Изложба “Икони XIV-XX век” од колекцијата

Print

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 21 декември 2017 година (петок) во 19 часот ќе се отвори изложбата “ Икони XIV-XX век”.

Во средината на дваесеттиот век во културното живеење во Македонија се јавува потреба македонската ликовна сцена да биде водена и поттикнувана од стручна институција во која би се презентирала и афирмирала македонската ликовна уметност. За таа цел била извршена адаптација, односно конзервација и реставрација на Даут пашиниот амам и истиот ја добил функцијата на Уметничка галерија. Набрзо, благодарение на ентузијазмот и професионалноста на стручниот тим во галеријата почнува да се формира и збирка на ликовни дела. Се правеле откупи од македонски, српски, хрватски, словенечки, црногорски и босански автори. Во исто време, од страна на Археолошкиот музеј, на галеријата и биле предадени педесеттина икони од кои еден дел биле изложени во тогашната поставка на галеријата а останатиот дел бил сместен во нејзините депоа. Тоа биле пред се икони донесени од тогаш неактивните цркви и манастири, заради нивна безбедност и заштита. Останатиот дел биле откупи од приватни колекции.

На свеченото отварање на Галеријата во 1950 година била отворена и првата поставка на ликовни дела: икони од XIV – XIX век, копии од најубавите примери на македонските фрески и ликовни дела од тогашната македонска и југословенска современа уметност.

Овој податок зборува дека иконите хронолошки биле дел од поставката на галеријата од првите години од нејзиното постоење. Во текстот за каталогот издаден во 1950 година по повод отворањето на првата официјална поставка, меѓу другото стои: “ На Илинден 1950 година, македонските уметници по двегодишна подготовка, удрија темел на првата Уметничка галерија во Скопје. Во Галеријата ги гледаме безимените наши зографи што со своите дела ги напишаа најубавите страници на нашата уметничка историја. Живеејќи под најтешки политички и економски услови во поробениот и заборавениот Балкан, тие беа творци на најсилното што го даде човештвото во уметноста за полни четири столетија oд италијанската ренесанса и три столетија пред генијалниот Ѓото”. (Каталог, Уметничка галерија Скопје, Скопје, 1950).

Денес збирката на икони во Националната галерија на Македонија брои над педесеттина примероци од кои една икона датира од средината на XIV век, една од XV-XVI век, а останатите икони му припаѓаат на поствизантискиот период, периодот на Преродбата (XIX) век, и мал број икони од почетокот на XX век. Според стилската и хронолошката припадност, најмногу примероци припаѓаат на поствизантискиот период и периодот на Преродбата.

На изложбата ќе бидат презентирани околу четириесет икони, светогорски графики и копии од фрески од колекцијата на Националната галерија на Македонија и Музеј на Македонија. Изложбата на љубителите на уметноста им дава преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на македонското иконописно творештво од XIV-XX.

По пaдот на Самуиловото царство во 1018 година, Македонија потпаѓа под византиска власт. Тогаш настануваат наубавите и најуспешните уметнички остварувања во црковната уметност и не случајно овој период во историјата на уметноста ќе биде обележан како „ренесанса на палеолозите“(1261-1453). Иконата, како автентичен продукт на византиската цивилизација, станала водечки култен објект во православната црква. Молитвите упатени до неа и нејзината посредничка улога меѓу небото и земјата придонесле таа да стане човекова потреба за добивање на морална сила и спасение на душата. Како единствен траен институционален фактор кој имал големо влијание во квалитетот и продукцијата на иконите е Охридската архиепископија, црковна институција втемелена уште за време на цар Самуил која до крајот на своето постоење останала чувар на културните традиции во Македонија.

По 1395 година, со воспоставувањето на османлиската власт во Македонија и со прекинувањето на комуникациите со трговските и културните центри, активноста на зографските работилници полека почнува да гасне. Продукцијата на сликарски дела почнува да се намалува, а очигледен е и падот на квалитетот на новосоздадените дела. Осиромашувањето на населението довело до помала побарувачка на икони, поради што зографските тајфи почнале да се растураат. Но фактот што по потпаѓањето на Македонија под османлиска власт Охридската архиепископија не била укината има особена важност во одржување на континуитетот на уметничкото творештво во Македонија.

Кон крајот на XIX век, доаѓа до значајни промени во религиозното сликарство. Со појавата на Димитар Андонов Папрадишки и Ѓорѓи Зографски, очигледни се новите ликовно-естетски вредности во црковното сликарство. Школувани во Русија, тие полека го напуштаат традиционалното сликарство, правејќи ги првите чекори кон граѓанската уметност. Ним во првата деценија на XX век им се придружуваат Коста Вангеловиќ и Трајко Муфтински.

