Изложбен простор Чифте Амам
Според историските извори Чифте Амамот бил изграден во втората половина на 15 век, како дар (мираз) од Иса Бег со површина од 1056 метри квадратни.
Чифте амамот (Турски бањи) се состои од два безмалку идентични делови со одвоени влезови за мажи и жени, од што и произлегува самото име чифте или двоен амам. Амамот е изграден во ист стил како и другите исламски градби од тоа време со користење на цигли, камења и малтер. Во него доминираат две големи куполи сместени на спротивни страни од градбата, а има и повеќе мали куполи кои се наоѓаат во бројните соби, засводувајќи ги.
Во 1963 година за време на големиот земјотрес во Скопје, Чифте Амамот е значително оштетен. Во 2000 година, Амамот и е доделен на користење на Уметничката галерија Скопје во функција на мултимедијален изложбен простор.
Детален план на изложбениот простор
Чифте амам – историјат
Амамот бил изграден во средината на 15 век од страна Иса – бег и завештан за потребите на неговите задужбини во Скопје, медресата и теќето. Инаку, Иса-бег бил трет по ред скопски краишки војвода и еден од најголемите градители на турски профани и сакрални објекти во градот.
Овој објект со вкупна површина од 1056 м2 претставува редок примерок на Балканскиот полуостров со вонредна архитектонска вредност. Самиот назив објаснува дека се работи за двоен амам, машки и женски. Два идентични дела со изолирани влезови. Во архитектонска интерпретација претставува монолитна градба, со функционално единство и единство во надворешното обликување. Граден е во сличен стил како и другите турски јавни градби- од камен, тули и малтер. Има две големи и повеке помали куполи, поставени врз ниски тамбури, што ги засводуваат неговите многубројни простории. Во ентериерот куполите се пластично декорирани со вонредна техничка изведба.
Чифте амам се претпоставува дека престанал да работи и да служи за својата основна намена во 1916/17 година. Потоа почнал да пропаѓа и неговите простории служеле како магацини.
Биле вршени извесни преправки и адаптации. При овие работи на многу места бил оштетен и системот за затоплувањето на амамот под подот. Женскиот дел од Чифте амамот го зафаќа југозападниот дел на објектот, најголемата просторија, која служела за гардероба, има квадратана основа со купола, чијшто пречник изнесува околу 12 метри. Од тоа одделение се влегувало во малку затоплена просторија, со правоаголна форма и над едниот дел се наоѓа купола поставена на осумстран тамбур, со богата сталактитна декорација. На јужниот ѕид е влезот кој води во одделението за депилација и тоалет. Низ преминот на источниот ѕид, се поминува во одделенијата за бањање. Тој се состои од еден средишен простор и од три халвети. Во средишниот дел се наоѓал еден возвишен камен, таканаречен “пеколен камен”, кој служел за препотување и масажа на телото.
Машкиот дел од амамот се наоѓа на североисточниот дел од објектот. Тој е поголем од женскиот и се разликува како по бројот на просториите така и по богатството на декоративната пластика. Осветлувањето и во двете најголеми простории како во женскиот така и во машкиот дел се врши преку светларникот во куполите и низ прозорците во поткуполниот простор како и преку прозорците покрај влезот.
Во 2000 година Чифте амам е предаден во надлежност на Министерство за култура (односно на Уметничката галерија), а за санација и реставрација се грижи НУ Конзерваторскиот центар на град Скопје. Од 2001-2002, се изврши целосно реставрирање, конзервирање и адаптирање на просторот во нов современ изложбен простор.