Проектот МО(НУ)МЕНТ на Гоце Наневски во НГМ

На 21 јуни 2014 година, со почеток во 20:30 часот, во организација на НУ Национална галерија на Македонија, на локација на ул. Јордан Мијалков (поранешна ул. Железничка) бр. 28, ќе биде презентиран проектот МО(НУ)МЕНТ на реномираниот македонски уметник Гоце Наневски. Проектот е составен од комплексен објект со димензии 5500 х 3295 х 2250 мм и видео проекции.
Проектот „МО(НУ)МЕНТ“ е дел од програмските активности на НУ Национална галерија на Македонија за 2014 година и е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија. Партнер на овој проект, кој се презентира во рамките на Манифестацијата „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност – Скопје. Спонзори на продукциската изведба на мега-проектот „МО(НУ)МЕНТ“ се МЗТ-Пумпи и Сектор филм, а во реализацијата на истиот се вклучени голем број соработници.
Одговорен кустос на проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска.
Проектот ќе биде достапен за јавноста до 30 јуни 2014 година. Заради специфичните техничките потреби, локацијата на која е поставен објектот ќе биде отворена за посетители секој ден (освен недела), во период од 20.30 – 22.00 часот.
МО(НУ)МЕНТализам
Најновото остварување на авторот Гоце Наневски насловено едноставно „МО(НУ)МЕНТ“ претставува своевидно продолжување на неговите досегашни истражувања во доменот на тридимензионалната објектност. Во дадениот случај, наспроти минималистичката геометричност истакната во неговите рани дела (почнувајќи од првите самостојни изложби во Младинскиот културен центар, Скопје, 1998 и во Музејот на Град Скопје, 2002), во последните години, почнувајќи од 2006 навака (Пат, ЛУ Народен музеј Велес, 2006, Педесет или педесет, Музеј на современата уметност – Скопје, 2006), а особено изразено во неговиот проект Педесет или педесет, претставен на 53 Биенале во Венеција, од особен интерес на авторското дејствување се развивањето и реализацијата на монументални објекти и инсталации (придружени со звук и видео) кои наједноставно може да се сведат под одредницата мобилни.
Значаен за конкретизирањето на техничко-механичкиот мобилен аспект на медиумот е интересот на Гоце Наневски за движечкиот принцип, не само во скулптурата, туку за движењето како концепт во создавањето и во егзистирањето на уметноста (и животот генерално). Фасцинацијата од движењето кај авторот е поврзана со еден мобилен механички сегмент, присутен во споменатите изложби од 2006 година навака. Овој механички сегмент – бројченик од автомати на бензински пумпи, на ниво на симбол или артефакт или код, во крајна линија, е секвенција од стварноста тесно поврзана со значењето и со толкувањето на поимите движење, простор, време. Иако по образование и вокација е вајар, со овие неколку посочени изложби се конкретизира отклонот на Наневски од она што се нарекува „традиционални содржини“ (Б. Иванов), во различни медиуми, не само објект, туку и видео. Воедно, наведените проекти најавуваат развоен пат кон ослободување од формалниот аспект на скулптуралноста; ова ослободување е база за различни толкувања што зафаќаат сè повеќе во сферата на ангажираноста со допирање (директно или индиректно) до културните, социјалните, општествените состојби од една страна и со емоционалните и психичките состојби на личноста од друга страна.
Восприемено од технички аспект, сложеноста на објектот опфаќа повеќе секвенции што содржат професионално изработен механички и електронски дел, односно кинетички момент, но и електронски софтвер што овозможува движење на редимејд-објектот, а сето тоа надополнето со видеопроекции. Замислата за физичко движење не е нова и непозната во уметноста, а мобилните објекти се дефинираат најшироко како статични скулптури и објекти чии елементи може да се движат и да се поместуваат, додека пак оние механички дела што се движат во простор, условени од софтвер и со својот изглед и однесување навестуваат дури и роботички елементи. Овој скуптурално-механички систем, изведен во монументални димензии, во формално појавна смисла, ги содржи елементите на двата различни система.
Спинот како момент на движење, односно мобилен механички момент е од круцијален интерес и за најновиот проект на Гоце Наневски. Централен елемент/објект на мегапроектот „МО(НУ)МЕНТ“ е култното “фиќо” (автомобил фиат 500), објект изваден и изместен од своето опкружување и поставен на „пиедестал“, со што следствено добива функција на естетски објект.Од социолошки аспект, оваа ретродизајнерска икона на секојдневниот семеен транспорт во седумдесеттите години на 20 век (во Европа нешто порано), иако веќе многу ретко, денес речиси воопшто неприсутен автомобил, е монументалистички доживеана од авторот како синоним на животот и воопшто индустрискиот развој и како еден од можеби најпопуларните артефакти на едно време, продукт на масовната култура со исклучителен индустриски дизајн и практичност. Воедно, овој естетски дефиниран механизам со својата практичност од аспект на економска достапност е симбол на слободата на движење. Концептот на движење како слобода е претставен со неколкуте видеа со различни „протагонисти“, кои, поставени во секојдневни „спин“-ситуации, го потенцираат контрастот статичност-мобилност.
Гоце Наневски на своите објекти им приоѓа сериозно, но со одредена и сè повеќе нагласена доза на иронија и на критичност. Иако овој критички аспект не е веднаш читлив и наметнат, се рефлектира во ставовите на авторот, според кого, проектот „МО(НУ)МЕНТ“ во својата основа треба да мапира една слика за човекот што го дефинира како одговорен субјект кој влијае врз неговото опкружување и обратно, кога неговите одлуки и реакции се условени од заемната спрега личност-општество, со испитување на системите на веројатност.
Комплексниот проект „МО(НУ)МЕНТ“, со обидите да се дефинираат поимите движење и време, чија феноменална појавност е предмет на интерес на толкувања од различна физичко-математичка и философска природа од антички времиња, па сè до денес, е сериозно ангажиран и во крајна линија реферира на состојбата на човековата егзистенцијална поставеност и појавност во денешните социјално-општествени рамки и системи.
Маја Чанкуловска-Михајловска
___________________________________________________
Фотографии од отворањето…