Изложба на црногорскиот уметник Џељош Џокај
Изложба на црногорскиот артист Џељош Џокај во Мала станица, на 20 декември (петок) во Мала станица, од 20 часот…
Џељош Џокај е црногорски уметник со албанско потекло, кој припаѓа на генерацијата на уметници на Владимир Величковиќ и Душан Џамоња, генерација која не сака да заборави и се раздели од претходната, од надреалистичката, т.е онаа на Ступица и од апстрактната на Лубарда. Блиска му е естетиката на руралниот социјален реализам, а потоа и онаа на градскиот метафизичар Хегедушиќ, со одредена проекција на одредени типично национални карактеристики, во рамките на естетското искуство на Европа.
Критиката го дефинира како остроумен лирик, опседнат во своите дела со насилството на минатото и сегашноста, водејќи ги своите ранети и скршени ликови по пепелливата медитеранска земја, со силни оловни бои, за да ја поднесат сопствената жртва за човештвото. Го нарекуваат уште и сликар на технолошката сегашност, која веќе ја чувствуваме како дел од минатото, по која се движи робот, среќен како безгрижно дете, а од чии очи и раце растат корени и од чии артерии капе крв. Сликар е на поранешните и идни преселби. Тој црта, бои и формира една скаменета, метализирана слика чие време се простира во бесконечноста, слично на најмачните сништа.
Неговото сликарство е полно со лица, глави од кои нозете се отсечени и од чии солзи и распаѓања, уметникот го претставува она што се раѓа и р’ти, и од еден мачен затворен круг и создава простор во кој некои луѓе повторно би можеле да се обидат да живеат.
Во неговото сликарство сегашноста е обземена со минатото, со селото, со детството и војната против нацизмот. Сеќавањето влегува во димензија на сегашноста. Секој лик претставува единство на сегашноста и спомените. Историјата не се раскажува ни прикажува, се чувствува како жива и неодделна од автобиографијата. Единство на сегашноста и сеќавањата. Како во цртежот, така и во графиката, создава една специфична композиција која како да ја креираат парчиња од материја оставајќи впечаток на графит, ткаенина, метал, најразлични материјали кои оживуваат под раката на сликарот.
„Портретите се еден од главните мотиви во мојот опус. Како момче, доживеав војна, така што секогаш носев мачени глави во сеќавање. Од приказните на постарите луѓе, се сетив дека тие зборуваа за сечење на глави и набивање на кол, така што тој мотив остана незаборавен за мене. Отсекогаш сум се обидувал да ги ублажам овие мотиви, така што тие ќе бидат во форма на лирика, затоа што мислев дека мачеништвото и трагедијата во создавањето се тешки и малку прифатливи. Затоа уметничките критичари, мотивирани од моите дела, и ме нарекоа имагинативен лиричар кој не се заборава “ – вели Џељош Џокај за своето творештво.
Мојата колешка Селма Џечевиќ од Музејот од Подгорица, која го истражувала опусот на Џокај ќе напише: „Црногорската уметничка сцена, која наследува долга традиција, е признаена по својата уметничка поетика која изгледа многу разновидна и сложена. Ако ги погледнеме нашите минати уметнички практики, ќе забележиме генерации уметници кои негуваат посебен и оригинален израз, без оглед дали се заснова на традиција или се спротивставуваат на тоа. Едноставно зборува за неисцрпната моќ на нашата уметничка сцена, која се манифестира во мноштво креативни изрази честопати признаени и надвор од границите на нашата земја. Еден од уметниците чиј творечки живот остави свој белег на неодамнешните уметнички случувања низ цела Италија и Германија е сликарот од Миљеш крај Подгорица, Џељош Џокај. Обемниот уметнички опус, кој вклучува сликарство во боја и ѕидно сликарство, графики и цртежи, сведочи за реткиот креативен потенцијал на уметникот. Сепак, медиумот преку кој уметничкиот и технолошкиот процес на Џокај најубедливо го транспонираше неговиот уметнички свет, се однесува на графиките што го направија еден од најистакнатите уметници на Југославија кога станува збор за оваа техника.“
Овој краток преглед за творечкото значење на Џељош Џокај, поврзан со пропратната камерна изложба во Националната галерија со дела на Џокај, е во знак на оддавање на почит на овој значаен црногорски уметник со албанско потекло, со чие творештво и идејни премиси можат да се направат аналогии и со одредени македонски уметници (надреалисти), на пример Спасе Куновски, со кого ги делат призорите на војните, претставите на главите, шупливите – масковидни обриси како трага од нешто што некогаш било човечко, или пак Богољуб Ивковиќ, во мотивите од руралните средини, војните и фантастичните призори, или пак Омер Калеши кај кого ликот-главата на селскиот работник е главен антагонист.
Со оваа изложба ја отпочнуваме соработката со Музејот и галерија од Подгорица, со кои очекуваме плодна размена на искуства, знаења и реципроцитет во превземање на изложби со што македонската јавност ќе може од поблиску да се запознае со црногорската современа уметност, и обратно, Р.С. Македонија да има свои автентични ликовно уметнички презентации во срцето на Црна Гора – Подгорица.
Ана Франговска, виш кустос