Годишна програма на Националната галерија на РС Македонија за 2022 година
Почитувани љубители на уметноста, уметници, културни работници, медиуми, претставници на дипломатските тела, соработници од образованието и севкупниот општествен и политички естаблишмент, со надеж дека Ве наоѓам во добро здравје, дозволете најнапред да Ви се заблагодарам на сите подеднакво за целата поддршка во изминатата, исклучително тешка 2021 година. Во несекојдневен амбиент, Вашето присуство и ангажман ја одбележа изминатата година за успешна година, за што сите ние во Националната галерија се залагавме и сме особено горди.
Во оваа прилика, плодна културна програма најавувам за 2022 г. Националната галерија воедно изразува благодарност до Министерството за култура за поддршката на Годишната програма.
Месецот март со својот календар донесе две вонпрограмски содржини. Прв настан беше изложбата со наслов „Процут кон женственоста“ по повод Меѓународниот ден на жената, а со вториот настан, во соработка со Францускиот институт од Скопје, се придружуваме кон одбележувањето на Денот на Франкофонијата. И во давата проекти беа/се претставени дела од богатата ризница на Националната галерија.
Понатака, продолжуваме со претставување на убавините на една не така далечна земја, лулка на историјата, културата и модата.
28 март-21 април 2022, Чифте амам
„Убавините на Италија“ изложба на фотографии од Архивот Алинари, Италија
Се работи за изложба на фотографии кои ги отсликуваат убавините на Италија – во сопственост на Архивот Алинари – составена од три секции: пејсажи, дела и лица; и секоја од нив обединува фотографии од крајот на деветнаесеттиот и раниот дваесети век, спротивставени на фотографии од последните децении, како еден вид на времеплов низ пејсажите на Италија, луѓето и уметноста претставени преку објективот на италијанските фотографи (меѓу кои браќата Алинари, Барбиери, Басилико, Беренго Гардин, Фонтана, Џакомели, Мараини, Пелегрин, Ѕание).
На следниот линк може да ја погледнете комплетната листа на фотографии што се вклучени во патувачката изложба: https://we.tl/t-XKl8SuK1yJ . Во прилог и видео со еден дел од фотографиите, за влез треба да ја внесете лозинката mae: https://vimeo.com/468056840 .
Куратор Горанчо Ѓорѓиевски
23 април 2022, Венеција, Италија
59. Венециско биенале, “Landscape experience” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска
Проектот “Landscape Еxperience” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, предложен од Националната галерија, е избран за официјален претставник на Република Северна Македонија на 59. Уметничко биенале во Венеција. Комесар на македонскиот павилјон е д-р Дита Старова Ќерими, а кураторки се Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов.
“Landscape Experience” е мултимедијална инсталација составена од видеопроекции, фотографии и објекти. Истиот третира повеќе проблеми и може да се чита на повеќе нивоа. Со секое следно читање се отвораат нови прашања за нас и за нашата планета. Безумието на војните и беспоштедното губење на животи. Осуда на насилството врз човекот и природата. Еколошките катастрофи кои, за разлика од војните каде што се случува моментално уништување, бавно и тивко ги уништуваат живите организми.
Проектот го проблематизира човекот и неговата еколошка свест и човекот и нeговата политичка свесност. Проблематизирајќи ги овие теми загребуваме и навлегуваме длабоко во смислата на нашето постоење и нашата одговорност. Македонскиот павилјон ќе биде сместен на локацијата Scuola del Laneri.
