„Хронологија на дневни записи“ на Мирко Вујисиќ во Чифте амам
Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам на 21 октомври 2015 година, (среда), во 20 часот ќе се отвори изложба која носи наслов „Хронологија на дневни записи“ на авторот Мирко Вујисиќ.
„Хронологија на дневни записи“ го сублимира досегашното творештво на авторот, презентирајќи избор на дела кои го рефлектираат неговиот интензивен интерес кон различни ликовни медиуми – графиката, цртежот и сликата. Во случајов, може да констатираме дека наведениот поим хронолошки записи се однесува на презентирање на дела од неговите почетоци, па се до денес, но интенционално е избегната инскрипцијата на конкретни наслови и години на изработка, оставајќи на посетителот самиот да ја исчита приказната низ претставениот сублимат на поетиката на различности.
Доколку се обидеме да ги означиме компонентите константно присутни во секојдневното посветено и интензивно создавање дела со дивергентна ликовна провиниенција, секако дека ќе започнеме од сензибилитетот кој авторот го манифестира во секое дело, а се однесува на особен лирски пристап и чувствување на богатството на содржините и мотивите еманирани од светот на имагинацијата.
Мирко Вујисиќ е веројатно најпрепознатлив во однос на својот примарен афинитет кон графичките техники, каде мајсторството на авторот е евидентно преку застапеноста на сите графички техники (длабок печат, бакропис, сува игла, акватинта…). Како техника графиката изискува дисциплинирана подготовка, но неговите графички листови оставаат и чувство на експресивни компактни впечатоци, со сигурна динамична линија и нагласен ритам и контраст, при што изразните модулации отсликуваат сугурна калиграфска виртуозност која без двоумење ја разигрува цврстината на целината. Просторната организација на целината е организирана во планови преку кои се добива длабочина на црно-бело тонираниот свет, чија суптилна и мека основа е нарушена преку минуциозниот третман на линеарното дејствување и предавањето на портретот со неговите психолошки состојби како еден од примарните мотиви во ликовната уметност.
Овој специфичен третман на просторната поделба на фантастичните фрагменти од некои внатрешни светови е присутен и во неговите слики, во кои колоритот, за разлика од црно-белата контрастност на графиките, е особено нагласен и контрастен, а атмосферата поделена на планови и расчленета на линиии е динамична и возбудлива.
Цртежите како сублимат на сознанијата восприемени од графиката и сликарството се особено интересна категорија во творештвото на Мирко Вујисиќ. Авторот со неисцрпна енергија се вложува во дефинирање на композицијата на цртежите кои се движат од лесни експресивни експликации, па до комплексни творби со пасионирана посветеност во градбата на слоевите на цртежот и особен интерес кон деталите.
Овие секвенци / дневни записи се интимни по својата природа и во нивната основа е сместен човекот како средиште и мерило на сите ствари, знак и средиште на уметноста. Портретите на класични фигури и нивниот третман во творештвото на Мирко Вујисиќ, на одреден начин може да се толкуваат како рецидиви од севкупната ликовната наобразба на авторот. Без оглед дали станува збор за графика, цртеж или слики, она што ги поврзува е евоцирање на еден суптилен и специфичен имагинариум на загубени светови во манир на Платоновиот „свет на идеи“ во кој преовладуваат претстави на митски и сопствени наративи како лирско бегство од секојдневието.
