. Тој е еден од ретките фигуративци со надреалистички интерес кој ќе го истражува овој стил целиот живот, без големи скокови и трчање по трендовите кои доаѓале преку тогашна Југославија од светот. Во овој стил тој успеал да ја најде својата база за изнедрување на сите потсвесни идеи, сеќавања, спомени, стравови, сфаќања за светот некогаш и сега, секако нудејќи и специфична опомена за светот утре.

Spase kunovski portret NGM

 

Неговите дела и во денешен контекст се современи и дискурзивни, што значи дека не се дела чиј моментум изминал, туку продолжуваат да остваруваат дијалог со реципиентот. Оттука сметам дека, како и секој творечки опус кој е жива материја подлежна на постојано нови преиспитувања и преџвакувања, и неговото дело ќе продолжи да побудува интерес и да биде тема на истражување на идните генерации, кои можеби на поинаков начин ќе ги толкуваат неговите дела и ќе ја „читаат“ пораката, барајќи асоцијативност во осаменоста предизвикана од технолошкиот напредок и дехуманизацијата на човештвото…

spse kunovski strashilo ngm

“Ars longa, vita brevis, occasio praeceps, experimentum periculosum, iudicium difficile“.

no comments

Read more...

Томо Шијак – Ретроспективна изложба

Во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, на 25 декември (петок) ќе биде отворена ретроспективната изложба во чест на Томо Шијак.

tomo shijak

Томо Шијак (1930-1998) е еден од неколкумината автори, уметнички родени во педесеттите години на дваесеттиот век, кои се издвоија како означувачи на авангардистичките текови на тогашната македонска ликовна уметност, а комплетното презентирање на неговиот опус е дополнително усложнето поради неговиот секогаш немирен, дури хиперактивен, истражувачки дух, поради што можеме да го карактеризираме како автор со најмногу варијации на стилски ставови кај нас.

Шијак до крајот на својот живот останува доследен на смелото експериментирачко дејствување и на препознатливите дела кои, со развојот на модернистички трансфигурираната концепција на неговите најиновативни и естетски најзначајни „мусандри“, во колективната македонска уметничка меморија ќе останат запаметени како икони на објект-артот што зрачат со аурата на нивната трансцендентална моќ.

Ретроспективната изложба и монографското издание за творештвото на Томо Шијак задолжително во себе ги инкорпорираат сите претходни истражувања посветени на овој автор и најзначајните концепти во доменот на објект-артот. Истражувачкиот проект, ретроспективната изложба и монографското издание се дел од програмските активности на Националната галерија на Македонија за 2015 година. Сите неопходни активности за овој проект се комплетно реализирани со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Проектот во оваа фаза ги опфаќа делата што се наоѓаат на територијата на Република Македонија, односно оние дела за кои при истражувањето ни беше дозволен пристап и нивна евиденција, а отежнување на целиот процес претставуваше трајното ненамерно (и во голема мера несовесно) уништување на извесен број круцијални креации на Шијак, како и турбулентната промена на приватните сопственици на негови дела.

Изборот на делата и различните методолошки аспекти што ги третираат сите фази во целокупното творештво на Томо Шијак стилски и тематски, на одредени места, имаат улога да потсетат и да ги рехабилитираат одредените творечки фази на авторот. Се надеваме дека монографската студија и ретроспективната изложба, во кои се вметнати мноштво информации за делото на овој наш голем мајстор, ќе послужат како фактички документ што опоменува за потребата од посеопфатен одговорен колективен однос за негување и зачувување на легатите на значајните македонски автори.

___________________________________________________________________

Поставка

no comments

Read more...

Националната галерија на Македонија со богата програма и значајни проекти

mala stanica mala 3

Изминатата година во објектот „Мала станица“ беше извршена целосна реконструкција на системот за греење и ладење, што беше неопходно за самиот простор, како и реконструкција на предната фасада на објектот со цел просторот кој е наменет за најразлични галериски перформанси и промоции да биде ставен во функција на уметниците …

Повеќе значајни проекти се реализирани во изминатиот период во Националната галерија на Македонија, чија основна дејност е колекционирањето, негувањето и презентацијата на ликовното творештво. Два проекта во делот на инвестиции во објектот „Мала станица“ се целосно завршени од страна на Националната галерија, а годинава во делот на инвестициите ќе се реализираат уште два исклучително значајни проекти, и тоа за Даут-пашиниот амам и за Чифте амам.

Националната галерија на Македонија годинава нуди програма која вклучува голем број ретроспективни изложби на наши истакнати уметници, ќе учествува со голем број проекти во културно-информативните центри во Софија и во Њујорк, а ќе се претстави и на Венециското биенале. За успешното функционирање на Националната галерија на Македонија задоволство изрази министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која денеска ја посети оваа национална установа.