Општествената репрезентативност на Националната галерија на националната и меѓународната сцена во сферата на промоција и активно учество во современите уметнички текови е евидентна низ годините наназад. Ретроспективно ги претставуваме досегашните учества на ова меѓународно биенале:
1997 – 47. Биенале во Венеција, „Македонија пред Ѓото – Македонија денес“, Анета Светиева;
2001 – 49. Биенале во Венеција, „Ноќни визии“, Јован Шумковски;
2003 – 50. Биенале во Венеција, „Интегрализми“, Жанета Вангели;
2009 – 53. Биенале во Венеција, „50 или 50“, Гоце Наневски;
2011 – 54. Биенале во Венеција, „Досие – Шлепер“, Колектив „Зеро“;
2013 – 55. Биенале во Венеција, “Silentio Patologia”, Елпида Хаџи Василева;
2015 – 56. Биенале во Венеција, „Ние сите сме сами во ова“, Христина Иваноска и Јане Чаловски и
2022 – 59. Биенале во Венеција, “Landscape Experience“на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска
Комесар, д-р Дита Старова Ќерими, куратори: м-р Ана Франговска и д-р Сања Којиќ Младенов
Од 1970 година до денес, Меѓународните здруженија започнаа тековни национални напори за промовирање на свеста за аутизмот и уверување дека сите погодени од аутизам се способни да постигнат највисок можен квалитет на живот. Овој април, месец на прифаќање на аутизмот, продолжуваме со нашите напори да ја шириме свеста, да промовираме прифаќање и да ги направиме промените.
Април 2022
Социјална инклузија, подигнување на свеста во борба со аутизмот
И оваа година работилниците ќе бидат инклузивни, ученици со различен спектар на аутистични нарушувања и другарчиња од редовниот курикулум. Работилниците ќе се реализираат во природа. Темата ќе биде екологија, креирање на позитивни еколошки навики како дел од општество. Само преку заеднички мотиви и иницијативи за чиста животна средина ќе успееме да создадеме здрави генерации и вистинска уметност на живеење.
Едукатор, Маја Димитрова
29 април 2022, Даут пашин амам
Лавиринт на уметноста 2
Едукативна наградна игра за деца од основни училишта. Запознавање на македонската современа уметност преку непосредна интеракција со делата на поставката во објектот Даут пашин амам, Оригинален и единствен пример на музејска едукација во земјава, за прв пат презентирана во 2017 година. Наградната игра ќе трае во текот на месец април. Крајот на наградната игра официјално ќе се одбележи на 29 април 2022, во Даут пашиниот амам, со извлекување на награди и музичка програма.
Едукатор, Ацо Таневски
5 мај – 31 јули 2022, Даут пашин амам
Ретроспективна изложба на Димитар Кондовски
Димитар Кондовски најдоследно во своите дела го остварил стремежот кон синтеза на внимателно одбрани секвенции од духовно-естетскиот и пластичен репертоар на средновековната уметност и оние облици на нонфигуративна и асоцијативна уметност што на тоа традиционалистичко ткиво можеле да му овозможат современа ликовна кохезија. Ваквото негово сликарство, изведено како сложени асамблажи на композитни, деликатни колористични и формални структури, е сублимен степен на долготрајна денатурализација на разновидни визуелни податоци и естетско „филтрирање“ на ликовниот јазик, со цел уметничкото дело да стане автономен естетски феномен. Тоа се состави што потсетуваат на култни, сакрални објекти: низ нив постојано се провлекува едно современо чувство на уметникот, неговата внатрешна потреба, духовниот ритуал и естетиката на овие дела да се вклопи во актуелното ликовно движење, во медитативно и скептично сфаќање на светот.
Куратор, Емил Алексиев, кустоси соработници Александра Зиновски Вилиќ и Горанчо Ѓорѓиевски
27 мај 2022, Мала станица
- Младински пролетен салон
Традиционална републичка едукативна манифестација која заради акуелната пандемија имаше прекин во траење од две години. Темата на Салонот оваа година е „Флора и фауна“. Изложбата на дела од средни училишта и факултети е планирана на крајот од мај месец, пред завршување на учебната година. Отворање 27 мај 2022 во објектот Мала Станица.
Едукатор, Ацо Таневски
Мај – јуни 2022, Даут пашин амам
Годишната изложба на основни училишта
Годишната изложба на основните училишта претставува едукативен проект непосредно врзан со творештвото на македонските автори кои ги претставуваме низ ретроспективен опус. Оваа година тие ќе имаат можност да работат според творештвото на великанот Димитар Кондовски. Ќе има организирани посети на изложбата и кратки прилагодени предавања според возраста на учениците, работилници со можност да работат индивидуално или групно.
