Изложба на Агрон Абдули во Чифте амам
Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам на 09 октомври 2015 година, (петок), во 20 часот ќе се отвори самостојна изложба на Агрон Абдули.
Агрон Абдули преку портретот често пати го повикува ехото на внатрешна средба со својата трансцендентала кое шири светло на човековата природа кое во суштина ги претставува најсуптилните човекови чувства. Многу нешта моше да претстави портретот, бидејќи во поголемиот број на случаи модулацијата на човековиот лик пред нас може да се претстави како целосен универзум.
Изложбата ќе биде поставена до 24 октомври 2015 година.
Агрон Абдули е роден 1971 година во Џепчиште, Тетово. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, при Тетовскиот Универзитет, смер сликарство, во класата на професор Тахир Емра во 1999 година. Постдипломски студии завршил кај истиот професор на Факултетот на уметности при ПриШтинскиот Универзитет во 2002 година.
Работи како професор во Факултетот на уметности, студиска програма-ликовна уметност, во Државниот Универзитет во Тетово.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и Здружението на ликовни уметници на град Тетово.
Самостојни изложби
2004 / Тетово, Музичко училиште
2006 / Гњилане, Косово
2008 / Париз, Сите Интернатионале дес Артс-опен доор
2008 / Скопје, Културно Информативен Центар
2011 / Уметничка Галерија Тетово
Учествувал на повеќе групни изложби и на бројни ликовни колонии во земја и во странство.
__________________________________________
Нераскинлива е врската помеѓу човекот, општеството и природата и потребата за враќање и соединување со фундаментот на суштината.
Портретите/главите на Агрон Абдули ослободени од своите физички граници и изведени до апстракција говорат пред се за состојба во која реалноста се преобликува во нова онтолошка мета-реалност. Деконструирајќи го портретот и повторно градејќи го преку определени деформации, симплифицирање и стилизација на формите постигнува ефект на преобразба на реалноста и се сосредоточува на неговото внатрешно доживување, транформирање и трансцендентирање. Во таа хармонија платното престанува да биде дводимензионална површина каде се редат деликатни нијанси и сложени акорди на тонови, туку станува метафизички меѓупростор на визуелно конципирање на мислата во просторот.
Токму заради тоа портретите на Агрон Абдули се духовен хоризонт во потрагата кон светлината, својот прапочеток и обликувањето на совршеноста во несовршеното, каде централно својство на битието е жедувањето и гладувањето по совршенство…
Абдули со својата ликовна лексика говори за внатрешниот импулс и надворешната експресија. Неговитеите дела претставуваат интимен-имагинарен сентиментален дневник, тие се плод на личен белег и единство, кое сведочи за творечката енергија како слика на неговата душа и сензибилитет, додека возвишеното, трансцедентното, својата форма ја наоѓа во динамиката на потегот, формата, бојата, светлината…
Воден од потенцијалот на сликарското искуство преку ликовно стилизирање во неговите дела композицијата се транспонира во апстрактно – асоцијативни но сепак препознатливи форми. Бојата е базисот во творештвото на Абдули. Бојата е збир на заробена енергија која од раката на авторот добива гестикулативна експлозивност и потполна слобода. Преку неа тој врши колористички истражувања на соодносите меѓу боите и површините. Тој не размислува апстрактно, туку прави одредени стилизации на човековата глава говори за внатрешните состојби, создава динамиката и тензијата во расположенијата. кои ја обликуваат композицијата во својата крајна ликовна претстава.
За Агрон Абдули сликата е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и потрагата на лична вистина и суштина на постоењето.
Оттука во делата на Абдули може да се откријат елементи од потсвеста, психата и потиснатите чувства, каде духот продуцира слика. Обликувањето на сликата вклучува два процеса – несвесната и свесната активност. Акумулацијата на овие елементи го претставуваат човекот кој со сознанијата и искуствата се изградува во личност.
Во таа смисла, неговиот идеен концепт излегува надвор од претесните матрици на локалната и националната современа ликовна култура, и навлегува во зоната на сликарството чие значеве и важење е универзално.
Горанчо Ѓорѓиевски
________________________________________