Меморандум за соработка помеѓу НГМ и Национална галерија на Косово
Вчера, на 22.02.2016 година беше реализиран работен состанок помеѓу директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими и в.д. директорот на Националната галерија на Косово, г-динот Зени Балажи.
На средбата беше потпишан меморандум за соработка помеѓу овие две сродни институции од регионот. Со овој чин се официјализираше соработката која ќе се одвива на неколку различни нивоа, како: реципрочна размена на квалитетни уметнички содржини, индивидуални уметнички проекти, концепциски изложби, споделување на вредни гостувачки меѓународни изложби, ќе се врши институционална размена на полето на менаџирањето на институции од културата, ќе се одржуваат разменски семинари, предавања и секако општа размена на искуства во секој домен на работа на институциите, со цел подобро меѓусебно запознавање на актуелните уметнички сцени и отпочнување на регуларна годишна регионална соработка.
На состанокот беа разменети рецентни публикации кои ги издале овие две институции во последниот период, како почетен стадиум на соработката, со што библиотеките на обете институции го збогатија својот библиотечен фонд. Има дури и првични предлози за конкретна соработка, но имињата на изложбите и авторите ќе бидат обзнаени наскоро, по утврдување на календарите и буџетите.