Најава за македонскиот павилјон на Венециското биенале

Share Button

Добредојдовте во Националната галерија на Македонија на прес-конференцијата по повод најавата за отворањето на македонскиот павилјон и промоција на проектот Silentio Pathologia на Елпида Хаџи-Василева, како наш национален претставник на 55-то Венециско биенале.

venezia bienale elpida hadzi-vasileva 2

Имено ја користиме оваа прилика за да ве информираме дека делото е успешно завршено и дека утре треба да пристигне во Венеција, за да отпочне неговото инсталирање во просторот на Scuola dei Laneri. Се очекува инсталирањето на трае 10 дена, заради комплексноста на самата инсталација, а инаугурацијата на павилјонот ќе се случи на 31 мај во 15 часот. Организациските подготовки течеа според предвидената динамика и редослед, а верувам дека овогодинешното претставување на Р. Македонија на оваа престижна уметничка манифестација ќе предизвика особен интерес кај стручната јавност, галеристи, куратори, уметници и дека ќе биде забележан настан на Венециското биенале.

Маркетиншки изложбата е промовирана одлично, платена е реклама во престижниот електронски уметнички портал e-flux, а исто така покриени се и комерцијални страни во магазините Caleidoscope и Freeze, можне значајни часописи во областа на уметноста. Најавени се посети на многубројна домашна, но и странска публика. Очекуваме одлично претсавување на Македонскиот павилјон, особено поткрепено со фактот што пред себе имаме еден остроумен и промислен уметник, креативец што својот уметнички опус го потпира врз долготрајна истражувачка работа во повеќе дисциплини, области и медиуми. Сознаеното Хаџи Василева го редефинира и го синтетизира во еден јадровит концепт што потоа од идеја со мачна работа и сложен процес во кој е вклучен не само мануелниот труд на уметникот, туку и често цел тим архитекти, креативци, специјалисти во различни области, индустрии, работници го транформира во визуелизација на осмисленото. Латинското име Silentio Pathologia е насловот на проектот на Хаџи-Василева и е скулптурален објект-инсталација изработен за дадениот простор на прекрасниот објект Scuola dei Laneri во Венеција.

venecisko-bienale-elpida-ngm-2

Проектот има длабока структурност во однос на пластичната изведба, т.е. тој е мошне диверзен, интригантен, предизвикувачки, намамувачки, шокантен, забавен, експресивен, наративен, едукативен и поседува многу други карактеристики и квалитети во однос на физичкиот изглед и естетската сензација. Како контрапост на материјалната изведба, а уште повеќе како јазолен апендикс на привидот, што е всушност коренот – базисот на проектот, стои повеќеслојниот концепт и уметничко-историската, географско-научната, биолошко-индустриската, филозофско-економската, политичко-интимистичката, глобално-локалната и каква уште не природа на идејниот дискурс со кој се занимава самото комплексно дело, со што Silentio Pathologia одлично се вклопи во генералниот концепт на 55-тото Венециско биенале Енциклопедиска палата – палата на сите знаења, куриран од Масимилијано Џони. Имајќи пред себе еден остроумен и промислен уметник, креативец што својот уметнички опус го потпира врз долготрајна истражувачка работа во повеќе дисциплини, области и медиуми, за сознаеното да го редефинира и да го синтетизира во еден јадровит концепт што потоа треба од идеја со мачна работа и сложен процес во кој е вклучен не само мануелниот труд на уметникот, туку и често цел тим архитекти, креативци, специјалисти во различни области, индустрии, работници да придонесе кон визуелизација на осмисленото, е факт што сам по себе дава тежина за издржан креативен потенцијал.

Кога на вака склопениот воведен пасус ќе се додаде и информацијата за тенденцијата на авторката (освен користење вообичаени материјали) кон експериментирање со неуметнички медиуми, материјали што подразбираат вклучување на биологијата, дерматологијата, препараторството како дисциплина, кога ќе се има предвид и интенцијата кон просторни, архитектурални сајт-специфични објекти и инсталации во даден простор и време (ентериер и екстериер) и кога на мултидисциплинарниот контекст ќе се апендира филозофска и естетска нишка, која се движи по тенка линија за природата на грдото-убавото, пријатното-ужасното, тогаш почнуваме да добиваме поконкретна идеја за природата на авторскиот идентитет што ни се презентира. Елпида Хаџи-Василева е уметник со веќе потврден уметнички квалитет, талент и детерминираност што ги потврдуваат критичарите уште со нејзиното прво јавно претставување во 1996 година со дипломската изложба на Глазговската уметничка школа.

