Самостојна изложба на Евгениј Пантев во Мала станица

Националната галерија на Македонија на 3-ти октомври (вторник) ќе ја претстави самостојната изложба на графичарот Евгениј Пантев во објектот Мала станица. Отворањето на изложбата е со почеток во 20 часот.

pantev

Своето богато ликовно творештво несебично го има споделено со широката публика и љубителите на уметноста преку голем број самостојни изложби во земјава, над 100 национални и меѓународни групни графички изложби, биенални и триенални во Македонија, Бугарија , Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Грција,Турција, Шпанија, Португалија, Франција, Англија, Белгија,Холандија, Италија, Полска,Литванија, Англија, Египет, ОАЕ , Канада ,Јапонија, Кина ,Русија ,САД и др.

Евгениј Пантев реализира дела што го ослободуваат неговиот поетски потенцијал создавајќи притоа една геометриска макроскопска визија. Разните форми на хартијата прават алузија на леден таен ритуал. Творештво што не бара препознавање, а во исто време раскажува, но и сугерира. Делата на Пантев се со бистар, јасен говор и прецизен потег. Станува збор за афинитет кон одредени облици во просторот кои прават хармонична усогласеност. Авторот со строги канони и ставови, верен на традиционалните графички техники, особено сува игла, е во постојано испитување и истражување во обликувањето на просторот и материјалот, при што настануваат дела со разновидност и разномерност. Оттука и овие облик-знак, знак-симбол или симбол-облик, поставени во имагинарни и симболични простори во неговата душа, на неговата духовна иконографија. Чувството е големо штом делата на вредната рака, смелоста и мечтата ги опфатиш со поглед.“

no comments

Read more...

Изложба на црногорските уметници Ратко Одаловиќ и Сретен Милатовиќ

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 25 март 2015 година, во 19.30 часот, ќе се отвори изложба на црногорските уметници Ратко Одаловиќ и Сретен Милатовиќ.

Ratko Odalovic 03

На оваа изложба Ратко Одаловиќ се претставува со колористички цртежи во темнокафеав тоналитет со окер, розови, жолти и сини акценти и површини. Тоа се композиции реализирани со редукција и се исклучително декоративно богати – со орнаментален репертоар што почива на принципите на horror vacui (страв од празен простор) внатре во просторот, кој го опфаќа централниот мотив – симплегма на човековата фигура/креатури и елементи на машинската индустрија. Некогаш се сведени на изолирани карикатурални ликови со модификувани внатрешни организми или линеарни клопчиња со кои се симулира човековиот нервен систем или крвотек. На овие дела, пред сè, до израз доаѓаат авторовите високи естетски вредности, минуциозност и исклучителна цртачка вештина.

Crna Gora PokanaНа цртежите доминираат чудесни направи со невидлив/видлив човек што е само делумно сроден на својата прилика. Меѓутоа, вниманието место на човековото битие се поместило кон структурата и функцијата што се однесува на индустриската и на космичката енергија.

Во делото со наслов „Ноќ 1“, наменски конципирано за просторот во Националната галерија на Македонија во Скопје, Сретен Милатовиќ во своите анализи за скулптурата за разлика од порано оди чекор понатаму. И понатаму главен елемент се темните гранитни квадранти, но овојпат уметникот избира вид што е најблизу до Острошкиот камен по структурата и по бојата. 33 правилно исечени квадранти со исти димензии (25х25х7 см), со длабоки врежувања на горната површина во вид на „свежо изорана земја, не се повеќе тесно сложени еден покрај друг така што создаваат единствена површина што сугерира раскошен, нерамен, а воедно и немилосрден црногорски пејзаж.

