„Урбани документи: пејзаж – слика – предел“ во Мала станица

Urbani dokumenti pokana

Годинава, повеќе од триесет европски земји ќе се приклучат на одбележувањето на „Европските денови на културното наследство“ во знакот на заедничката тема „Природата и културното наследство“.

Во рамките на оваа општа тема планирано е активностите во Република Македонија да се фокусираат на темата „Водата – дар од природата“.Настаните по повод манифестацијата ќе се одвиваат во периодот од 15 до 22 септември.

Националната галерија на Македонија ќе реализира настан во рамките на оваа европска иницијатива и ќе земе учество на манифестацијата со тематска изложба „Урбани документи: пејсаж-град-предел“, во просторот на Мала станица, отворање на 20-ти септември (среда), од 12часот. На отворањето ќе се обрати директорот на НГМ, д-р Дита Старова Ќерими.

Селектираниот избор на дела на тема урбан предел од богатата колекција на Националната галерија на Македонија е сочинет од слики на познати и афирмирани  автори, меѓу кои Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Борко Лазески, Предраг Милосављевиќ Пеџа, Милан Коњовиќ, Мича Поповиќ и други. Голем дел од истите ќе бидат презентирани за прв пат пред јавноста на оваа изложба. Сите тие имаат посебен карактеристичен урбан лик, интересни за ликовната публика како од аспект на ликовни дела така и од аспект на историски и документарен карактер како сведоци на едно минато време. Некои дела се со веќе препознатливи мотиви, на пример некој детал од Скопје, но и дела инспирирани од Тетово, Кратово, Париз, Венеција, Загреб, Белград, Задар итн

​​Изложбата вклучува и едукативни елементи преку едукативни работилници кои би овозможиле не само запознавање со овој дел од ликовното творештво, туку воедно би стимулирале и интерес кај ликовната публика, посебно кај помладата.   ​

Проектот е планиран според приоритетите кои стимулираат организација и презентација на истражувачки проекти и изложби кои прават пресек на одредени појави и тенденции и имаат историски, проблемски, тематски, стилски или тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност, архитектура и дизајн. Ќе бидат презентирани околу  60тина ликовни дела, од македонската и меѓународната збирка.

 Одбележувањето на “Европските денови на културното наследство“ започна во септември 1991 година, на иницијатива на Советот на Европа и поддршка на Европската унија. На почетокот, активности поврзани со оваа манифестација биле реализирани само во неколку земји, но веќе една деценија на истата земаат учество сите европски држави. Република Македонија се приклучи кон ова одбележување во 1996 година. Целта на манифестацијата е подигнување на свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство.
Како продолжение на оставрување на поставените цели, Националната галерија на Македонија, институција од национален интерес која долги години во континуитет го подржува образовниот процес, упатува покана до сите училишта  и ученици и за истите најавува дека во текот на манифестацијата од 20-ти до 22-ри септември ќе овозможи бесплатен влез.

И уште едно потсетување за веќе поставените изложби во објектот Чифте амам кои може да се посетат во рамките на “Европските денови на културното наследство“. Тоа се: „Од традицијата“, изложба на Решат Амети и изложба на уметнички фотографии на Мимоза Велиу.

no comments

Read more...

Изложба на хрватската уметничка двојка Кожул/Жижиќ

recurring landscapes

Отворање на самостојна изложба на уметничката двојка Кожул/Жижиќ од Загреб, Хрватска на 5.05.2016 година во 12.00 часот.

На 4-ти мај (среда) во објектот Чифте амам на Национална галерија на Македонија во 11 часот ќе се одржи прес на кој ќе присуствуваат и уметниците.