Едукатор, Маја Димитрова
Јуни 2022, Чифте амам
Самостојна изложба на Свјетлан Јунаковиќ, уметник од Хрватска во организација на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“
Свјетлан Јунаковиќ е хрватски уметник. Неговата професија опфаќа различни области на уметничка активност: вајарство, сликарство, илустрација, но исто така и сценарио и режија. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности Брера и ги изложувал своите дела на самостојни изложби во бројни престолнини на Европа, Азија и Америка.
Тој е еден од петте најдобри илустратори на светот, според престижното жири на меѓународната награда IBBY – Андерсен. Тесно соработувал со многу издавачки куќи долги години, како илустратор и автор на книги за деца, бил наградуван, преведуван и објавуван во многу земји во светот.
Изложбата во Чифте амам ќе претставува пресек на широкиот опус на овој маестрален уметник, вклучувајќи слики, скулптури, цртежи, илустрации, скици, книги и анимирани филмови со што ќе се расветли важноста на овој регионален, а светски признат уметник.
Куратор, виш кустос Ана Франговска
7 – 30 јули 2022, Чифте амам
„Пресек“, самостојна изложба на Иванчо Талевски
Пресек е мултимедијален изложбен проект кој преку цртеж, печат, проекции и звук елаборира и го комплицира поимувањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања околу индивидуална и колективна меморија, историја и припаѓање, нивното опстојување и бришење.
Централен материјал на овој проект се две збирки на цртежи, и нивното просторно осмислување. Авторот Иванчо Талевски од 2015та до денес преку цртежи од јаглен го бележи времето и просторот преку прикази односно бележани реакции кон различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД.
Паралелно со оваа група на цртежи Талевски представува едно негово долгогодишно истражување околу изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво, Марко Цепенков. Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се представени преку една долгогодишна соработка, односно еден дијалог на Талевски со музичарот и композитор, Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај, околу изгубените цртежи на Цепенков, звукот и цртежот како медиуми за еден генеративен и имагинативен процес на интерпретација на минатото, која се манифестира во аудио визуална интервенција.
Пресек го третира цртежот како јазик кој фигурира како тенок опис при бележењето и интерпретацијата на историски и општествени процеси.
Куратор Горанчо Ѓорѓиевски
4 август – 4 септември 2022, Чифте амам
„Трилогија“, Дриант Зенели
Дријант Зенели (1983 година, Скадар, Албанија), живее меѓу Милано и Тирана. Во 2019 и 2011 година тој го претставуваше албанскиот павилјон на 58-та и 54-та меѓународна ликовна изложба – Биенале во Венеција. Во 2017 година ја освои наградата МОРОСО и во 2009 година наградата за млади европски уметници Трст Контемпореанеа. Во 2008 година ја освои меѓународната награда за современа уметност Онуфри, Тирана.
Главен концепт на авторот:
Како да ги поместиме границите на нашите ограничувања без да станеме суперхерои? Може ли сферата на можното да се балансира со онаа на имагинарното? Во основата на истражувањето на Зенели е редефинирање на идејата за неуспех, утопија и сон како елементи што отвораат можни алтернативи.
Проектот кој ќе се претстави во Чифте амам е пресек на трилогијата на Зенели насловен Beneath the surface there is another Surface (Под површината има уште една површина) кој се состои од три видео дела, цртежи, објекти и камења.
Куратор, виш кустос Ана Франговска
4 – 24 септември 2022, Чифте амам
Самостојна изложба на Кирил Геговски
Концептот на оваа изложба се заснова на намерата да се документираат оние достигнувања на Кирил Гегоски кои со неговите типолошки карактеристики ги опфаќаат тематските движења од осумдесеттите и на оние што ги допираат годините на новиот милениум. Во наведените креативно-временски интервали, предизвикувачкиот погон на анализата беше насочен кон прегледување на освојувањето на отворен, широк спектар на неговиот опус.
Во 1970-тите тој понуди варијанта на минималистичка организација на сликарството каде системот на формалната структура директно имплицираше можности да се вклучи и фотографска проекција, додека во 2000 година тој веќе го почувствува духот на германскиот експресионизам, користејќи го поетскиот и ослободен мозочен бран, со што се постигнати деформациите на миметичка иконска форма – пејзажот.