Правилно исечени, со остри агли и измазнети страни, со значително поплошни „лица“, сугерираат форма што не може да се најде во природата, а која е обид на „надмоќта“ – манифестирање на „човековата сопственост/влијание над хаосот на природата“8. Тие се темни, но не се црни, туку веќе темносиви и како да се „внимателно сенчени со молив“, носат сенки во наборите. Се воочува и свртување и кај другиот, еднакво важен елемент во делото – чакалот, кој веќе не е гранична линија, бела маргина што ја дава контурата. Избира темен песок – гранитна ризла со поситна гранулација, по која квадрантите се распоредени како созвездија во космичко пространство, од чиј меѓусебен однос се создаваат нови релации. Како што Лубарда, „кој себеси си даде тешка задача од сивиот тон да извлече наполна колористична слика“9 и во темната ноќ без месечина на Милатовиќ, ноќ што проголтува сè, сепак ја чувствуваме неговата придушена светлина.

Ратко Одаловиќ е роден на 24.11.1964 година во Граховац, Црна Гора. Основно училиште завршил во Граховац, средно училиште во Подгорица – насока уметнички дизајн. Факултет за ликовни уметности запишал во Белград 1985 година и дипломирал во класата на Живоин Турински во 1990 година. Магистарска изложба на слики имал во 1993 година во Галеријата „Kolarčeva zadužbina“, кога и магистрирал во класата на професорот Живоин Турински. Работи како вонреден професор на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње.

Сретен Милатовиќ е роден на 01.03.1966 година во Никшиќ. Завршил Академија за ликовни уметности, оддел вајарство во Сараево, 1992 година, во класата на професорот Алија Кучукалиќ. Магистрирал во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње. Од 2009 година работи со звање доцент на Универзитетот во Источно Сараево, АЛУ-Требиње. Живее и работи во Требиње и Никшиќ.

Изложбата ќе ја отворат г-ѓа Маја Неделкоска Брзанова, директор на Националната галерија на Македонија и проф. Павле Пејовиќ, директор на Народниот музеј на Црна Гора.

no comments

Read more...

Иван Фијолиќ изложува во Чифте амам

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 23 декември 2014 година (вторник) во 20 часот, ќе се отвори изложба на хрватскиот уметник Иван Фијолиќ со наслов Нео Н.O.Б.

fijolic 2

Изложбата комбинира 6 монументални скулптури инспирирани од историјата на социјалистичката ослободителната борба и јавните скулптури кои го формирале визуелниот јазик на идеологијата за една генерација.

Новата серија на скулптури од Иван Фијолиќ насловена Нео НОБ дури и не се обидува да ги сокрие своите референци (хрватски) во однос на Социјалистичкиот реализам во уметноста, кој беше доминантен уметнички метод само четири години 1945-1949, по што беше напуштен поради новите политички околности и процесот на де-сталинизација. Тогаш Соц-реализмот станал маргинализирана уметничка продукција, која не направила свој пат кај официјалните раскажувачи на хрватската историја на уметност, или била спомната само за кратко. Зошто Фијолиќ, речиси седум децении подоцна, не навраќа на теоретските идеи, или уште подобро: “насоките” дадени од страна на Павлов, Розентал, или во нашиот случај, Гамулин, кои строго ја пропишуваат темата, содржината и формалните решенија за уметниците со стеснување на границите на уметничката “слобода”? Зошто е Фијолиќ сега заинтересиран за упатување на околностите на продукција на “инструментализирана” уметност, која требаше да создаде “класични слики на сегашноста и славната борба за среќата на човештвото”?