- Изминатата година во објектот „Мала станица“ беше извршена целосна реконструкција на системот за греење и ладење, што беше неопходно за самиот простор, како и реконструкција на предната фасада на објектот со цел просторот кој е наменет за најразлични галериски перформанси и промоции да биде ставен во функција на уметниците – рече Канческа-Милевска.

Таа посочи дека во програмата за годинава во делот на инвестициите ќе се реализираат два исклучително значајни проекти – едниот за уредување на депото на галерискиот објект Даут-пашин амам, а другиот е наменет за галерискиот објект Чифте амам.

- Во рамките на проектот за уредување на депоата во националните институции, влезен е и Даут-пашиниот амам каде што Националната галерија ќе изврши целосно уредување на депоата, како и проектот наменет за галерискиот објект Чифте амам. За него е изработен основен проект од страна на Националната галерија кој опфаќа целосно спречување на влагата во објектот. Проектот е околу 17 милиони денари. Ќе се уреди и дворниот простор на Чифте амам каде што ќе биде поставена и ограда – истакна Канческа-Милевска.

Таа се осврна на реализираните многубројни ретроспективно-монографски изложби, како и на соработката со други центри, како што е онаа со Чешкиот културен центар. Исто така, министерката укажа на изложбата која минатата година се одржа во Чешка по повод одбележувањето 20 години дипломатски односи со Чешка, а ја нагласи и соработката со Словенија.

- Нешто што сакам да потенцирам, а е од исклучителна важност за Република Македонија, е во однос на Музејот на Лазар Личеновски. Целосно е завршена оставинската постапка во врска со куќата на Лазар Личеновски, државата додели два стана, она што се бараше од страна на сопствениците. Процедурата е целосно затворена, правосилно е решението, а остануваат уште административните работи – рече Канческа-Милевска.

Таа потенцираше дека Националната галерија се подготвува за уредувањето на Музејот на Лазар Личеновски, а идната година, кога се одбележуваат 115 години од раѓањето на Лазар Личеновски, а тоа е април 2016 година, планирано е да заврши целокупното уредување и да се отвори Музејот за посетителите.

- Минатата година почнавме со откуп на ликовни дела како една стимулативна мерка. Откупени се околу 64 ликовни дела од 60 уметници. Планираме годинава да има изложба со цел јавноста да види што има откупено државата. Дел од откупените ликовни дела влегуваат во поставките на Националната галерија и на Музејот на современата уметност, тука влегоа 16 ликовни дела, и се планира заедничка изложба на двете институции – додаде Канческа-Милевска.

Директорката на Националната галерија на Македонија, Маја Неделкоска-Брзанова, рече дека и годинава имаат обемна програмска активност и настојуваат да реализираат проекти кои се однесуваат на афирмација на македонската современа ликовна уметност на автори кои оставиле голем белег во нејзиниот развој, како и на помладите генерации.

- Предвидени се две ретроспективни изложби на Томо Шијак и на Александар Кондев. Потоа имаме неколку истражувачки проекти кои ги опфаќаат авторите Борко Лазески, Вангел Наумовски, Спасе Куновски… кои ќе се одвиваат во неколку фази и крајно би било реализација на ретроспективни изложби проследени со соодветни публикации – истакна Неделкоска-Брзанова. Меѓународната активност, посочи таа, опфаќа соработка од реципрочен карактер – Чешкиот културен центар годинава гостува кај нас со дела од современата чешка уметност.

- Ќе гостуваме во Загреб со еден проект на Ана Франговска, Маја Чанкуловска Михајловска и Горанчо Ѓоргиевски, а имаме три проекти во Културно-информативниот центар во Софија со Тома Мишев, Жанета Гелевска, Благоја Маневски и Јован Шумковски, а во Културно-информативниот центар во Њујорк со Ивана Пирковска и Александар Таневски итн. – додаде Неделкоска-Брзанова.

no comments

Read more...

Ретроспективна изложба на Вељо Ташовски – поставка

Ретроспективната изложба На Вељо Ташовски претставува пресек на целокупното творештво на авторот, опфаќајќи ги сите периоди во неговото творештво. Станува збор за повеќе слики во комбинирана техника. Ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата.

veljo tashovski 2

Вељо Ташовски е роден 1949 г. во с. Осој (Дебарско). Во 1975 г. завршил Академија за ликовни уметности – сликарски одел во Љубљана, каде и магистрирал 1979 г. Од 1976 до 1985 г. бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 г. е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје.

no comments

Read more...

Ретроспективна изложба на Вељо Ташовски во Даут пашин амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, на 4 декември 2014 година (четврток), во 20 часот, ќе се отвори ретроспективна изложба на Вељо Ташовски.

