Ивана Пирковска во Чифте амам (поставка)

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 12 декември 2013 година (четврток) се отвори изложба на Ивана Пирковска со наслов „Илузија за простор-времето“.
„Тоа што човекот прво ги насочил своите очи кон небото не било само за да ја задоволи интелектуалната љубопитност. Она што човекот всушност го барал во небото бил неговиот сопствен одраз и поредокот на неговиот човечки универзум.“
Ернест Касирер, „Есеј за човекот“
Простор, време, виртуелизација и негова ликовна сензација. Игра што постојано се обновува. Од врата до врата, од простор во простор, осцилирајќи непрекинто низ времето минато, сегашно и идно, тука некаде се крие магијата на разоткривањето на уметничкото дело. Еден нов уметнички исказ и ново „искушение“ да се допре до праизворот во потрага по една лична и универзална вистина, во дефинирањето на нашиот свет како дел од бескрајниот Универзум: „Се наоѓаме себеси во вџашувачки свет. Сакаме да му дадеме смисла на она што го гледаме околу нас и се прашуваме: Каква е природата на Универзумот? Каде е нашето место во него, од каде дошол тој и од каде сме дошле ние? Зошто е така како што е?“. (С.Хокинг, 2000: 190)
Изложбата „Виртуелизација на простор-времето“ е, всушност, прв самостоен проект на скулпторката Ивана Пирковска, која ѝ припаѓа на најмладата генерација ликовни уметници. Водена од својата контемплативна природа, Пиркоска, на почетокот на своето творечко патешествие, е навистина храбра во изборот на своите ликовни позиции. Нејзиниот проект со едноставните инсталации третирани минималистички го сведува до наглaсен концептуален приод, при што носечка улога има играта на основните геометриски форми (круг/топка и квадрат/коцка). На овој начин, таа ни наметнува комплексни прашања што произлегуваат од нејзиниот посебен интерес за третирање проблеми од доменот на социокултуролошкото, филозофско-естетското, но и научноистражувачкото поле. Физиката, астрономијата, космологијата, теориите на Ајнштајн и прашањата за Универзумот без просторни граници, без почеток и крај на времето, се одредниците во дефинирањето на нејзиниот карактеристичен ликовен приод.
Врз основа на ова, можеме да кажеме дека поставените инсталации, градат повеќесложен интерактивен однос со публиката развивајќи длабоко во себе приказна како паралелен дијалог на личното и космогониското. Клучот за влезот во приказната се наоѓа во Портата, илузијата од чисто конципирани линии што вибрираат непрекинато, кои доаѓаат случајно и нѐ воведуваат неочекувано некаде, таму, во една нова димензија од нашите замислени простори, нејасно допрени во нашата потсвест, за повторно неочекувано да исчезне оставјќи нѐ љубопитно загледани. „Врата, тоа е цел еден космос на Подотвореното … изворот на едно мечтаење каде што се собираат желби и искушенија, искушението да се отвори битието до дното на својата интима, желбата да се освојат сите воздржани битија.“ (Г. Башлар, 2002:302) Бесконечноста на движењето и ритамот на животот се отелотворуваат низ симболичката игра на кругот/обрачот и топката во инсталацијата Соѕвездие, алудирајќи на човекот и на неговиот физички, но пред сè духовно-емотивен растеж, од ембрион до личност, расфрлан низ простор- времето, како бескрајно соѕвездие на човековото постоење. Притоа, огледалото и одразот во него добиваат повеќезначна симболика, симболика што се однесува колку на бесконечноста, толку и на сеопштата илузија на човековото постоење. Оттука, во инсталацијата Вчера, денес и утре, авторката, со спротивставените, паралелно поставени огледала, настојува да постигне „интеграција на мислите, спомените и соништата на човекот“, кој е заглавен во сегашноста како премин меѓу замагленото минато и нејасната иднина. „Организмот никогаш не е сместен во еден момент. Во неговиот живот трите облици на времето – минатото, сегашноста и иднината – прават целина што не може да се раздели на поединечни елементи.“ (Е. Касирер, 1998:79) Простор-времето и Универзумот како композиции нè исправаат пред своевидна оска на движење, низ вкрстените линии на конците/јажето, кое се одвива бесконечно во просторот и бескрајно во времето, поставувајќи нè на овој начин во центарот на една апстрактна равенка што е невозможно да ја растолкуваме со принципот на едноставно сетилно доживување. Во оваа смисла, М. Бахтин ќе нагласи: „… се наоѓам на границата на хоризонтот на моето гледање, светот што е видлив е распослан пред мене, но никогаш не можам да ја видам линијата што ме одделува од светот и таа што ме оцртува мене во него.“
Современите достигнувања во областа на науката и интензивниот технолошки напредок несомнено реактуелизираа низа прашања за човекот и за неговото постоење, за веродостојноста на нашето сетилно доживување, за потеклото на светот и на животот, за нашето место во бескрајноста на Универзумот. Следствено на тоа и можностите во уметничкото изразување станаа посмели и поотворени, правејќи го уметничкото дело чин на креативен дијалог со набљудувачот во кој се испрепелтуваат искуствата и сознанијата колку на личната, толку и на колективната свест и меморија. Некаде во овие рамки се раѓа и расте идејата на младата авторка, која длабоко во својот интимен свет се обидува да ја растолкува сликата на Универзумот и да ја раскаже приказната за човекот поставен на крстопатот меѓу просторот и времето. Да се фати недофатливото, да се задржи за миг минливото, да се пронајде патот до вечноста, конечно, да се најде своето место во соѕвездието на бескрајното човечко опстојување, тоа е она што секој од нас се обидува да го достигне. Затоа имаме минато, затоа постоиме во сегашноста и се надеваме на иднината. Мечтаеме или сонуваме, размислуваме и посакуваме… „Човек може да го прикаже целиот свој живот кога би ги опишал сите врати што ги затворил, што ги отворил, сите врати што сака повторно да ги отвори. Но дали е истото битие она што отвора некоја врата и она што ја затвора?“ (Г. Башлар, 2002:304)
Маја Неделкоска-Брзанова