Куратори на проектот се Вања Жанко од Загреб и Ана Франговска од Македонија. Малку повеќе информации на линкот подолу, а повеќе на прес конференцијата. Ве очекуваме.

http://nomad.hr/projects/zizic-kozul-recurring-landscapes-national-gallery-of-macedonia-skopje

„Горди сме што имаме можност да ве поканиме на првото македонско самостојна презентирање на Жижиќ и Кожул, изложба која ќе се состои од неколку инсталации произведени наменски за просторот на Чифте амам , кои произлегуваат од неодамнешната работа и интереси на уметниците. Оваа изложба го истражува феноменот на подоброто претставување и генеричкото искуство, кои се од централно значење за трансформирање на менталниот приказ под влијание на глобалниот пазар и маркетинг индустријата.“

Кожул и Жижиќ изјавуваат: „Живееме во апсурден момент кој е творечки неодолив“, сосема апликативна изјава и на актуелното македонско време. Оттука сигурни сме дека оваа изложба ќе го привлече вниманието на македонската публика и со својот визуелен аутфит, а и со концепциската содржина.

http://www.nomad.hr/content/2-members/9-kristian-kozul/zizic-kozul_cv.pdf

_____________________________________________

 

 

no comments

Read more...

Изложба на Жанета Гелевска Велјаноска во Чифте амам

Во просториите на Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам на ден 10.12.2015 година (четврток) во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Жанета Гелевска Велјаноска.

Print

 

Изложбата ќе содржи 50-тина дела комбинирана техника на платно. Жани дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1989 година. Член е на ДЛУМ од 1989 година. Учествувала на многубројни изложби во својата родна Македонија, во Европа, САД, а зела учество и во различни уметнички проекти. Нејзините дела се присутни во многу приватни и јавни колекции низ целиот свет. Во 1999 година е поканета да учествува на изложбата на престижната галерија „Blains“, во Мејфер, Лондон, за веднаш потоа да се пресели во Англија, каде што работи како слободен уметник.

“Конекција” e насловот на изложбата, кој сам по себе, сугерира симбиоза на најважните вредности во животот како и во уметноста. Жанета Гелевска Вељаноска ги повикува гледачите на нов поглед на поимот ,,заедништво,,. Со своите дела како и во животот Жанета комуницира, Продуховеност, Промисленост и Доследност овојпат во комбинирана техниката на платно,со вметнување на колажи, стари фотографии од минатото заедно со модерните форми од сегашноста. При тоа авторката емитува “уметност на радоста на животот” и создава дела кои приближени на човечкиот амбиент создаваат потреба за дружење со него”. Сепак посебно би ја издвоила “конекцијата со детето” на секое човечко битие, како нешто најдлабоко во секој од нас.

zaneta gelevska 1

Систематизирајќи ги внатрешни пориви на својот сопствен сензибилитет, во своите дела Жанета Гелевска Вељаноска се стреми кон синтетичен и силен начин на изразување.Лексиката на нејзиното сликарство е слоевита и смислено вкрстена од различните доживувања и расположенија, така, таа се ослободува од една цела конкретна логика, во корист на диктатот на чулата и чуствата со емотивни изливи на внатрешната енергија и психички вибрации.

Преку палетата на своите платна Гелевска не води низ инзворедна композициска решеност на површината, воедно остваруварувајќи една комплексна изведба, споена со познавањето, пред се, на создавањето на светот како предизвик на самото битие. Во својот појдовен импулс, пристапот на авторката веќе е лишен од декларативно-утилитарна тенденциозност, нејзините мотиви се предизвикани од сфери што им припаѓаат , пред се, на творечките индивидуално-психолоските и хуманистички разбирања. Делата се весели и полни со оптимизам, потхранети со страст за животот и интерес за едноставноста на секојдневниот живот, со мотиви што изразууваат животна радост, неагресивност, и сремеж кон еуфорична емоотивнoст.

Светот на Жанета Гелевска е полн со немири, сликарски ансамбли, енергични акценти, исцрпно истражување, збиен сензибилен набој, хармонизирани градации, ритмично избалансирани.Гелевска се докажува како автор со висока колористичка сензибилност и како вешт познавач на психологијата на бојата и нејзиното влијание врз гледачот. Во бојата, нанесувана во извиени потези и во коси и кружни сегменти е содржан цртежот, формата и светлината. Овие изразни средства се поврзуваат со некои апстрактни, како и со фигуративни значења како и со ритамот на сликарски доловената игра.

zaneta gelevska

Физичките и метафизичките аспекти на бојата, непрекинато испреплетени и вткаени во делата на оваа интуитивна авторка, со силниот колорит и страствено-истражувачкиот нерв, создаваат вистински “колористички огномети”.