Креативниот развој на Гегоски во текот на неговата четиридецениска посветеност беше под знакот на искрена опсесија со императивите за заживување на пејзажот од прилепското опкружување и таму вклучување во комплексноста на трајното менување на мотивот. Неговата посветеност на пејзажот покажа дека тоа е нешто многу повисоко од обичното тестирање на жанрот и дека нуди бесконечни толкувања и креативни можности кои исто така вклучуваат одредена мерка на генерализација. Со оглед на суштинските факти и неколку постојани фиксни опсези на бои што беа избегнати од неговите поранешни фази, сликата сугерира контури на планини или дрвја, што е специфичен начин на уметникот за евоцирање на природата. Деталните размислувања се забележуваат во изложените дела.
На оваа изложба покрај краткиот приказ на неговите претходни дела главен акцент ќе биде ставен на дела кои се создавани последните 3-4 години.
Куратор Горанчо Ѓорѓиевски
28 септември – 28 октомври, Чифте амам
Јубилејна изложба „Миле Корубин, 100 години од раѓање“
Миле Корубин е роден во 1922 година во Прилеп. Во 1951 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, специјализирал во Париз во 1963/64 година.
Неговиот сликарски опус минува низ неколку различни дискурси. Во раната фаза доминантни се влијанијата на некои француски сликари. Најчести мотиви му се фрагментираните урбани пејзажи-патеписи од различните земји во кои престојувал. Богатата колористичка експресија во последната, апстрактна фаза е смирена и артикулирана низ топлите тонски градации. Добитник е на многу награди и признанија. Починал во 2000 година.
Куратори, виш кустос Маја Неделкоска Брзанова, и виш кустос Маја Чанкуловска Михајловска
Во доменот на меѓународната соработка, конечно по сите мерки, забрани и ограничувања во Ковид периодот, со мали чекори чекориме напред:
Октомври 2022, КИЦ Тирана, Албанија
Изложба на акварели од Колекцијата на Националната галерија
Изложбата „(По)трагите на водата“- акварелот од Колекцијата на Националната галерија, беше тематска изложба, поставена во Чифте амам во 2015 година, и првично замислена како изложба од дисперзивен карактер, да се претстави во повеќе градови кај нас.
Селектиран дел, од оваа изложба, продолжува во тој дух, со афирмација на нашето движно културно наследство, преку дела со исклучителна уметничка вредност, со можност да се презентира пред различна ликовна публика.
Оваа година, благодарение на Министерството за култура, кое го поддржа овој проект во Годишната програма на Националната галерија и со тоа ќе се прикаже во Културно-информативниот центар на РСМ во Р. Албанија, со седиште во Тирана.
Изложбата опфаќа автори кои во својот творечки опус периодично или експериментално работеле во техниката акварел додека ги претставува и авторите кои ги валоризираме и според континуираната употреба на оваа сликарска техника. Имињата запишани во регистарот на акварелното сликарство кај нас, се: Илија Кавкалески-Кавкале, Никола Бутров, Теофил Шулајковски-Тофе, Јакуп Хајро, Василие Поповиќ-Цицо, Љубомир Белогаски и др.
Оваа селекција на уметници опфаќа повеќе различни автори, од различни поднебја со посебни уметнички сензибилитети, етаблирани уметници кои твореле во овој визуелен медиум и се дел од Колекцијата на Националната галерија.
Куратор Елена Иванова
Октомври-ноември 2022, Даут пашин амам
Ретроспективна изложба на Илија Аџиевски
Илија Аџиевски спаѓа во редот на најзначајните современи македонски скулптори. Неговите дела се високо вреднувани од страна на ликовната критика во Македонија. Во изминатите плодни творечки години Аџиевски остварил триесетина самостојни изложби во Скопје, Прилеп, Битола, Струга, Охрид, Дебар, Ниш, Белград, Тузла, Загреб, Подгорица, Софија, а учествувал на над сто групни изложби.