Може да се побараат одговорите на овие прашања гледајќи во централната скулптура од нео НОБ серијата, создадена врз основа на (со намерни излети од оригиналот) споменикот на Аугустинчиќ на Јосип Броз Тито, подигнат во 1948 година, пред неговата родна куќа во Кумровец. Фијолиќ, еден од ретките уметници од помладата генерација чиј фокус на интерес е фигуративно пластичната уметност, го избра повикувањето на споменикот на Аугустинчиќ како почетна точка на игра со естетските и етичките категории на социјалистичката уметност од неколку причини. Фијолиќ презеде задачата за изнаоѓање на социјал реалистичките скулптури “вредни да се споменат” и да направи нови врз основа на нив. Новата скулптура не смее да биде копија, но сепак треба да биде многу блиску до оригиналот. Потоа, тој самиот си постави задача да го најде патот до класичната антика и ренесансната уметност, до грчкиот канон, до Дорифорос, Нике, Микеланџело, преку Социјалистички реализам, но да се остане верен на својот поп стил. Третата опструкција, на која уметникот одговори преку Нео НОБ серијата, беше да се “преведе” педагошката улога на Социјалистичкиот реализам во современиот контекст, имено, да се актуелизира принципот на креирање на уметност за “повисоки цели”. Дали уметноста може да се инструментализира до таа мера, така што треба да се разбуди општеството од својата летаргија, како што се залагале уметниците во почетокот на поствоениот период на другата страна на железната завеса – останува отворено прашање.

Иван Фијолиќ е еден од најпрепознатливите хрватски уметници од помладата генерација и претежно работи во медиум на скулптурата. До сега има изложувано во околу 30 групни и 23 самостојни изложби како во Хрватска така и во странство.

На отворањето на изложбата ќе бидат присутни авторот и кустосот во галеријата Лауба Морана Матковиќ кои ќе ја презентираат уметноста на Фијолиќ.

Оваа изложба претставува иницијатива за соработка помеѓу Националната галерија на Македонија и галеријата Лауба од Загреб, која отвора можност да презентација на македонската современа уметност во Загреб.

no comments

Read more...

Словенецот Роман Уранјек во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 18 јуни 2014 година (среда), во 20 часот ќе се отвори изложба на Роман Уранјек со наслов At Least One Cross A Day After 1.1.2002.

 roman uranjek 1

Роман Уранјек е реномиран уметник кој живее и работи во Словенија, еден од основачите на светски познатиот уметнички колектив IRWIN, дел од култната групација Neue Slowenische Kunst (NSK).

roman uranjek plakatРоман Уранјек почнувајќи од 1 јануари 2002 година (денот од кога еврото е платежно средство во Европската Унија), кога го изработува првиот крст интервенирајќи врз европската валута евро, започнува проект насловен At Least One Cross A Day After 1.1.2002 со што секојдневно изработува дело во кој го употребува крстот.

Создадените дела се конципирани во книги (Artists Book) и e проект разработен во неколку тематски целини.

Една од целините на сет на книги се фотографии на крст изработени секој ден, почнувајќи од денот 29.06.2008 година. Секоја книга е со околу 48 фотографии, што значи 48 дена и 48 фотографии каде е присутен симболот на крст. Книгата е фотодневник каде што е извршено фотографирање ден за ден на крст присутен во нашиот секојдневен живот.

Следниот сет на книги се состои од оригинални книги, во кои е интервенирано во опсегот од Романовите крстови. Тоа е комплексна целина. Овде е присутен оригиналниот уметников пристап на секоја страница од книгата.

roman uranjek 3

Овие книги можат да се поделат на книги дневници за секоја година почнувајќи од 2005 година, па до 2013 година, каде Уранјек создава дело секојдневно кое е аплицирано во книгата со што изработува своевиден дневник на визуелни записи.

 

Следниот циклус на книги се авторските дела на моменталната инспирација, интервенирајќи врз репродукции во книги за уметноста (монографии и книги за уметноста) како што се Лусијан Фројд, Пабло Пикасо, Гоја, Dadaism, Abstract expressionism, Il Futorismo, итн …

Секоја книга исто така, секогаш вклучува најмалку еден оригинален цртеж (At Least One Cross A Day After 1.1.2002).

На изложбата покрај оригиналните книги се изложени и принтови од графичката мапа изработена за оваа изложба. Како раритет на оваа изложба претставени се 3 принта, документарна фотографија на исцртани крстови во јавен простор од Роман Уранјек од неговата посета на Скопје во 2007 година

Изложбата ќе ја отворат г-ѓа Маја Неделкоска-Брзанова, директор на Националната Галерија на Македонија и г-дин Бранко Раковец, амбасадор на Република Словенија во Република Македонија.