Составните елементи во нејзините сликарски остварувања на Жанета Гелевска Вељаноска успешно оддаваат знаци на траење, како и на постојана потрага во внатрешноста на битието и меморијата, а токму таквите аспекти се суштински за човековото творечко опстојување.

Уметникот ги искажува своите чуства , немири и неспокој за да ја потикне емотивната реакција на гледачот, далеку од реалниот свет.

________________________________________________________

Поставка

 

no comments

Read more...

Ретроспективна изложба на Александар Кондев

На 4 ноември 2015 година, во 20:00 часот, во Националната галерија на Македонија – објект „Чифте амам“ – ќе биде отворена ретроспективната изложба на фотографии на Александар Кондев.

kondev izlozba_56

Куратор на проектот е Златко Теодосиевски. Изложбата ќе биде поставена до 22-ри ноември 2015 година.

Златко Теодосиевски

АЛЕКСАНДАР КОНДЕВ – СВЕТОТ КАКО ВИЗУЕЛЕН ПРЕДИЗВИК

 Александар Кондев (1950) е еден од оние македонски фотоуметници, чиешто фотографско творештво е нераскинливо сврзано со пробивите на фотографската мисла кај нас и, слободно може да се каже, највисоките дострели на македонската фотографија од втората половина на минатиот век до денес. Неговото безмалу педесетгодишно присуство во сите перипетии на македонската фотографија е важно сведоштво и за вкупниот развој на фотографијата кај нас.

По силата на нештата, но и заради јасно изразената љубов кон фотографијата, релативно рано (1969 година, иако претходно, 1966 – 1969 година, меѓу првите кај нас, се бави со анимација и филм) се определува за неа како основна професија. И тоа трае до денес!

Оттука, со 9 самостојни изложби, со учество на 40-тина групни изложби во земјата и во странство, со бројни национални и меѓународни награди, Александар Кондев дефинитивно денес е доајен на македонската уметничка фотографија, репрезент на нејзиниот развој и современи дострели во национални рамки.

kondev priroda__04

Кондев ја познава суштината на фотографијата и ја знае нејзината историја, претпоставените „нераскинливи“ врски со сликарството, репутацијата на фотографијата за најмиметичка и најреалистична уметност а со тоа и најповршна (Sontag). Но тоа не го спречува да и’ го посвети безмалу целиот живот. А тоа го прави само некој кој верува во нејзините автохтони вредности. Како и многумина други фотографи со ваков стаж, неговиот интерес во фотографијата е тематски широк. Но и кај Кондев сепак постои некаква примарна вокација и „појдовна ориентација“, некаква стартна но и суштинска определеност: прво за “класичната фотографија” (без претерана наклонетост кон експериментирање и иновации), а понатаму и за неколку приоротетни тематски целини: лајф фотографијата (со поттеми деца, портрети, улица и слично), потоа теми од урбаното секојдневие, социјални и еколошки теми, пејзаж, структури (макро фотографија) итн.

Кондев смета дека „магијата на фотографијата се крие во процесот на создавањето. Таа не се гледа, но зрачи од секој нејзин дел“! Тој верува во таа „магија“ и тоа се гледа на неговите фотографии. Сиот тој „нов свет“ што ни го прикажува Кондев на неговите фотографии е – токму таа негова магија. Видена низ неговиот објектив, миговно „обработена“ во свеста и понудена на гледачот  како некоја негова сублимирана реалност, како некаков визуелен предизвик на неговата креативна фантазија.

И творечкиот пат на Кондев е токму тоа: негово стрпливо педесетгодишно чекорење со отворени очи низ светот согледан како визуелен предизвик за негово лично видување, негово „толкување“, негово разбирање на нештата. Тоа не мора да бидат историски настани или турбулентни случувања, громогласни патешествија или селебрити личности, но сите нешта поминати низ неговиот објектив мора да го имаат неговиот личен печат, неговиот агол на гледање, неговото претставување на виденото. И само тоа, впрочем, може да биде автономен творечки пат, искуство коешто се гради врз сопствените фотографски знаења и убедувања, врз сопствената фотоестетика којашто, за среќа, во неговиот случај добива и впечатливи национални димензии.

