Институција за можните иднини – Две дискусии за НГМ

23561300_1550931118316984_610505734159849840_n

Во контекст на најавата за јубилејот 70 години од основањето на Уметничка галерија/ Национална галерија на Македонија во 2018 год.

Еден од можните начини за критичко препистување на една институција е колекцијата. Нормативната традиционално историско – уметничка наратива на колекцијата во денешнината е предизвикана со темпорални кураторски и уметнички сценарија кои нудат различни погледи на одредени времески периоди, да се синхронизираат со времето, како што вели Борис Гројс. Тие денес претставуваат места на енергична и динамична теоретска и искуствена размена на впечатоци и размислувања, преку многубројните настани кои ги величат делата кои ја градат самата институција.

Ивана Васева, кураторка

05 декември 2017 год. (вторник)/ 19 часот/ Даут пашин амам
12 декември 2017 год. (вторник)/ 19 часот/ Даут пашин амам

Музејот е дефиниран од својата колекција. Колекцијата е телото и основата која ја гради институцијата а таа треба да се грижи за стекнувањето, зачувувањето, изложувањето и промовирањето на културното богатство кое го поседува. И уметничката галерија се надоврзува на истите принципи: по примерот на музеите, колекцијата од уметнички дела треба постојано да се обновува, надоградува, преписпитува и изложува за сегашноста и за иднината, неканонирирајќи и неконзервирајќи ги вредностите туку подложувајќи ги на различни трансформации и предизвици.

Традиционалната музеолошка теорија за атемпоралноста на музејскиот простор кој не ја нарушува одржуваната безвременска атмосфера на вечната младост на делата во музејот, имунизирајќи ги и формирајќи врз принцип на универзална историја на уметност е конструкт, како што е и концептот на националното. Музејските институции на денешнината се свесни за својата позиција во односот на знаењето и моќта, тие го подложуваат своето постоење на нехронолошкото и нелинеарно време, на различните и повеќеслојни културни идентитети кои биле игнорирани или исклучени и на општествениот и политички контекст.

Неутралноста и анонимноста на „белата коцка“ која треба да произведе резонанци меѓу изложените дела, нивното интуитивно и набљудувачко восприемање како и контекстот на хиерархиската поставеност на внатрешните структури, веќе од седумдесетите години на минатиот век е надмината со нови институционални предизвици. Сето тоа е заменето со креирање на контексти или контестуализирање на делата, со формирање на изложбена поставка на претставување и активно искусување (физичко,интелектуално, теоретско) на уметноста и со идеја за место каде се преиспитуваат хиерархиите, начините на продукција и односот кон јавното.

Колекцијата станува основа за изложбена програма која нуди повремени кураторски видувања, кон делата но и кон нејзината историја, кон нови интерпретации на делата и методи кои го спречуваат фосилизирањето на самите структури.

Уметничката галерија во Скопје, како една од најстарите ликовни институции во земјава, а денес преименувана во Национална галерија на Македонија, покрај својата темпорална изложбена активност, уште од своите почетоци е создадена и како место каде ќе се негува колекција на значајни дела како приказ на уметничкото творештво на оваа територија. За свој простор, можеби и случајно е избран културно – историски споменик на исламската профана архитектура, Даут пашин амам, изграден во втората половина на 15 век, но кој говори и за широчината на духот на самите предлагачи.

Борис Петковски, пишувајќи за 40-годишниот јубилеј на галеријата потсеќа за општествената важност на оваа институција преку својата едукативна улога велејќи: „Воспитната улога на една ваква институција е, нема сомнение, од големо значење, до толку повеќе, што во времето на нејзиното основање, веќе беа поставени темелите на нашиот нов живот, на нашиот нов социјалистички човек со напредни разбирања за културата и метноста, предусловени од солидни теоретски и практични познавања добиени во реорганизираните средини и високи школи.

Прва задача на Галеријата беше да се собере што поголем број најдобри дела на југословенски автори, од класични до современи и таа збирка да му ја прикаже на својот народ, запознавајќи го со извонредната вредност на целокупната југословенска уметност“.

