Изложба на Ангел Димовски – Чауш „50 години творештво“
Почитувани, Ве информираме дека во Националната галерија, објект Чифте амам на 1 февруари 2024 година во 19.30 часот ќе се отвори ретроспективната изложба на Ангел Димовски – Чауш со насловена „50 години творештво“ и воедно претставува можност македонската културна јавност да се запознае со богатиот творечки опус на овој наш уметник кој повеќе децени живее и работи на релација Македонија – Франција.
Делата кои Ангел Димовски Чауш ги творел во текот на изминативе педесет години имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини.
На стилски план е остварен личен израз во сите четири тематски целини, како спој на инвентивно употребен еклектицизам на архаичното, примитивистичкото, нивните модернистичко-авангардни преработки, поп и рок културата. Во таа смисла, скулптурите на Анегл Димовски Чауш припаѓаат на модернистичко авангардната линија кој исконското го внесе во модерното. Тоа се скулптури чиј заеднички именител е интенцијата да се изрази говорот на телото обликувано во стилизирани робусни и елегантни анатомски дисторзии, или сведено на апстрахирано тело-лушпа во активност. Во неговите дела се препознаваат главниот мотив – жената и придружниот мотив на птицата, при што асоцијациите за преплетување на антропоморфното во зооморфното, и обратно, се често присутни.
Другата целина ја претставуваат сликарско-скулпторски објекти со критичка ангажираност на конкретни актуелни состојби, случувања и процеси во екологијата, политиката, културното наследство, националниот идентитет, сообраќајната (не)култура.
Третата целина се омажи за писмото/јазикот, за описменувачите и јазичните кодификатори на старословенската глаголица и кирилица, и на современиот македонски јазик, додека четвртата целина е своевиден омаж на т.н. примитивизам на црнечката скулптура споена со сензибилитетот на поп и рок културата, на која и припаѓа уметникот од времето на неговата младост.