Tashovski Tashoski

Ретроспективната изложба На Вељо Ташовски претставува пресек на целокупното творештво на авторот, опфаќајќи ги сите периоди во неговото творештво. Станува збор за повеќе слики во комбинирана техника. Ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата. При тоа авторот се откажува од илузијата во нејзината класична означеност, но од друга страна, тој ја користи симулацијата во најмекиот и најприродниот вид, отворајќи пат кон индивидуалната ликовност.

Идејата на авторот е преку ваквиот привид да ја нагласи основната специфичност на сликарството – двете димензии, односно апстрактната конотација на сликата создавајќи специфична “ликовна претстава на двата плана”. Користејќи ја иконографијата на мрежата тој ја дефинира “просторноста” на сликата. Таа, мрежата го ограничува просторот, но во ист момент овозможува и поглед низ, поглед и од оваа и од онаа страна, слободна циркулација, како метафора на бескрајната комуникација на просторите.

Композицијата што го следи принципот на апстрактното сликарство, флуидот на сликарската материја, отсуството на третата димензија…, свилата, бришењето на ефектот на прозорецот, атмосферата на тишина и спокојство – сите тие настојуваат да ги опросторат “сликаните” претстави на Ташовски до ниво на посакуваниот ефект на бескрајноста, до создавањето на слика-простор.

Оваа ретроспективна изложба претставува заокружување, и своевиден пресек на творештвото на овој рано починат автор, кој што има свое значајно место и улога во афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.

Вељо Ташовски е роден 1949 г. во с. Осој (Дебарско). Во 1975 г. завршил Академија за ликовни уметности – сликарски одел во Љубљана, каде и магистрирал 1979 г. Од 1976 до 1985 г. бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 г. е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје.
Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, а земал учество и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД итн. Добитник е и на бројни награди во Македонија, Словенија, Хрватска и Србија.

Изложбата ќе ја отвори г-ѓа Маја Неделкоска Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија.

________________________

Фотографии од отворањето на изложбата.

no comments

Read more...

“Столетие” од Василие Поповиќ – Цицо (1914-2014) – поставка

Во организација на НУ Национална галерија на Македонија и Музеј МНТ при Македонскиот народен театар, во Даут-пашиниот амам е претставена јубилејната изложба Столетие, Василие Поповиќ – Цицо (1914-2014).

cico 3

На изложбата се претставени повеќе од 260 дела, меѓу кои и негови лични предмети (акварели, сепии, цртежи, карикатури, сценографски и костимографски скици, реализирани костими, нацрти на книги и публикации, но и негови портрети изработени од неговите колеги Димо Тодоровски, Димитар Кондовски и Никола – Кочо Фидановски) кои се во сопственост на: НУ Национална галерија на Македонија, Музеј МНТ, Музеј на современата уметност – Скопје, Музеј на град Скопје, Македонска академија на науките и уметностите, Државен архив на Република Македонија, Вардар филм Македонија, Друштво на писателите на РМ, Гордана Поповиќ – Васиќ (ќерка на авторот), како и на голем број приватни сопственици.

no comments

Read more...

Јубилејна изложба на Василие Поповиќ – Цицо (1914-2014)

На 4 октомври 2014 година (сабота), со почеток во 20.00 часот, во организација на НУ Национална галерија на Македонија и Музеј МНТ при Македонскиот народен театар, во Даут-пашиниот амам ќе биде претставена јубилејната изложба Столетие, Василие Поповиќ – Цицо (1914-2014).

pokana CICO

Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија, и воедно е дел од манифестацијата „Бела ноќ“. Истата ќе биде отворена до 4 ноември 2014 година.

На изложбата ќе бидат претставени повеќе од 260 дела, меѓу кои и негови лични предмети (акварели, сепии, цртежи, карикатури, сценографски и костимографски скици, реализирани костими, нацрти на книги и публикации, но и негови портрети изработени од неговите колеги Димо Тодоровски, Димитар Кондовски и Никола – Кочо Фидановски) кои се во сопственост на: НУ Национална галерија на Македонија, Музеј МНТ, Музеј на современата уметност – Скопје, Музеј на град Скопје, Македонска академија на науките и уметностите, Државен архив на Република Македонија, Вардар филм Македонија, Друштво на писателите на РМ, Гордана Поповиќ – Васиќ (ќерка на авторот), како и на голем број приватни сопственици.

На изложбата ќе говорат Маја Неделкоска-Брзанова, в.д. директор на НУ Национална галерија на Македонија; Коце Трајановски, градоначалник на Скопје и проф. Љубиша Георгиевски.

____________________________________________

Фотографии од свеченото отворање на изложбата …

cico otvoranje najgore

no comments

Read more...