Биографија на авторот Мирко Вујисиќ
Роден е во Прилеп во 1957 година. Училиште за применета уметност, оддел графика завршил во 1977 година. Во 1979 година дипломирал на Вишата педагошка академија во Скопје. Во 1984 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот графика, во класата на проф. Драгутин Аврамовски – Гуте. Во 1998 година завршил постдипломски студии на одделот за графика во Белград во класата на проф. Небојша Радојев. Во 1990 година ја користи стипендијата „Моша Пијаде“, односно користи студиски престој во Sitè des Art во Париз. Од 1985 година до денес работи на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Самостојни изложби:
2015 Скопје, Хронологија на дневни записи, Национална галерија на Македонија, објект Чифте амам
2012 Велес, Изложба на графики, цртежи, акварели, Ликовен салон Велес
2011 Подгорица (Црна Гора), Изложба на цртежи и графики, Галерија „Мост“
Охрид, Изложба на графики, цртежи, слики, „Галерија Робевци“
2010 Штип, Изложба на цртежи, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип
2009 Скопје, Изложба на слики, Македонска Опера и Балет
2005 Штип, Изложба на графики, Галерија „Безистен“
2004 Струмица, Изложба на графики и цртежи, Работнички универзитет „Јошка Свештарот“
2003 Скопје, Изложба на цртежи, Галерија “Aero”
2001 Белград (Србија), Изложба на графики, Салон на ФЛУ
2000 Битола, Изложба на графики, Уметничка галерија
Лесковац (Србија), Галерија „Сунце“
1999 Скопје, Изложба на графики мал формат, Културно-информативен центар
1998 Куманово, Народен музеј
1988 Врање (Србија), Галерија Народног музеја
Скопје, Уметничка галерија „Скопје“
1986 Скопје, Културно-информативен центар
1976 Скопје, Галерија на Домот на ЈНА
Учествувал на повеќе меѓународни изложби на графики и цртежи во: Сараево, Босна и Херцеговина (1982, 1983); Белград, Србија (1982, 1988, 1989, 1991, 1992, 1993, 1996, 1998, 2001, 2006, 2012, 2013); Скопје (1982, 1983, 1988, 1990, 1991, 1999, 2000, 2001, 2002, 2003, 2004, 2006, 2008, 2009, 2013, 2014); Прилеп (1983); Битола (1987, 1990, 1994, 2003 2008); Цетиње, Црна Гора (1988); Банска Бистрица, Словачка (1988); Врање, Србија (1988, 2000), Канагава, Јапонија (1989, 1990); Москва, Русија (1989); Темпи / Гејнзборо / Ричмонд / Мериленд, САД (1992, 1995); Њукасл, Австралија (1992, 1995); Лесковац, Србија (1993, 1995, 1997); Варна, Бугарија (1995, 1999, 2001, 2003); Истанбул, Турција (1995); Валандово (1996); Анкара, Турција (1996); Ужице, Србија (1997, 2003); Вирновал, Белгија (2000, 2002); Тетово (2001, 2003); Ниш, Србија (2000, 2001, 2002, 2004); Велес (2002); Осијек, Хрватска (2004); Софија, Бугарија (2005); Малме, Шведска (2005); Штип (2006); Кавадарци (2012); Струмица (2012); Струга (2013); Лоѓ, Полска (2013). Учествувал на голем број ликовни колонии во земјава и во странство.
Награди:
2002 Меѓународна награда за графика на Првото меѓународно биенале за графика, мал формат, Тетово;
2001 Меѓународна награда за графика на Првото меѓународно биенале за графика, мал формат, Тетово;
1999 Награда за графика на изложбата „Македонско ликовно творештво, мал формат“, Галерија на ДЛУМ, Скопје
1997 Втора награда на Меѓународното графичко триенале во Лесковац, Србија;
1992 Откупна награда за графика од Музејот на современата уметност – Скопје;
1989 Награда на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Скопје;
1988 Меѓународно признание за графика во Банска Бистрица, Словачка;
1987 Годишна награда за графика на ДЛУМ „Моша Пијаде“;
1986 Откупна награда за графика на НУБ „Климент Охридски“, Скопје;
1985 Награда на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Скопје;
1984 Награда за графика на ФЛУ, Скопје.
Куратор, Маја Чанкуловска-Михајловска
Изложбата ке биде поставена до 29 ноември 2015 година.
_________________________________________________________