Мала станица

Мултимедијален центар Мала Станица

Мултимедијалниот центар Мала станица како ново културно „место” во состав на Националната галерија на Македонија, во структурата на современо Скопје има специфична историска по­за­ди­на, која на карактеристичен начин поврзува различни времиња.

Во хронолошка смисла, објектот кој што популарно е познат како „Мала станица” претставува дел од поновата историја на изградбата на Скопје, поточно, потекнува од пе­ри­одот меѓу двете светски војни. Како дел од акцијата за изградба, са­на­ција и обнова на одредени железнички станици и други објекти за потребите на железницата, во 1922 година била доградена „теснолинејката“ која од станицата „Горно Скопје”, попозната како „Ма­ла станица”, преку населбата Ѓорче Петров, требала да ја овозможи врската на Скопје со Охрид и Струга. Заради потребите за непречено функционирање на „Мала станица”, во тој период ќе бидат изградени и бројни придружни објекти: алатници, магацински простори и сл., во функција на нејзино непречено одржување. Еден од тие објекти е и објектот што денес е познат како „Мала станица”, изграден 1924 година, кој што претставува еден од последните такви објекти во овој дел на Скопје.

 

Mala stanica plan prizemje

План на приземје на изложбениот простор

Mala stanica plan sprat
План на горниот спрат на изложбениот простор

Во периодот по 1945 година, во овој објект биле сместени воени со­држини на тогашната ЈНА, кои што заради нивната природа, ќе го тргнат објектот од вниманието на јавноста во еден подолг временски период. По распадот на СФРЈ и повлекувањето на ЈНА, објектот беше отстапен и наменет за реализација на културни содржини, иако во периодот од 1991 година наваму, во отсуство на конкретни инвестициски зафати, објектот не беше ставен во целосна градежна и архитектонска кондиција за да овозможи негово претворање во соодветен „културен центар” кој ќе промовира и афирмира културни содржини во градот.

Во периодот по 1994 година беа реализирани неколку културни настани и проекти. Тоа е времето на иницијативите за „приватен театар” , кога во просторот на „Мала станица” беше промовирана идејата за „културен центар”. Во периодот од 1994-1996 година, во објектот беа реализирани и неколку меѓународни проекти на ИООМ Центарот за современи уметности.

Во 2003 година, Министерството за култура ја презема обврската да го заврши објектот како мултимедијален центар при Националната галерија на Македонија. Од тој момент, до денот на свеченото отворање на објектот на 3 ноември 2005 година, беа направени и реализирани нови проекти и зафати за адаптација и пренамена на просторот.

malastanica_plan

Новите зафати за ентериерно уредување и функционална адаптација на просторот се изведени според високи стандарди за галериско работење, со акцентирање на повеќенаменската функционалност на објектот. Сегашните 2.000 м2 на Мултимедијалниот центар „Мала станица” овозмо­жуваат реализација на висококвалитетни музејско-галериски содржини и комплексни мултимедијални проекти, со што овој објект дефинитивно се вбројува меѓу ретките од тој вид кај нас.

Постои уште една суштинска причина зошто е важно конечното ставање во функција на овој објект. Иако релативно ненаметлив според својата архитектонска концепција, која што е произлезена од неговата првична утилитарна функција, објектот „Мала станица”, од денешна перспектива претставува дел од едно специфично наследство кое не само кај нас туку посебно во светот предизвикува на многу актуелно и ангажирано промислување за продолжување на неговата функција и живот.

mala stanica

Всушност, се работи за анимирање и ставање во функција на т.н. „индустриско наследство” , кое што според референтните меѓународни документи и упатства претставува специфична категорија на културното наследство кон кое треба да се има и одреден режим на однесување и специфичен однос при неговото користење.

mala stanica daut chifte

This post is also available in: English, Albanian