Неговата фотографија не е штос, гег, ефект. Уште помалку е затворен, тешко достапен личен наратив. Кондев верува во добрата фотографија, што и да значи тоа. А тие што ја сакаат фотографијата знаат што тоа значи. Таа е промислена иако фатена во миг, таа е елаборирана иако настаната во делот од секундата. Кај Кондев најчесто добрата фотографија е лајф фотографијата – онаа што ја следи естетиката на еден Cartier Bresson – но и, како што веќе беше укажано, фотографијата којашто сака да поместува граници, што денес и не е така лесно.

kondev izlozba_25

Александар Кондев денес е безмалу единствениот претставник на онаа генерација македонски фотографи кои ја осовременија македонската фотографија, кои во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век внесоа една поинаква естетика и нови хоризонти во третманот на оваа уметност. Или, ако сакате, тој и неговата генерација го изборија местото на фотографијата како рамноправна уметност. Но неговата фотографија, се разбира, не се исцрпува само и единствено во историските релации. Неговата фотографија во национални рамки сведочи за стабилност и континуитет во исказот, во градењето на лична естетика којашто нема да заостанува зад регионалните и пошироки стандарди. Едновремено, фотографијата на Кондев останува и како жив прирачник за помладите колеги, како стручно и естетско помагало низ неизвесните фотографски талкања.

___________________________

Биографија

Кондев Александар /1950/, роден во Скопје, каде што го започнал и своето школување. Уште во основното училиште се запознал со фотографијата и фотографската техника и активно учествувал на натпреварите по фототехника, каде освојувал и награди.

На Младинската работна акција во Загреб 1966 година се запознал со филмската  техника која во тоа време била во подем и преставувала амбиција и интерес за голем број млади. При крајот на 1966 година се приклучил кон иницијативата на група ентузијасти (Драги Новаковиќ, Бранко Атанасковиќ, Вељо Велевски, Ѓорѓи Давидовски, Саша Маркус и други) за формирање градски кино клуб што била покрената од Советот на Народна Техника на град Скопје. Како најмлад во оваа иницијатива станал и член на првиот управен одбор на клубот, со задача посебно да работи со младите членови.

Неговата нагласена индивидуалност го насочила неговиот интерес кон филмот и  анимацијата која што во основа е предмет на личен ангажман на еден автор, но во исто време покажувал интерес и за експериментите во играниот и докуметарниот филм. Со својот прв игран филм “Ден како секој ден” освоил награда за дебитантски филм на Републичкиот фестивал на аматерскиот филм во Скопје во 1967 година. Паралелно работел на анимации и експериментални   филмови. Во тој период Кино клубот “Камера 300“ претставувал место на ширење на филмската култура, но и на самообразование преку проучување на филмската техника.

kondev izlozba_13

Паралелно сo студиите на  Економскиот факултет во 1969 година, се враќа на фотографијата како член на Фото клубот “Вардар” во Скопје. Членувањето во овој клуб било проследено со учество на голем број изложби во тогашна Југославија и во странство, како и неговата прва самостојна изложба во галеријата на  Домот на младите “25 Мај” во Скопје во 1977 година.

Кондев е основач на Фото клубот “25″, каде што активно делувал и како педагог и како излагач. Во тој период, во 1979 година, ја организирал и неговата втора индивидуална изложба  во Домот на младите “25 Мај”.

Во 1981 година започнал да работи во фотографското студио на “Фотоцентар” во Скопје, каде што соработувал и со повеќе други институции и агенции во областа на фотографијата. Дел од своето време посветувал и на активности во Фото сојузот на Македонија и Југославија, каде што учествувал на бројни изложби како член или претседателот на жири. Од 1989 година работи како самостоен фотограф.

Во периодот 1994 – 2001 година предавал фотографија на Академијата за ликовни уметности при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” во Скопје.

 

no comments

Read more...

Ивана Пирковска со изложба во Македонскиот културен центар во Њујорк

Во организација на Националната галерија на Македонија, на 9 октомври 2015 година (петок) во 18 часот ќе се отвори изложба на Ивана Пирковска, со наслов Порака од твојот универзум во Македонскиот културен центар (или Gallery MC) во Њујорк, САД. Куратор на изложбата е кустос Маја Неделкоска Брзанова.

ivana pirkovska poster vertikalno

Авторот Ивана Пирковска е родена 1988 година во Скопје, Македонија. Во 2011 година дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за ликовни уметности, на Катедрата за скулптура и сценографија, во клaсата на проф. Ибрахим Беди. Како мултидисциплинарен автор кој се занимава со различни современи уметнички медиуми, таа го истражува и полето на астрофизиката и експерименталната музика кои сe трансцедентален извор на нејзината креација.