Добитник е на значајни национални и меѓународни награди. Со презентирањето на пресек на најзначајните остварувања на македонскиот скулптор Аџиевски ќе се потврди и докаже важноста и значењето на овој наш автор на македонската ликовна сцена.
Куратор, виш кустос Ана Франговска
Ноември 2022, Мала станица
Изложба на уметничката група XXL од Бугарија
Во 1995 година, група млади уметници го прогласија своето присуство во културниот живот со Манифест во кој се разделија од традицијата и презедоа иницијатива за создавање нова бугарска уметност.
Во средината на 90-тите, овие бугарски уметници се фокусираа на социјални теми, користејќи современи изразни средства како што се видео, инсталации, фотографија. Создадени се интересни дела кои се многу различни од оние на претходната генерација уметници.
Иако тргнаа по своите патишта и различно ја развија својата уметност, сите уметници од групата XXL остануваат верни на современиот пристап кон сликарството. Ова е очигледно во нивните дела, заситени со поп-арт елементи, идејни практики и мешавина на фотографија и сликарство. И покрај тоа што се креирани со различни техники и стилови, делата лесно комуницираат едни со други.
Членови уметниците се Генадиј Гатев, Хубен Черкелов, Свилен Стефанов, Косио Минчев, Георги Тушев, Иван Кјуранов, Расим, Петко Дурман, Димитар Јаранов и Росен Тошев.
Куратор Горанчо Ѓорѓиевски
Ноември 2022, Чифте амам
Ретроспективна изложба на Теофил Шулајковски Тофе
Теофил Шулајковски-Тофе (1934-2009) доајен на македонската ликовна уметност, роден е во Дебар, училиште за применета уметност завршил во Скопје, дипломирал на Педагошката академија, а потоа и на Филозофскиот Факултет во Скопје.
Во историјата на македонската современа уметност, Теофил Шулајковски – Тофе претставува една од највлијателните фигури заслужни за заживување и негување на акварелот како техника. Шулајковски во своите дела често сликал мотиви од Охрид, а меѓу неговите најпознати слики посветени на Охрид се дела насликани во 50-те години, „Перивлепта“, „Охридски куќи“ и „Мотиви од Охридското Езеро“…
Куратор, виш кустос Маја Чанкуловска Михајловска
Декември 2022, Чифте амам
Изложба на жанр сцени од Колекцијата на Националната галерија
Преку оваа тематска изложба, се добива ретка можност да се видат дела од депоата на Национална галерија, некои неизложувани, а некои по подолг период ќе бидат претставени на јавноста. Делата се од исклучителна важност, и воедно, тема која не била застапувана повеќе години. Ваквите изложби нагласуваат едукативен момент за младите генерации, да се запознаат со нашето културно богатство и реномираните автори од нашите простори, од државата и поранешните бивши југословенски републики, во сопственост на Националната галерија. Селектиран конкретен ликовен мотив- жанр-сцена, со презентирање на дела од фундусот на Националната галерија, која изобилува со вакви теми.
Авторите на дадената тема се повеќемина на број, меѓутоа во оваа прилика може да се спомне само одреден дел автори застапени на оваа изложба: Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Љубомир Белогаски, Димче Протуѓер, Киро Караџа, Василие Поповиќ- Цицо, Томо Владимирски, Иван Велков, Владимир Величковски Кумановски, Богољуб Ивковиќ, Александар Ивановски Карадаре и др. Странските автори застапени на оваа изложба ќе бидат Тома Росандиќ, Влахо Буковац, Коста Хакман, Целестин Медовиќ, Вилим Свечњак, Сава Шумановиќ, Крсто Хегедушиќ, Омер Мујаџиќ, Миќа Поповиќ, Надежда Петровиќ, Весна Соколовиќ и др.