Во својата друга фаза, по повод создавањето на новата постојана поставка и публикацијата водич низ поставката (а најавувајќи го и новиот простор за современи проекти, Чифте амам), Викторија Васева Димеска пишува: „идејата за создавање национална поставка е една од главните причини за темелно реставрирање на Даут пашиниот амам, објектот во кој што е сместена. Убавината на градбата и замислата за една збирка што достоинствено ќе го презентира развојот на македонската современа ликовна мисла, од иконописот до современието, се темелни аргументи за да се иницира, отпочне и реализира овој проект: да му се врати изворниот изглед на објектот, а на македонското ликовно богатство поместено во него да му се овозможи достојна презентација“.

Во овој контекст се чини дека е потребно одново да се постават повеќе прашања кои би биле во чекор со современите размислувања за иституциите поврзани со повеќеслојните идентитетски карактеристики како и конструктите на националното како една 19-вековна творевина, за современоста во пристапот на изожувањето, презентирањето и преиспитувањето на колекцијата како и на односот не само со локалната туку и интернационалната сцена.

Двете дискусии ги поставуваат следните прашања:

- Кое е значењето на уметничката колекција, како трезор на идеи за можните иднини/ архива/ простор за преиспитување на концептите и контекстите . Кои се параметрите и парадигмите врз кои се гради поставката во Националната галерија на Македонија. Како се менувале поставките и како биле контекстуализирани?
- Односот помеѓу традицијата и современоста. Што значи современост (критико преиспитување на современоста и на актуелните политички/ естетски/ економски предизвици)?
- Во кои рамки зборуваме за квалитет? Како го „вреднуваме“ квалитетот и според кои критериуми е тој разгледуван во изминативе 70 години?
- Ако не зборуваме за институции во глобална економија (Нина Монтаман) тогаш каква институција е националната? Каква диверзификација и плуралност националната институција предлага?

Двата настани се конципирани во форма на видео интервјуа водени врз основа на прашања кои понатаму се поставуваат како основи за разговори, коментари и анализи меѓу учесниците и публиката во форма на јавна дискусија. Идејата е преку претходно снимени интервјуа кои се поставени на интернет и достапни за сите, да се направи дискусија. Тоа подразбира дека по одредена временска дистанца која би дозволила внимателно и потемелно разгледување на видеата т.е. на искуствата и размислувањата на поканетите гости да се отвори дебата за публиката. Ова овозможува наместо еден настан во едно специфично време документирано но без можност за голема дискусија, да се постават на „преиспитување“ пред јавноста размислувањата токму за да произведе критичка и артикулирана мисла која е во недостаток во земјава, и моментално и во минатото, посебно за појавите во овој специфичен општествен, културен и уметнички контекст.


Начинот на интервјуирање како основа за дискусија е предложен бидејќи и да постоеја многу факти, чисти факти, објективни факти, факти најдени во минатото како што навистина било, што не постојат, сепак поттикнувањето на личните перспективи од позиција на синуларни историски субјекти е важно кон оформувањето на некоја покомплетирана мисла. (Валтер Бенјамин и неговиот концепт на историја).

На првата дискусија, која ќе се одржи на 5 декември 2017 год. (вторник), во Даут пашин амам, со почеток од 19 часот ќе учествуваат поранешни директори на оваа институција, како и актуелната директорка Дита Старова Ќерими.

Дита Старова Ќерими, актуелна директорка на НГМ од крајот на 2015 год. до денес

 

Драган Бошнакоски, директор на НГМ во периодот од 1987 год. до 1998 год.

 

Маја Неделкоска Брзанова, в.д. на НГМ во периодот од 2014 год. до 2015 год.

 

Маја Крстевска, директорка на НГМ во периодот од 2007 год. до 2011 год.

 

Златко Теодосиевски, директор на НГМ во периодот 2003 год. до 2007 год.

 

На втората дискусија, закажана за 12 декември 2017 год. (вторник) ќе учествуваат повеќе историчари на уметност, уметници, теоретичари и куратори.

Фотографија за настанот: Александар Ристевски

no comments

Read more...