Афердита Кики во КИЦ Софија
Афердита Кики
Културно информативен центар на Република Македонија во Софија
Отворање 5 септември, 2013, 18.30 часот
Уметноста што ја создава уметницата Афердита Кики плени со силната потреба за ликовно изразување. Едноставно, поседува свој свет на слобода. Со одредени комбинации на линии, боја, јазли, нишки, реси и облици ангажира директно, но и посредно. Кики е уметница со неверојатно изразени фактори на креативност, способност да апсорбира, способност да преобликува, да расчленува и да апстрахира. Оригинална во изразот и сензибилна во забележувањето, нè импресионира со креативната мисла и продлабочената емоционалност; бележења на непредвидливи физички и емоционални активности – апсорбирани чувства и емоции.
Низ историски и себесвојствен философски контекст го покажува сентимент и пиетет кон уметничкото минато. Делата ја вклучуваат временската димензија на гледање на уметничкото дело, со што и го соопштува својот став. Следиме метафори на духовни и морални состојби за значењето на традицијата и пред сè културниот идентитет. Афердита Кики создава уметност трагајќи по праисконското; понесена така, запловува во свет на трепетливоста на мисловната ангажираност за да предизвика ликовна возбуда и естетска радост.
Нејзините дела се самостојни и автентични исполнети со лирска разиграност и синтеза на современото со традиционалното.