Куратор Елена Ивановa
Декември 2022, Мала станица
Истражување, изложба и монографија „Уметноста на движечки слики во РС Македонија“
Уметноста на движечки слики или видео артот се појавува на македонската визуена сцена некаде во 80 и 90те години на минатиот век, благодарение на ангажманите и соработката на одредени уметници со технички кадар вработен во Македонската радио и телевизија. Преку експериментални ангажмани и обиди, постепено, но сигурно оваа визуелно-уметничка дисциплина се повеќе навлегува во толковниот простор на македонските визуелни уметници. Овој проект има за цел да го истражи детално делувањето на македонските уметници во овој визуелен медиум, да ги собере најзначајните видео остварувања во периодот од појавата на ваков тип на уметност се до денес, да ги презентира пред македонската публика и да резултира со една позначајна публикација, своевидна монографија посветена на уметноста на движечките слики во Македонија. Во овој визуелен медиум се изразувале многу уметници како: Искра Димитрова, Александар Станкоски, Жанета Вангели, ОПА, Благоја Маневски, Јован Шумковски, Антони Мазнески, Моника Мотеска, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Верица Ковачевска, Нада Прља, Алксандар Спасоски, Борис Шемов, Христина Ивановска, Велимир Жерновски и уште многу други.
Куратор, виш кустос Ана Франговска
Декември 2022/ јануари 2023, Даут пашин амам
„Ликовното творештво на Анета Светиева“
Анета Светиева (р.1944 год., Битола), е еден од авторите во чие творештво, светот на чудесното и фантастичното, како една од димензиите на надреалното, наоѓаат свој одраз во нејзините карактеристични фантастични етнолошко-митолошки композиции (скулптури, од метал, теракота и картон), единствени со својата форма и колорит. Тоа се пред се етнолошко-митолошки композиции во кои доминира фигурата на која авторот и ја „доверил одговорноста „да ја претставува“ историјата и меморијата“. Нејзините фигури налик на мутанти, својата појавност ја имаат во некој за нас непознат и мистериозен, пред се личен имагинативен свет кој и припаѓа само на фантазијата на уметникот. Но, ако добро погледнеме, тие сами по себе разоткриваат и своевидна вознемирувачка претстава која е плод на една колективна меморија заснована на „антрополошките и митските константи на раната балканска и медитеранска фигуративна уметност“.
Токму ваквото сложено, комплексно, иновативно и креативното творештво на Анета Светиева, го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена, туку и на една пиширока платформа која ги преминува границите на регионот.
Оттука, со оглед на тоа дека веќе подолго време не е направен ваков широк и сеопфатен преглед на творештвото на Светиева ретроспективно-монографската изложба ќе овозможи да се направи пресек на нејзиното творештво и потврдување на нејзиното место во историјата на македонската ликовна уметност.
Куратор, Викторија Васева Димеска, соработници: Маја Неделкоска-Брзанова, виш кустос и
Татјана Бундалевска, кустос
Декември 2022, Чифте амам
„Јубилеј 30 години творештво на Нехат Беќири“
Во месец декември 2022 година ќе се одржи самостојната изложба „Јубилеј 30 години творештво на Нехат Беќири“ во објектот Чифте амам при Националната Галерија.
Нехат Беќири е редовен професор по сликарство на Државниот Универзитет во Тетово и на меѓународниот Универзитет во Нови Пазар, Србија. Роден е 1967 во Тетово, дипломирал на Ликовната академија во Приштина – Косово, отсек сликарство. Има остварено многу самостојни изложби во државата и низ целиот свет. Редовен член на друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Уметникот на оваа јубилејна изложба ќе се престави со слики изработени во техника акрилик на платно во големи димензии, како и инсталации во простор. Неговите слики се полни со живост и впечатлив колорит кој плени.
Куратор, виш кустос Маја Крстевска
3 декември 2022, Чифте амам
Социјална инклузија по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби
Прифаќањето на разликите, нивното уважување се еден од основните принципи на развиено општество. Преку моделот на социјална инклузија ќе бидат вклучени учениците со оштетен слух и говор кои ќе работат и творат со нивните соученици од редовната настава. Техниката за оваа година е графика, работилниците ќе се одвиваат во просториите на Факултетот за Ликовни уметности, а од реализираните работилници, избраните графиките ќе бидат презентирани на завршна изложба по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.
Покрај проектите од областа на ликовната дејност, сакам да споделам неколку зборови за издавачката, музејската дејност и заштита на културното наследство.
