Изложба на Кирил Гегоски – Апотеоза на пределот

Share Button

Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па се до денес се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата, уметнички израз исполиран до последниот детаљ, што може да се сфати како производ на воздржаниот, но софистициран фокус на авторот за потенцирање на суштината на нештата, беспрекорната реализација, а пред се со извонредно чувство и познавање на својствата на материјалите што ги користи.

 
Од почетокот на 2000 година и во текот на изминатите години до денес евидентно е менување на ликовниот израз кој за разлика од претходно е поекспресивен. Кирил Гегоски во својата сликарска страст и посветеност не се задоволува само со една пронајдена матрица и во својата досегашна работа експериментираше на три нивоа на сликарската практика: материјалната-техничката, концептуалната-аналитичката и естетската-чувствената. Иако е евидентна стилска различност тој се задржува на архетипските модели и истражувања на односите во кои ги согледува одговорите на неговите размислувања за прасликата и искуствата во доживувањата во животот, во кои неповратно се врежани човековите искуства и претстави.
Преку ова Гегоски го претставува јадрото во кое се преклопуваат содржината и односот помеѓу неговото доживување на прасликата и значењето на конкретното уметничко дело. Неговите дела ја задржуваат својата препознатливост во различноста, што е одлика на изграден уметнички идентитет. Оваа препознатливост се заснова на осмислена креативна постапка во која значењето и формализирањето не се доминантни, туку се читаат индиректно преку материјалноста и сензуалноста на сликата и нејзиното непосредено афективено дејство врз гледачот.
Воден од потенцијалот на сликарското искуство преку ликовно стилизирање во неговите дела композицијата се транспонира во апстрактно – асоцијативни но сепак препознатливи форми. Бојата е базисот во творештвото на Гегоски. Бојата е збир на заробена енергија која од раката на авторот добива експлозивност и потполна слобода. Преку неа тој врши колористички истражувања на соодносите меѓу боите и површините. Тој не размислува апстрактно, туку прави одредени стилизации на пејзажот кој говори за внатрешните состојби, создава динамика и тензија во расположенијата кои ја обликуваат композицијата во својата крајна ликовна претстава.
Во духот на зен филозофијата, тој верува во внатрешната чистота што се рефлектира/отсликува во едноставни форми и силната енергија со која зрачи делото.
Неговите феноменолошки карактеристики засновани на колористички оркестрации, суптилни во изразот, чисти, често лирски, а понекогаш и драматични по карактер, светлосните ефекти и субјективните чувства на уметникот во доживувањето на дадената тема и мотив ги задржуваат споменатите особености на ракописот на авторот.
 

Изложбата ќе се отвори на 7.9.2022 (четврток), во 20.00 часот, а ќе трае заклучно со 24.9.2022.

_________
 

Кирил Гегоски e роден на 27.3.1944 година, во Прилеп. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје, во 1964 година. Член е на ДЛУМ (од 1968) и на ДЛУБ (од 1990).

Во 1979 г. ја користел сојузната стипендија „Моша Пијаде“ во Париз.

Студиски патувања: Италија, Грција, СССР, Франција, Полска.

Адреса: ул. „Зеленик“ 2/3, Прилеп.

 

Самостојни изложби:

1968 Прилеп, Шах-клубот (со Ѓ. Ачески и В. Костов); 1971 Прилеп, Градска кафеана; 1973 Скопје, Центар за култура и информации; 1977 Битола, Галерија „Моша Пијаде“ (со В. Костов); 1979 Скопје, Ликовен салон на ДЛУМ; Струга, „Хотел Дрим“ (со Д. Манев и Д. Ордев); 1983 Скопје, Центар за култура и информации; Битола, Галерија „Моша Пијаде“; Прилеп, Дом на културата „Марко Цепенков“; Штип, Дом на културата „Ацо Шопов“; Земун, Галерија „Пинки“; 1984 Прилеп, Библиотека „Борка Талески“; Прилеп, Дом на културата „Марко Цепенков“; 1985 Прилеп, Дом на културата „Марко Цепенков“; Охрид, Дом на културата „Глигор Прличев“; Ваљево, Дом на културата „Ваљево“ (со В. Костов и С. Михајлоски); 1986 Прилеп, Дом на културата „Марко Цепенков“ (со В. Костов и С. Михајлоски); 1986/87 Ниш, Galerija Spomen dom “M. Stanimirović”; 1987 Титов Велес, Локовен салон на Народен музеј; Изола, Galerija “Alga”; Карловац, Galerija “Zilik”; 1988 Скопје, Ликовен салон на ДЛУМ и ДЛУПУМ; 1991 Ниш, Galerija Spomen dom “M. Stanimirović”; Књажевац, Дом културе; Прилеп, Дом на културата „Марко Цепенков“.

1992 Прилеп, Кафе-галерија „Паренцо“; Скопје, Галерија на МСУ во ЈАТ; Прилеп, Центар за култура „Марко Цепенков“; Битола, Уметничка галерија „Моша Пијаде“; 1993 Прилеп, Центар за култура „Марко Цепенков“; 1994 Пилеп, Центар за култура „Марко Цепенков“; Битола, Уметничка галерија „Моша Пијаде“; Кавадарци, Дом на културата; Скопје, Салон на ДЛУМ; 1996 Прилеп, Центар за култура „Марко Цепенков“; 2000 Струмица, Работнички универзитет „Јоска Свештарот“; 2004/5 Битола, Уметничка галерија; 2008 Битола, Ликовен салон на ДЛУБ; 2009 Манчестер, Wensley Gallery; 2010 Скопје, НУ Музеј на современата уметност, Прилеп, Куманово, Штип, Битола; 2011 Софија, Македонски културен центар, НУ КЦ „Марко Цепенков“ Прилеп; јули 2017, „Марко Цепенков“, Портрети на македонски артисти, 2017, „Марко Цепенков“, изложба на цртежи; 2018, Македонски културен центар – Њујорк, Изложба на цртежи.

Награди:

1976 Пиран, EX-tempore; 1979 Прилеп, Награда „29 Ноември“; 1982 Скопје, Откупна награда на НУБ „Климент Охридски“ на изложбата ДЛУМ графика; 1984 Скопје, Награда на ДЛУМ „Моша Пијаде“, на изложбата ДЛУМ графика; 1998 Скопје, Награда на ДЛУМ „Никола Мартиноски“, на изложбата ДЛУМ – цртеж ’98; 2000 Скопје, Рамноправна откупна награда на НУБ „Климент Охридски“ на ДЛУМ графика; 2001 Скопје, Награда на ДЛУМ за графика; 2003 Скопје, Награда на ТВ Телма за графика; 2007 Битола, награда „4 Ноември“ на ДЛУБ „Борислав Траиковски“; 2010 Прилеп, награда „3 Ноември“ на Општина Прилеп; 2013 Битола, награда „4 Ноември“ на ДЛУБ „Борислав Траиковски“, 2015 Скопје, КИЦ награда на „МАЛ ФОРМАТ“, „Вангел Коџоман“, 2019 Блум цртеж.

Share Button