Loading изложби

« Сите изложби

  • This event has passed.

„Јубилеј 90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“ во Даут пашин амам

декември 21, 2023 @ 19:30 - февруари 29, 2024 @ 18:00

MKD100
Share Button

На 21.12.2023 година (четврток), во Националната галерија, објект Даут пашин амам, во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата вски.

Одбележувајќи го 90 годишниот јубилеј од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989), еден од најзначајните толкувачи на енформелната практика во македонската ликовна уметност, нашата цел е интегрално презентирање на неговото богато творештво. Досегашните истражувања и анализи кои ги сумираме на едно место, односно негово критичко и научно валоризирање како автор кој оставил свој специфичен белег во одредени општествени услови, упатуваат дека Ристо Калчевски зазема исклучително место во развојот и афирмацијата на македонската современа уметност, оставајќи посебен белег и преку долгогодишната педагошка дејност.

Дефинирајќи го како еден од најзначајните претставници на енформелот кај нас, појавата на Ристо Калчевски се случува токму во еден период особено значаен за македонската ликовна сцена, средината на 50те години од минатиот век, односно во услови кога слободата на уметничкото творештво станува незапирлив процес во освременувањето на ликовниот израз. Тој и припаѓа на генерацијата ликовни уметници образувани на некои од југословенските ликовни академии. За прв пат неговите дела биле изложени пред јавноста по дипломирањето во 1957 година, на една групна изложба во Прилеп. Критичката јавност овие дела ги дефинира како плод на синтетичкиот кубизам, во кои е евидентна „карактеристична скратена пиктурална еволуција“. Усогласените строги односи ги нагласуваат геометризирани линии кои ги обликуваат формите и плановите на предметите, елиминирајќи ја играта светло-сенка и валерските решенија.

Вистинскиот почеток на неговиот творечки развоен пат претставува вклучувањето во групата „Мугри“, во 1960-1961 година, соодветно на новите стилски тенденции во неговото творештво, каде асоцијативното го обликува појавното во сликата. Фигурата се уште е присутна, не е потполно елиминирана. Но, третманот во обликувањето на површината укажува на тенденција на разградување на формата, многу повеќе отколку на нејзина конструкција. Притоа, палетата е минуциозно прочистена, а фактурата облагородена.

Првата самостојна изложба 1961 година (заедно со Драгутин Аврамовски Гуте) го дефинира веќе неспорно како автор чие творештво му припаѓа на апстрактно сликарство. Карактеристичниот пиктурален третман во обликувањето на уметниковата визија за некои појави од реалноста врз платното, укажуваат на неговото доближување до смирена лирска апстракција (периодот 1961-1962 година). Ваквите асоцијации, сугерирани токму од самиот автор, упатуваат на можност од исчитување на „сликарската материја и нејзиното „разлевање“ на платното како еден вид метафорична замена на органската материја во нејзиниот динамизам, пулсирање, судрување и распаѓање“. Овој особено плоден период за неговото „ликовно физиономирање“ (1961-1962), е со тенденција на облагородување на ликовниот медиум. Фактурата на сликата произлегува пред се од пиктуралниот рафинман. Во отсуство на ригорозна архитектонска шема, авторот, преку деликатна обработка на избалансираните обоени површини, кои суптилно се прелеваат една во друга, на сликата и ја враќа „индивидуалната сензибилност особено при изборот на одделни пасажи, призлезени како регистрација на средбата на боите во самиот процес на изработката на делото, чија екстатичност е контролирана.“

Во периодот 1963-1968 година Калчевски создава творештво кое според своите карактеристики му припаѓа на тн. апстрактен пејсажизам и/или апстрактен натурализам. Делата настанати во овој период ја задржуваат „основната внатрешна движечка потенција“, обликувајќи притоа своевидна имагинарна геологија, карактеристичен имагинарен простор како асоцијација на природата. Основен белег на оваа творечка фаза е проширување на сликарскиот медиум со внесување на несликарски материјали. Наспроти поранешната мазна фактура, мошне умешно од технолошки аспект, Калчевски сега внесува и други материјали во маслената паста на боите. На тој начин постигнува силно нагласена пастуозност која предизвикува рељефност на површината на сликата. Следниот чекор (1964-1965) е парцелизирање на сликата на површини чија разновидна колористичка функција се нагласува со јасно рељефно одвојување на една од друга. Крајот на 60-те (1967-1968) се отвора кон нови „естетски хоризонти“ преку хомогенизирање на површината, која сега е расчленета со неколку паралелно поставени слоеви на дрвени плочи, разновидно профилирани и обоени. Ваквото парцелизирање на површината на сликата го постигнува со густи слоеви на боја кои содржат рељефни додатоци.