______________________________________________

Фотографии од отворањето на изложбата во Мала станица.

 

 

no comments

Read more...

Завршна изложба од ликовната работилница УМЕТНИКОТ И ЈАС

Завршна изложба со резултати од ликовната работилница УМЕТНИКОТ И ЈАС, во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам …

umetnikot i jas 1

По повод 18 мај, Светскиот ден на музеите, во Националната галерија на Македонија, објектот Даут пашин амам на 19 мај 2014 година (понеделник) во 11 часот ќе биде презентирана завршна изложба со резултати од ликовната работилница УМЕТНИКОТ И ЈАС.

Во изминатиов период деца од предшколска возраст, како и ученици од неколку основни и средни училишта работеа студии во најразлични сликарски техники, инспирирани од нашите репрезентативни дела на македонски ликовни уметници, кои се дел од постојаната поставка на збирката. Акцентот треба да се стави врз интересната компарација со различниот прием и приказ на различните целни групи кон истите ликовни мотиви.

Ликовната работилница е реализирана како дел од годишната едукативна програма, а модератор беше ликовниот уметник Ацо Таневски.

umetnikot i jas 2

 

__________________________________________

Слики од изложбата и доделувањето на наградите во Даут пашин амам.

umetnikot i jas 3

umetnikot i jas 4

umetnikot i jas 2

umetnikot i jas 1

no comments

Read more...

„Скопје низ објективот на еден млад француски фотограф“ во Чифте амам

Изложбата на фотографии од главниот град на Жереми Бишолц, насловена како „Скопје низ објективот на еден млад француски фотограф“, ќе биде отворена в среда 16 април 2014 во галеријата Чифте амам и ќе трае до 30 април 2014.

jeremie buchholtz vo cifte

Францускиот институт во Скопје и Националната галерија на Македонија имаат чест да Ве поканат на отворањето на изложбата на фотографии на Жереми Бишолц „СКОПЈЕ НИЗ ОБЈЕКТИВОТ НА ЕДЕН МЛАД ФРАНЦУСКИ ФОТОГРАФ“. Во текот на еднонеделниот уметнички претсој во септември минатата година, Бишолц направи серија фотографии од главниот град, кои ќе бидат поставени во галеријата до 30-ти април.

Изложбата ќе ја отворат Н.Е. г-ѓа Лоранс Оер, Амбасадор на Франција во Македонија и г-ѓа Маја Неделкоска-Брзанова, в.д. Директор на Националната галерија на Македонија, во присуство на уметникот.

Овој настан се организира во рамките на одбележувањето на 40-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје.

* * *

Жереми Бишолц е независен уметник фотограф и живее и работи помеѓу Бордо и Париз. Студирал историја на уметност и ликовна уметност, а потоа и фотографија и историја на фотографијата, со специјалност познавање на фотографијата на филм и дигиталната фотографија.

Паралелно со професионалната кариера, тој работи и репортажи за издаваштвото, изложби и фотографии за специјализиран печат на тема луѓето и нивната околина, културно-историското-наследство, архитектура и урбанизам и современа уметност. Зел учество во изработката на дванаесет книги на тема архитектура и урбанизам, како и во изработката на четири дела кои ја обработуваат поврзаноста на културно-историското наследство на земјите и гастрономијата.

Има реализирано изложби во Франција, Кина, Ирска, Летонија, Полска и Канада.

* * *

Во текот на еднонеделниот уметнички престој во септември минатата година, Бишолц направи серија фотографии од Скопје. Изложбата на неговите фотографии од главниот град, насловена како „Скопје низ објективот на еден млад француски фотограф“, ќе биде отворена в среда 16 април 2014 во галеријата Чифте амам и ќе трае до 30 април 2014.

______________________________________

Вчаре вечер (среда, 16 април) беше отворена изложбата „Скопје низ објективот на еден млад француски фотограф“. Погледнете ги фотографиите од свеченото отворање.

jeremie buchholtz 17

no comments

Read more...