Изложба на Исмет Рамиќевиќ во Чифте амам
На 28 октомври 2014 година (вторник), со почеток во 20 часот, во организација на НУ Национална галерија на Македонија, во објектот Чифте амам ќе биде претставена самостојната изложба на Исмет Рамиќевиќ под наслов „Насока“.
При лоцирањето на местото на Исмет Рамиќевиќ во одредени рамки на историјата на современата македонска уметност, како неизбежна одредница ја посочуваме секако неговата припадност на генерацијата што почнува да создава на оваа почва во осумдесеттите години и што ја дефинира македонската ликовна сцена во деведесеттите години на 20 век. Во поглед на континуитетот во творештвото, може да констатираме дека во „Насока“, Исмет Рамиќевиќ останува доследен на дефинираните принципи во неговото творештво. На ниво на естетика, авторот ја продолжува наклонетоста кон вертикалните форми трансформирани во симплифицирани цилиндрични облици, кои провејуваат во целото негово творештво. Од технички аспект, како наследство од користењето скулпторски материјали, авторот настојува да ги искористи до максимум сите можности на синтетичките материјали и конечниот визуелен ефект што се постигнува со секој од нив, но не инсистира на трајноста на објектите, туку на едноставноста на индустриската форма.
Овој повеќеслоен проект силно навлегува во повеќе сфери на ангажираноста (социјална, политичка, еколошка) со повеќе конструирани целости, визуелно издиференцирани и изведени во различни синтетички/индустриски материјали (стиропор, најлон, полиестер, бетон…) што од своја страна ја отсликуваат комплексноста на идејата која (повторно) говори за незапирливото дехуманизирање на човекот. Проектот „Насока“ на Исмет Рамиќевиќ, во крајна линија, е многу лична критика на современиот апатичен, па дури песимистичен и крајно дефетистички однос на човекот кон социјалните/политички/еколошки теми и можните насоки на нашето дејствување потенцирајќи ја притоа човековата немоќ да се справи со глобално дадените состојби.
Исмет Рамиќевиќ е роден во 1960 година во Дубница, Сјеница, Србија. Дипломирал во 1985 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел скулптура, во класата на проф. Петар Хаџи Бошков. Член е на ДЛУМ од 1987 година. Работи како вонреден професор по предметите вајање, вајарски техники и цртање на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Досега реализирал 18 самостојни претставувања во Скопје, Прилеп, Пловдив (Бугарија), Ниш (Србија) и Њујорк (САД), а учествувал на мноштво значајни групни претставувања во Скопје, Риека, Цетиње, Сараево, Мурска Собота, Љубљана, Нови Сад, Панчево, Вашингтон, Дрезден, Апатин, Виена, Брисел, Софија, Варшава, Париз, Берлин, Тетово, Охрид, Нирнберг, Лос Анџелес, Шумен, Безел, Чачак, Рим, Белград, Софија, Талин, Подгорица, Лондон, Ровињ… За своето творештво е добитник на повеќе награди.
____________________________________
Слики од отворањето на изложбата во Чифте амам.