Од 2013-2015 г. реализирала две самостојни изложби во НУ Национална галерија на Македонија и во МКЦ, како и учества на бројни групни изложби, перформанси и работилници. Во 2015 е наградена за најдобро скулптурско дело на натпреварот „Young Art 2015“, од Агенцијата за млади и спорт на Р.М. На 9 октомври самостојно ќе се презентира во галеријата MЦ во Њујорк, со концептуалистичкиот проект „Порака – од твојот универзум“.

„ПОРАКА од твојот универзум“

Интерактивниот концептуалистички проектот „Порака – од твојот универзум“ на Ивана Пирковска претставува еден вид отворена астро-лабораторија во која, низ една крајно пуристичка поетика ги визуализира различните видови галаксии коишто ги идентификува со субјекти, а субјектите со галаксиите. Оттука авторката смета дека целиот космос е обединет во една целост, како во материјална така и во духовна смисла. Субјек¬тите меѓусебно се поврзани со невидливи енергетски сили, со пораки кои ги примаат од универзумот и кои треба да ги дешифрираат. Рефлексијата од инсталациите на Пирковска, проследена е со космички звуци којшто се само еден од примерите (извор и проток) на информации кој го повикува набљудувачот да се поврзе,да се огледа и да ја слушне пораката од универзумот, зошто универзумот како што ќе запише Никола Тесла „е жив во сите свои манифестации… зашто каменот, растенијата, животните и човекот се мислечки и чуствителни битија. Ѕвездата која сјае бара да ја гледаме, и да не бевме премногу окупирани со себе, би го разбрале нејзиниот јазик и пораки“.

no comments

Read more...

Изложба на Вељо Ташовски во Штип во организација на НГМ

Во Завод-Музеј Штип, галерија Безистен, на 19 јуни 2015 година (петок), во 20 часот, ќе се отвори изложба на Вељо Ташовски. Изложбата е во организација на Националната галерија на Македонијa.

veljo tashovski 2

Изложба на Вељо Ташовски претставува пресек на целокупното творештво на авторот, опфаќајќи ги сите периоди во неговото творештво. Станува збор за повеќе слики во комбинирана техника. Ликовниот дискурс на Ташовски се реализира во просторот меѓу илузијата и симулацијата. При тоа авторот се откажува од илузијата во нејзината класична означеност, но од друга страна, тој ја користи симулацијата во најмекиот и најприродниот вид, отворајќи пат кон индивидуалната ликовност. Идејата на авторот е преку ваквиот привид да ја нагласи основната специфичност на сликарството – двете димензии, односно апстрактната конотација на сликата создавајќи специфична “ликовна претстава на двата плана”.

Користејќи ја иконографијата на мрежата тој ја дефинира “просторноста” на сликата. Таа, мрежата го ограничува просторот, но во ист момент овозможува и поглед низ, поглед и од оваа и од онаа страна, слободна циркулација, како метафора на бескрајната комуникација на просторите.
Композицијата што го следи принципот на апстрактното сликарство, флуидот на сликарската материја, отсуството на третата димензија…, свилата, бришењето на ефектот на прозорецот, атмосферата на тишина и спокојство – сите тие настојуваат да ги опросторат “сликаните” претстави на Ташовски до ниво на посакуваниот ефект на бескрајноста, до создавањето на слика-простор.

Оваа ретроспективна изложба претставува заокружување, и своевиден пресек на творештвото на овој рано починат автор, кој што има свое значајно место и улога во афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.

veljo tashovski 1

Вељо Ташовски е роден 1949 г. во с. Осој (Дебарско). 1975 г. завршил Академија за ликовни уметности – сликарски одел во Љубљана, каде и магистрирал 1979г. Од 1976 до 1985г. бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 г. е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје.

Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, а земал учество и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД итн. Добитник е и на бројни награди во Македонија, Словенија, Хрватска и Србија.

no comments

Read more...

Изложба на Славчо Соколовски “Моето име е емигрант”

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 15 мај 2015 година (петок), во 19.30 часот, ќе се отвори изложба на Славчо Соколовски со наслов Моето име е емигрант.

sokolovski

„… Првично, по преселувањето во Америка во 2000 година, Славчо Соколовски продолжува со создавањето уметнички објекти, користејќи слични видови материјал (како во неговото дотогашно творештво – н.з.), кои ги пронаоѓа низ улиците на Бостон и Кембриџ, Масачусетс. Животот во Америка се случува на улица и станува начин на кој тој за запознава неговата нова земја. Со цел да се насочи, почнуваа да асимилира некои аспекти од американските “нешта” во својата уметност и во неговиот начин на живот. Тој се соочува со една сосема поинаква палета на бои и модел на живот….

…Исто така, по преселувањето на Соколовски во САД, неговото првично визуелно доживување на облекувањето го потсетува на начинот на кој во САД не само што се соочил со јазичната бариера, туку и со појавноста. Луѓето околу него се изразуваале на многу поинаков начин отколку во неговата земја. Неговата облека била повеќе формална, а не комфорна и шарена како на американците. И тој зачекорува во неговиот нов свет со облекување како Американците. Облеката е површината на нашиот изглед и е почетна точка за начинот на кој комуницираме со оние околу нас.

…Ткаенината и бојата ни даваат смисла како ја интернационализираме нашата форма и лични ставови. Менувањето на неговиот изглед станува метафора за реинтерпретирање на неговиот материјал на уметничка одлука и изградба на арт-објекти. Чинот на “преоблекување” на Славчо му помага да се идентификува со новиот идентитет, претставувајќи ја повеќебојната “социјална ткаенина” во која тој сега живее.

…Соколовски започнува да експериментира со шиење на ткаенини една со друга, сликајќи и потенцирајќи некои од материјалите во ателјето. Го истражувал шиењето на ткаенините и начините како се поврзуваат една со друга. Формалната поставеност на овие дела потсетува многу на неговите претходни дела, користејќи едноставна структура на мрежа за потенцирање на атмосферскиот, космичкиот или духовните пејзажни простори. Сепак, тој воведува чисти бои како нов елемент во неговата уметост. Земјените тонови и суптилните неутрални и текстурни распореди кои доминираа во раните дела се задржуваат во некои парчиња, но светлата боја е воведена и славена. Храброста и брилијантноста на материјалот одразуваат нов однос – посветол дух во однос на неговите дела во Македонија. Бојата и шиењето се медитативни и претставуваат подинамично движење преку бојата….

… Знамињата се симболи на една нација или институција. Додека тие се разликуваат во форми, тие често се квадратни и поседуваат впечатлив дизајн во обликот и бојата. Знамиња може да имаат своја улога во борба, на море, во религијата, во лингвистиката, политиката и прославите. Во суштина, знамето е симбол што другите го препознаваат и се поврзува со конкретни национални, културни или социјални намени.

…Во истражувањата на Соколовски за сопствениот идентитет како иселеник во Америка, тој одбра да создаде свои знамиња – симболи на промени и создавање на нов идентитет, движејќи се од Македонија и комбинирање на наследството со својот живот и семејство во Америка. Овие знамиња се метафори на емоции и искуства како на надворешноста, така и на внатрешноста. Симболот на знамето, процесот на собирање и наоѓање на облека од емигранти и спојувањето на ова платно во сликара, рефлектира поинтимен сензибилитет за разлика од неговите претходни дела. Неговите македонски дела поседуваат егзистенцијална и духовна природа, со експресионистички карактеристики како и источноевропската естетика. Во инсталациите со знамињата, бојата се ослобидува, се појавува интимноста на процесот и слободата на духот се појавува во суптилноста на боите. Со оваа отвореност, тој реферира на женската иконографијата на изработка на прекривки, закрпи и грижливост…“ (извадоци од текстот во каталогот / автор на текстот е Ејми Кант, слободен уметник и писател од САД).

no comments

Read more...