Изложбата ќе биде отворена до 30 – ти јануари 2018 година.
Славица Алексоска, виш кустос
Национална галерија на Македонија

no comments

Read more...

Изложба од Конкурсот на Министерството за култура за откуп на ликовни дела

Министерството за култура на Република Македонија, Музејот на современата уметност – Скопје и Националната галерија на Македонија ќе ја промовираат изложбата на дела од Конкурсот на Министерството за култура за откуп на ликовни дела од областа на визуелните уметности за 2014 година, на 30 март 2015 година (понеделник), во 12 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, објект Чифте амам.

otkupeni dela cifte amam

Од пристигнатите 228 пријави или вкупно 605 дела, петчлената стручна комисија, направи селекција на 64 уметнички дела, од различни визуелни медиуми: слики, скулптури, објекти, инсталации и видео инсталации од повеќе еминентни автори, како од постарата, средната, како и од помладата генерација уметници со цел поттикнување и стимулирање на нивниот иден творечки развој. Најголемиот дел од откупените дела се наменети за збогатување на збирките и поставките на Музејот на современата уметност и Националната галерија на Македонија.

Меѓу откупените дела кои се делигирани во збирката на Музејот на современата уметност се наоѓаат авторите: Жанета Вангели, Благоја Маневски, Славица Јанешлиева, Беди Ибрахим и др. За збирката на Националната галерија откупени се делата на: Ристо Калчевски, Симон Шемов, Рубенс Корубин, Веле Ташовски, Томе Аџиевски и др.

Изложбата ќе биде отворена за увид на македонската јавност до 07.04.2015 година.

_____________________________________________________

На Конкурсот пристигнале 605 дела од различни визуелни медиуми (слики, скулптури, објекти, инсталации и видеоинсталации) од сите генерации македонски уметници, а петчлената стручна комисија избрала за откуп 64 дела …

chifte otkup 06a izlozba

Од денеска до 7 април во галеријата Чифте амам е отворена изложба на дела прифатени на првиот Конкурс на Министерството за култура за откуп на ликовни дела од областа на визуелните уметности за 2014 година. На Конкурсот пристигнале 605 дела од различни визуелни медиуми (слики, скулптури, објекти, инсталации и видеоинсталации) од сите генерации македонски уметници, а петчлената стручна комисија избрала за откуп 64 дела. По изложбата во Чифте амам, 21 дело ќе бидат дел од збирката на Музејот на современата уметност, 15 ќе ги добие Националната галерија на Македонија, а некои од делата ќе бидат подарени во државни институции.

Отворајќи ја изложбата во Чифте амам, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека со избраните 64 дела ќе се дополнат фондовите на институциите од ликовната уметност со дела на повеќе еминентни автори кои, како што рече, со своето творештво оставиле траен белег во македонската ликовна уметност.

- Автори кои дадоа исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, уметници кои учествувале на значајни манифестации во земјава и во странство, како и дела од помладата генерација уметници со истакнат ликовен израз за кои ова ќе биде значаен поттик во натамошното дефинирање на нивниот творечки идентитет – истакна Канческа-Милевска.

02 izlozba

Таа е уверена дека оваа стимулативна мерка ќе има долгорочни придобивки за македонската ликовна уметност. Пред еден месец завршил и вториот Конкурс за откуп на ликовни дела од областа на визуелните уметности за 2015 година, а избраните повторно ќе бидат презентирани на изложба.

Овој проект, кој е дел од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017, го поздравија првите луѓе на МСУ и НГМ, Елиза Шулевска и Маја Неделковска-Брзанова, и уметникот Данчо Ордев во името на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

chifte otkup 04 izlozba

- Ова е пресек на ликовното творештво во Македонија – имаме од сите возрасти, од сите правци, од сите сензибилитети. Од изложбата се гледа дека комисијата имала критериум зашто не видов творба со сомнителен карактер. Во името на уметниците, целосно ја поддржувам оваа акција, затоа што имаме вакуум од околу 20 години – во 1990-тите беа последните откупи. Во интерес е на самите автори, а особено во интерес на институциите на кои ќе им бидат дадени овие дела и тие ќе бидат национално творештво. Сите овие автори и дела ќе останат документ на времето – рече Ордев.

Директорките на МСУ и НГМ нагласија дека со конкурсите перманентно, а не инцидентно како досега, ќе бидат збогатувани нивните колекции, дека се поттикнуваат уметниците да творат, се валоризира нивниот труд и нивните дела стануват подостапни и видливи за публиката.

no comments

Read more...