Изложбата “Македонско профано сликарство…” во Чифте амам
На 04.11. 2013 година (понеделник), во 19:30 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе биде отворена изложбата “Македонско профано сликарство (XIX – почеток на XX век)”.
На изложбата е поставен дел од македонското ликовно творештво од периодот на Преродбата, кое во голема мера ќе придонесе за расветлување на раниот развој на современата македонска уметност. Пред македонската јавност, покрај познатите и објавени дела, поставени се и досега неизложени дела, позајмени од јавни и приватни колекции.
Во XIX век во Македонската ликовна уметност продолжува поствизантиската традиција на сликање на иконопис и живопис, по нарачка на црквата и младиот граѓански слој, така што сликањето на елементи и мотиви со профана содржина, се до 80 – те години на XIX век се остварува во рамки на религиозното сликарство. Меѓу зографите – сликари кои имаат значаен допринос за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на XIX и почетокот на XX век се: Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Данаил Несторов Фрчкоски, Коста Вангелов, Ѓорѓи Андонов, Коста Шкодреану, Трајко Муфтински и др.
Преку своето творештво, тие, успеале да се наметнат во прифаќањето на новите ликовни идеи за бавно напуштање на шематизираниот поствизантиски иконопис и живопис, во интерес на скромната појава на македонското профано сликарство. Осамените дела на Теодосиј Зограф и Дичо Зограф, во почетокот и средината на XIX век, само го навестуваат она што во областа на македонската ликовна уметност ќе се случува во наредниот период.
Изложбата ќе ја отворат г-а Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија и академик Цветан Грозданов. Куратор на изложбата е Славица Алексоска.
Изложбата ќе биде отворена до 29.11. 2013 година.
Со почит,
Национална галерија на Македонија