“Сите бои на љубовта” во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 8 април 2015 година (среда), во 14 часот, ќе се отвори изложбата Сите бои на љубовта, изложба подготвена по повод Месецот на аутизмот.

site boi na ljubovta

Националната галерија на Македонија преку едукативното одделение во текот на годината организира многубројни настани и изложби од најмладите уметници. Опфатени се сите ученици, сите возрасти на деца независно од физичката или менталната попреченост.

Националната галерија на Македонија особено става акцент токму на овие ранливи групи и постојано се залага за што поголема нивна инклузија во секојдневното живеење и уважување на различностите. На 3 декември минатата година беше одбележан Мегународниот ден на лицата со посебни потреби, а сега со изложбата под наслов ,, Сите бои на љубовта,, нашата институција го одбележува месецот на Аутизмот. Организирани беа работилници каде голем број дечиња изработија прекрасни слики.

Аутизмот не е болест туку состојба. Тој нема граници, им се случува на луѓето од различни раси и религии. Бројот на аутистични деца е се поголем. Во таа насока сите ние треба да се залагаме за подобрување на правата и заштита на лицата со аутизам и нивните семејства. Националната галерија на Македонија и во иднина подготвува вакви бројни настани.

______________________________________

На изложбата се претставени дел од стотина цртежи на различни теми, изработени во техника акрил, кои се резултатна заедничка работа на децата со аутизам, нивните родители, дефектолози и тимот вработени во НГМ.

Истата е поставена е во Чифте амам по повод Месецот на лица со аутизам, а попладнево официјално ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

03a autizam cifte amam

Целта на овој настан и на работилниците кои му претходеа е да се зголеми свесноста на луѓето за лицата со аутизам и за важноста од нивното вклучување во општеството, како и на сите лица од ранливите категории.

- Овие цртежи пленат со својата енергија и уметничката слобода која е одраз на огромниот творечки потенцијал и инвенцијата на овие мали, но големи уметници. Оваа изложба несомнено е доказ дека не смееме да бараме разлики меѓу нас, да го потенцираме тоа што не прави различни туку, напротив, треба да градиме заеднички вредности кои не спојуваат, истакна Канческа-Милевска.

Нагласи дека треба да се подигне свеста за лицата со аутизам како рамноправни и корисни чинители во општеството затоа што, рече таа, спецификите на аутизмот се уште се недоволно познати за поголем дел од јавноста.

Во таа насока, Канческа-Милевска најави дека во соработка со Министерството за труд и социјална политика ќе се реализира проектот „Инклузивни и креативни“, преку кој творбите на лицата со посебни потреби сместени во дневните центри низ Македонија ќе може да се продаваат во сувенирниците во градовите.

07a autizam cifte amam

НГМ ваков настан организираше и на Светскиот ден на лицата со посебни потреби (3 Декември) а, како што рече директорката Маја Неделкоска-Брзанова, НГМ ќе организира и во иднина активности за деца од различна возраст, независно од физичката или менталната попреченост.

- Уметноста е нераскинлив дел од севкупното општествено и културно живеење и со својот единствен визуелен јазик ги урива сите бариери, воспоставувајќи глобална комуникација меѓу луѓето, рече Неделкоска-Брзанова на отворањетона изложбата, која беше збогатена со музички настап и стихови на дел од нејзините учесници.

no comments

Read more...

Хасан Налбани изложува во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 6 октомври 2014 година (понеделник) во 19:30 часот ќе се отвори изложба на албанскиот уметник Хасан Налбани.

hasan nalbani

Хасан Налбани (1934) е претставник на првата генерација едуцирани албански уметници, образувани на тогаш оформената Академија за ликовна уметност во Тирана (дипломирал 1964 година). Оваа генерација воведува нови стандарди на албанската ликовна сцена, влијае врз модернизација во стилскиот вокабулар и успева на современ начин да ја пренесе споната помеѓу историјата и традицијата и новото социјално општествено пледоаје. Налбани е дел од оваа значајна база на албанската модерна, кој го привлекол вниманието на тогашната критика со импулсивниот колорит, конструктивност и посебност во градењето на композицијата, како и уметник кој знае да ги извлече поуките од значајната албанска иконографија. Неговиот контакт со природата бил постојано свеж, значаен е како сликар на многубројни пејзажи со прекрасна вивидна светлина, но она по што тој е препознатлив и единствен на албанската ликовна сцена е експресионистичката фигурација и детализмот, кој е реминисценција од долгогодишното искуство во реставрирање на фрескоживописи.

