Изложба на Гордана Вренцоска Неизложено: моите споредни приказни

Share Button

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 5 октомври 2016 година, во 20 часот ќе се отвори изложба на Гордана Вренцоска со наслов Неизложено: моите споредни приказни.

Во eрата на сеопшта изложеност и откривање на приватноста, широкиот свет на уметникот e сепак најмногу видлив низ потесната призма на неговите јавно изложени дела. Но, како е да се изложат „споредните приказни“ од возбудливиот и непрекинат уметнички процес?

Неизложено: моите споредни приказни е составена од повеќе тематски целини чиј меѓусебен однос сочинува сложена инсталација, и нивна поединечна анализа би била само општа дескрипција на изложеното. Затоа анализата на овој проект треба да се перцепира како претопување и присоединување на микро наративите кои создаваат нова естетско концептуална целина – макро наратив со заеднички именител означен од авторот – Неизложено: моите споредни приказни. Така се создава нова уметничка ситуација во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните и интимните приказни кои се колку лични, толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот. Вренцоска во случајот е истражувач, колекционер, куратор и раскажувач, а сите овие насловувања сублимирани во едно, ја ставаат во категоријата УМЕТНИК.

Вренцоска за овој проект користи разновидни реди-мејд предмети, уметнички дела, артикли и материјали за масовна, но и лична употреба кои без разлика на првобитната функција со чинот на означување на уметнички предмет, добиваат нова функција – монтажни делови на едно уметничко дело. Овие колажирани или асемблажни, просторно инсталациски поставени реди-мејд предмети го редефинираат значењето на готовиот предмет во семантичкото подрачје на уметноста со што доаѓа до нивно предефинирање во “готови предмети со минато”. Во тој случај нивното минато – утилитарната функција го преобразува сопственото значење во уметничка – естетска функција.

Вренцоска овие “готовите предмети со минато” ги претвора во колажи, слики, објекти, инсталации, каде на метафорички начин е поништена разликата помеѓу животот и уметноста. Во тој процес на преозначување и креативно моделирање, предметот е извлечен од контекстот и ја губи својата првична функција и преминува во доменот на апстрактното обликување т.е. во уметнички објект со метафизичко значење.

Проектот го носи духот на рецентните уметнички трендови што се во насока на преиспитување на нашата лична и колективна меморија, на значењето на архивите и на потребата за дефинирање и редефинирање на идентитетот на уметникот во новото време на 21 век.

Изложбата ќе ја отвори доц. д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија.
_________________

Гордана Вренцоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997 година. Магистрирала на студиите по дизајн на Central Saint Martins’ School of Art and Design London во 2005 година, како Чивнинг стипендист. Во 2016 година ја одбранила својата докторска дисертација на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Зад себе има 12 самостојни изложби и голем број групни изложби во Македонија, Германија, Полска, В. Британија, Италија, Белгија, Кина, САД, Хрватска и други земји. Добитник е на повеќе грантови, награди и признанија, меѓу кои и престижниот грант за уметници на фондацијата Pollock-Krasner од Њујорк за 2014/15 година. Од 2006 година работи како професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – РМ во Скопје.

___________________

Share Button