Издавачка дејност
Од ризницата на Националната галерија, публикација
Националната галерија е една ед најреномираните институции во Република Северна Македонија која поседува богата колекција на ликовни дела од четиринаесеттиот век до денес. Оттука, реално се наложува потребата од изготвување на репрезентативно издание кое сеопфатно ќе ја претстави Колекцијата на НУ Национална галерија на Р.С.Македонија.
Вакво издание, во кое преку репродукции ќе се претстават најрепрезентативните дела со комплетни податоци е значајно не само за нашата институција и стручната јавност, туку и за презентирање на македонската ликовна уметност пред домашната и светска јавност. Воедно, ова издание, ќе послужи како сериозна референтна литература за сите студенти по историја на уметност, ликовна уметност, историја, музеологија, културолошки студии и основа за идни сериозни научно-истражувачки проекти и нивни проучувачи.
Носители на проектот, виш кустос Славица Алексоска, Виш кустос Маја Неделкоска Брзанова, виш кустос Маја Чанкуловска Михајловска
Музејска дејност и заштита на културното наследство
Конзерваторско-реставраторски работи на 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели) од Спомен куќата на Лазар Личеноски.
Конзерваторско-реставраторскиот проект ќе биде реализиран во неколку фази. Во првата фаза, оваа година, се планира да бидат конзервирани 20 ликовни дела (слики и цртежи). Процесот на конзервација и реставрација ќе го извршува стручен тим од Националната галерија и надворешни соработници.
Збирката од „Спомен- куќата на Лазар Личеноски” содржи 122 дела, изведени во повеќе сликарски техники и тоа: масло на платно, масло на картон, масло на шпер-плоча, масло на лесонит, масло на хартија каширано на картон, акварел, цртеж на хартија, и други комбинирани техники. Повеќето од овие дела се врамени во дрвени украсни рамови, кои се исто така предмет на интерес на реализација на проектот. Рамовите се изведени во повеке техиники (профилирани, резбани, инкрустрирани, релјефно моделирани и др.).
По извршената конзервација и реставрација, ликовните дела заедно со другиот материјал (мозаици, етнолошки и библиофилски) ќе бидат презентирани во галерискиот простор на музејот – „Спомен куќа на Лазар Личеноски“. На овој начин новите генерации и туристите ќе имаат можност автентично да го доживеат амбиентот во која живеел и творел основоположникот на македонската современа ликовна уметност, Лазар Личеноски.
Раководители на проектот: Славица Алексоска, виш кустос, Ема Петрова Николова, советник-конзерватор
За крај, со особено задоволство сакам да ја најавам капиталната инвестиција за реконструкција на мултимедијалниот објект Мала станица која ќе ја реализира Министерството за култура. На почетокот од 2022 г. е направена и презентирана анализа од Институтот ЗИМ околу претходните градежни зафати и интервенции при реконструкција на зградата . Покрај овие истражувања дополнително се работи на електро-техничките и машинските истражувања како и нацрт предлози во делот на архитектонски решенија.
Во хронолошка смисла, објектот кој што популарно е познат како „Мала станица” претставува дел од поновата историја на изградбата на Скопје, поточно, потекнува од периодот меѓу двете Светски војни. Како дел од акцијата за изградба, санација и обнова на одредени железнички станици и други објекти за потребите на железницата, во 1922 година била доградена „теснолинејката“ која од станицата „Горно Скопје”, попозната како „Мала станица”, преку населбата Ѓорче Петров, требала да ја овозможи врската на Скопје со Охрид и Струга. Заради потребите за непречено функционирање на „Мала станица”, во тој период биле изградени и бројни придружни објекти: алатници, магацински простори и сл., во функција на нејзино непречено одржување. Еден од тие објекти е и објектот што денес е познат како „Мала станица”, изграден 1924 година, кој претставува еден од последните такви објекти во овој дел на Скопје.
За крај, верувам дека понудата за 2022 година ќе биде доволно провокативна, се надевам на успешна реализација, многу публика и позитивна критика.
д-р Дита Старова Ќерими