Серијата дела со кои Хасан Налбани се претставува во Националната галерија на Македонија е наречена “Дворот на вдовиците” и станува збор за творби работени во последните 4 години. Серијалот содржи слики на жени во различни групи и различни средини и опкружувања. Меѓу нив се насликани предмети како столици, автомобили, чамци, или дури пејзажи на градовите кои помагаат во обликувањето на идејата која авторот сака да ја пренесе. Во другите дела со човечки фигури, истите се појавуваат во хаотични и храбри пропорции кои наликуваат на визуелни апстракции. Во овие слики Налбани го презентира расцепот на личноста на човекот во реалноста, каде што тој е секогаш во прашање, како и ограничената социјализација во современото општество и непостојаноста во односите со другите околу него. А тоа предиво, колку и да се чини иронично, се проткајува низ судбината на сите нас. Поединецот се обидува својата осаменост, индиректно да ја сподели со другите.

_____________________________________________

Фотографии од отворањето на изложбата и од поставката.

hasan nalbani

no comments

Read more...

Изложба на Илија Кавкалески во КИЦ Софија

 Изложба на Илија Кавкалески со наслов Акварели во Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија …

Pokana_Kavkaleski

Во организација на Националната галерија на Македонија на 29 април 2014 година (вторник) во 18.30 часот во Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија, ќе се отвори изложба на Илија Кавкалески со наслов Акварели.

Илија Кавкалески – Кавкале целиот живот создава дела во кои се вткаени неговите емоционални чувства. Уметност искрена и чиста, ослободена од секаква филозофија. Станува збор за визуелизирана чувственост која се спротиставува на деструктивноста и дехуманизацијата на цивилизацијата на векот кој штотуку одмина. Опседнат од природната убавина овозможува да ја откриеме неговата мотивска приврзаност. Во тие заносни чувства ги откриваме чувственоста, страста, занесот по природната убавина и атмосферската типичност на околината, како визуелни раздразнувачки впечатоци и спомени. Пејзажи окапени во сончеви бои, езерска свежина, средоземна врелина, типична синевина, езерско-морски бранувања. Сликарски хармонии создадени од меланжот на палетата на уметникот, глетки лично доживеани, копнеж, чувства, спектар на бои, глетка на духот во обидот да се доловат неповторливите мигови на постоењето. Авторот во овие негови ликовни записи внесол задоволство и импресија за претставата и мотивот, рожба на сопствените ликовно-лирски размисли. Неговата милозвучна енергија што извира од овие дела сигурно никого нема да повреди и да оптовари, туку напротив во допирот со највредното ликовно во нас ќе ги побуди искреноста и восхитеноста.

kavkaleski 1 minhauzen

Легитимен сонувач, лиричар што со леснотија слика спонтано, со чиста душа, исполнет што создава убавина за другите. Делата на Илија Кавкалески се негова визуелна рецепција претворена во бои и форми кои промовирааат пораки за среќа, љубов, слобода и спокој. Сликарство едноставно искрено и чисто.

Изложбата ќе биде отворена до 15 мај 2014 година.

kavkaleski 1

На изложбата свое обраќање ќе имаат г-ѓа Маја Неделкоска-Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија, г-дин Васко Шутаров, директор на Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија и г-дин Љупчо Маленков, виш кустос во Национална галерија на Македонија.

_________________________________________

Синоќа во КИЦ на Република Македонија во Софија беше отворена првата самостојна изложба од акварели на нашиот познат уметник Илија Кавкалески-Кавкале.
Во Софија, Кавкалески се претстави со 20 дела, кои предизвикаа внимание кај посетителите на нашиот Центар во Софија. За делото и уметничкиот пат на Илија Кавкалески зборуваа директорите на Македонскиот културен Центар и Националната галерија на Македонија, Васко Шутаров и Маја Неделкоска-Брзанова, како и Љупчо Маленков, виш кустос. Проектот е целосно подржан од нашето Министерство за култура.

no comments

Read more...