Периодот на 70те години (1972-1980) го дефинираат две можности во пристапот кон разрешување на апстракното во уметничкото дело на Калчевски. Едниот е врзан со постапно укинување на предметното во сликата и негово сведување на „чист однос на боја и облик“, што се доведува во релација со апстрактниот натурализам. Додека, пак, втората солуција е да се афирмира чисто пластичен концепт од самиот почеток, кое пак може да се доведе во врска со „своевиден концептуализам во апстрактното“. Внимателното следење на неговото творештво укажува на паралелна егзистенција на овие две можности, на двата света „кои комуницираат преку хармонични односи“. Оттука, во делата на Калчевски создадени 1975-1978, водејќи се по првиот принцип, врската со реалноста се уште не исчезнала. Тие сочинуваат колаж од богати хроматски плохи кои алудираат на одредени пејсажни панорами, каде бојата станува супституција на поимот (умбрата ја заменува земјата, сината водата или космосот, сивата каменот, зелената полето или шумата, црвената внатрешната енергија итн.). Истиот принцип на проширена асоцијација во апстрактното го применува и во структурата, каде коегзистирањето на мазните и рапавите површини укажува на разорување на површината, асоцирајќи на одредени процеси и трансформации во материјата (набирање, расцепување, виткање, кршење, делење и сл.).

Кон крајот на 70те неговиот ликовен ракопис се смирува. Контрастот на боите го заменува со тонска градација, преку меко ткаење на фактурата со истородни и еднаквозначни елементи чие движење всушност ја креира формата на просторот со тенденција да излезе од рамката на сликата. Тогашната ликовна критика, врз основа на тонската градација на бојата во енформелниот пристап, од една страна, како и суптилните рељефни структури на материјата од друга страна, творештвото на Калчевски го сместува во рамките на француската лирска апстракција (Базен, Сенжие, Зао Ву Ки, Мансје итн.).

Последните негови остварувања, пред крајот на неговиот живот, од крајот на 80те години, само навидум отскокнуваат во однос на неговите претходни ликовни размислувања. За нив е карактеристичен педантен рафинман, грижливо нијансирање на тоновите кои се поставени дводимензионално, преку збрчакни и наслоени парцели, во кои авторот истовремено воведува и разновидни цртачки или колажни интевенции. Тие се надоврзуваат на почетоците во неговото творештво, реинкарнирајќи ги првите лирски моменти во неговите последни остварувања.

Колористичката експресија е примарна, наспроти композицијата и структурата кои се редуцирани, иако некогаш густо пастуозно нанесената боја до состојба на релјефност укажува на потребата да се задоволи елементот на пластичност во ликовното дело. За Калчевски бојата е ликовен знак, но таа има и свои пиктурални особености, со што и дава значење со феноменолошки карактер. Тоновите ги комбинира во „за него прифатливи законитости на правила произлезени од физичко-перцептовните својства на боите, но и од кодовите на појмовно осмислено структурирање на боите“.

Неговите слики се апстрактни, но без видлива агресивност. Тие содржат извесна нежност, како резултат на нијансирањето на монохормните површини. Воочливо е дека кај Калчевски сликата е резултат на „умерена автоматска постапка и аналитички аспект“. Ваквиот став е резултат на пристапот кон сликата како аналитички процес кој опфаќа расчленување на исти или различни сликовни полиња и нивно поврзување во целина. Следејќи го распонот на ликовната мисла на Ристо Калчевски, можеме да заклучиме дека неговото творештво има сопствен специфичен контекст во развојот на македонската ликовна мисла, контекст кој и денес се уште предизвикува нови севкупно и одделно, продлабочени слоеви на исчитување.

Куратори на изложбата се Маја Неделкоска – Брзанова, кустос советник и Маја Чанкуловска – Михајловска, виш кустос.

Изложбата ќе трае до 29.2.2024 година

Share Button

Информации

Почеток:
декември 21, 2023 @ 19:30
Крај:
февруари 29 @ 18:00
Cost:
MKD100
Event Tags:
,
Website:
https://www.facebook.com/events/675394254702429

Локација

Daut Pasha Hamam
Krushevska 1A
Skopje, 1000 Macedonia
+ Google Map