Ацо Таневски изложува во Њујорк

Во организација на Националната галерија на Македонија, на 9 октомври 2015 година (петок) во 18 часот ќе се отвори изложба на Ацо Таневски со наслов Додекоманија во Македонскиот културен центар (или Gallery MC) во Њујорк, САД. Куратот на изложбата е кустос, Горанчо Ѓоргиевски.
„И додека Ацо Таневски во своето досегашно уметничко делување твореше во чисто ликовни и понекогаш во некласични ликовни идејни концепти, со Додекоманија креира концептуализиран и промислен интермедијален творечки проект, спој на ликовниот и поетскиот израз, блиска средба помеѓу сликата и песната, спој на два уметнички јазика, контекстуалности/текстуалности, знаковности и семантички пракси. Додекоманија обединува на едно место четириесетина песни и исто толку визуелни претстави – колажи. Во друг контекст ликовниот елемент би бил илустрација на поетскиот запис, но овде овие два медиуми се перцепираат секој одделно, то ест се надополнуваат, затоа што претставуваат заокружени и лично одбележани целини, но воедно би можеле и да се читаат и како деликатни, симболични и културолошки кодирани паралелности. Можеби и самата поезија инспирирана од секојдневието на авторот, во својот зародиш го содржи ликовниот елемент, кој Таневски го претвора во слика. Бар кодот кој е присутен во сите дела, е новоисториската приказна за нумерирањето како на продуктите, така и на човекот и е израз на авторовиот протест против дехуманизацијата на човекот, праќајки порака дека човекот не е бројка, туку личност со име и презиме… И одеднаш без никаква особена причина, Таневски со ова изложба ја вообликува потребата од нови облици на творечко изразување и создава нов ликовно-поетски артефакт – флуид меѓу сликата и поезијата и во случајот ова не е дијалог помеѓу два уметнички медиуми, туку авторов монолог во кој се раѓа еден трет интермедијален, интертекстуален и уметнички свет и јазик на изразување.“, Горанчо Ѓорѓиевски