“Космички пејзажи” на Дејан Иванов – Маргуш во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица на 18 ноември 2014 (вторник), во 20 часот, ќе се отвори изложба на Дејан Иванов, со наслов Космички пејзажи.
Дејан Иванов – Маргуш како ликовен уметник не е фигуративен исто и како и неговиот ликовен свет. Тој е апстрактен и неговата експресија е речиси целосно одраз на спонтан несвесен ониризам на битието. Овој наш сликар повеќе сака да насетува отколку да дефинира. На свој начин ониризмот како специфичен слој е присутен и кај последните дела. Тој е инстинктивно импулсивен и колористички афективен. Овој импулсивен имагинациски ритам на експресионистичка апстракција, овде е скротен и доведен до еден кристализиран, речиси трансцендентен спокој. Сликите се целосно потопени во флуидот на една благо нагласена метафизичка атмосвера. Асоцојативниот свет на овие дела е стаен, духовно прочистен и ликовно рафиниран. Интересен лиризам кој сугерира тишина и нурнатост во чувството помеѓу мигот и вечноста. Раководејќи се од композициските аспекти на авторот, можеме слободно да речеме дека основна тема е просторот и пејзажот.
Нагласената концептуалност сугерира статичност во еден просторно-времески исечок, но статичноста на ликовниот свет на делата на нашиот сликар е само привидна. Таа е суптилно ритмизирана од фината игра на светлото и сенките, кои сугерираат не само статичен физички туку и жив онтолошки простор, кој е мобилен одвнатре. Токму тоа е значајното, бидејќи така сликите на Дејан Иванов – Маргуш не се експеримент на гол конструктивизам, туку добиваат една семантична длабочина која ја симболизира тивката радост и спокој на битието кој што го интерноризирало просторот- времето во себе. Морам да нагласам дека овде не станува збор за произволна опсервација.
Ако повнимателно се загледаме ќе приметиме дека мотивот на сликите на Иванов е композициски така поставен, што сугерира некаков засолнат простор во кој едвај трепери како стишан одблесок играта на светлото во миг издвоен од брзиот временски тек на минливоста. Намерно или случајно во херметизмот на сликите на Дејан Иванов – Маргуш го препознаваме императивот кој Маларме го поставуваше на поезијата, а кој важи за секој вид херметичка уметност, односно да се сугерира наместо да се именува. Токму сликите на Иванов ја следат интуитивно поетиката на тој императив.