Нејзиниот плодотворен и скалест креативен раст со исклучителни и забележани презентирања (пред сѐ, од еснафот, а атрактивни и за љубителите на уметноста), а од друга страна и нејзиниот квалитативно-сижејно концентриран понуден проект како предлог за претставник на македонскиот павилјон на 55-тото Венециско биенале се причини за добивањето на довербата на комисијата при Министерството за култура на Р. Македонија. Латинското име Silentio Pathologia е насловот на проектот на Хаџи-Василева и е скулптурален објект-инсталација изработен за дадениот простор на прекрасниот објект Scuola dei Laneri во Венеција. Проектот има длабока структурност во однос на пластичната изведба, т.е. тој е мошне диверзен, интригантен, предизвикувачки, намамувачки, шокантен, забавен, експресивен, наративен, едукативен и поседува многу други карактеристики и квалитети во однос на физичкиот изглед и естетската сензација. Како контрапост на материјалната изведба, а уште повеќе како јазолен апендикс на привидот, што е всушност коренот – базисот на проектот, стои повеќеслојниот концепт и уметничко-историската, географско-научната, биолошко-индустриската, филозофско-економската, политичко-интимистичката, глобално-локалната и каква уште не природа на идејниот дискурс со кој се занимава самото комплексно дело, со што Silentio Pathologia одлично се вклопи во генералниот концепт на 55-тото Венециско биенале Енциклопедиска палата – палата на сите знаења, куриран од Масимилијано Џони.

Халиде Палоши, директор Комесар на Македонскиот павилјон

venezia bienale elpida hadzi vasileva 1

 

Мултидисциплинарно синестетичко МАПИРАЊЕ Кон Silentio Pathologia, на Елпида Хаџи-Василева

Ана Франговска, куратор

Идеосинкрезија

Во согласност со методологијата на работа на Елпида-Хаџи Василева, според која даден проект се дефинира и се отелотворува во корелација со дадената локација/град/држава, локално и глобално, историски и географски, морфолошки и структурно, и овојпат авторката мина долг истражувачки период, период во кој се измодулира структурата на спознајното, т.е. се измапира гносеолошкиот пристап во идната визуелизација на проектот. Патот на свилата (the Silk Road) беше идентификуван како емпириски агенс што ќе отелотвори живот, ќе даде сочност во градењето на проектот. Трговијата и продажбата на свилата во правец од Исток кон Запад бележи 3 фази во различни периоди. Круцијален во Silentio Pathologia на Хаџи-Василева е вториот период што се одвивал меѓу XIV и XVII век, во кој е опфатен регионот на денешна западна Европа, а пред сѐ регионите на актуелната Италија и секако на локацијата на константната резиденција на уметницата -Велика Британија. Во праволиниска насока со економскиот развоен пат на трговијата на свилата се проследува и распространувањето и пренесувањето на една од најозлогласените болести од тоа време, чумата. Нејзиното раздорно заразно расчленување насекаде по Патот на свилата има исклучителен интензитет во Италија и во Британија. Ракурсот на когнитивната примена на овој географско-историски феномен во проектот на Елпида Хаџи- Василева ја третира врската меѓу општествените и природните науки.

Освен наративниот фундус на овој контекст, зад него се вивисецира и парадигмата за трансмисијата како онтологија, трансмисијата на информациите (морфологијата на медиумите и нивната манипулативна моќ), трансмисија на добра, трансфер на идеи, на луѓе, на стока, но тука е и преносот на нуспојавите од трансмисијата – болестите генерално (во дадениот случај пример е чумата, но преносно се однесува на сите генетски и вештачки произведени современи болести, како птичјиот и свинскиот грип во рецентната историја). Ефемерна станица е и брзината на трансферот/трансмисијата во зависност од времињата, историите, развојните квалитети и слично. Таа (трансмисијата) е клучна во комуникацијата со другиот; поставувајќи ги оттука иманентно дискурсите за другоста, за идентитет, припадност, идеологија, независен развој и дијалог со поинаквиот, граници, разлики, поврзаност и вмрежување, припадност на една целина или проблематична еманираност и вкалапување во туѓи стандарди, станување дел од сојузи и пакти (Европска унија или неможност за приклучување кон неа), историско-националистичка заслепеност, политичко-историски дисконтинуитет, неприфатливост, комуникабилност, економија и многу други. Голем дел од горенаведените стандарди и аксиоми се апликативни на судбината и општестевениот актуелен мизансцен во уметниковата родена земја – Република Македонија.

venezia bienale elpida hadzi-vasileva 3

Еден од главните трансмитери на болеста чума е стаорец, а токму тој е најчесто животно (освен гулабот) што живее во Венеција и за разлика од другите средини каде што тие се третираат како штетници и на нив се гледа со чувство на одвратност и ужас, тука, во Венеција, тие се еден вид заштитени животни. Тоа е генеалогијата за примената на стаорецот во Silentio Pathologia. Во визуелната семиотика на Silentio Pathologia стаорецот е присутен во два облика, жив (затворен во аквариум) и мртов – т.е. само неговата кожа (извадена со посебен мануелен и мачен процес на вадење од веќе мртви животни). Елпида Хаџи-Василева решава да користи не обичен, туку бел (за површините од препарирани кожи од стаорец) и црн (за живите затворени), лабораториски стаорец, добиен вештачки исклучително за лабораториска медицинско-козметичка примена. Тој се чува во специјални и заштитени услови и е едно од најчистите животни. Неговата интелигенција е неверојатна, а биолошко-органската морфологија е најслична со онаа на човековиот вид. Кожата, како несвојствен медиум во уметничкиот израз, но мошне специфичен за креативната експлорација на Елпида Хаџи-Василева (во нејзините досегашни дела користела кожи од кокошка, риби, свински и јагнешки ципи, мембрани, марамици, кожа од тестиси и многу друго) е синоним за оклоп-заштита од надворешните влијанија, природни, физички, биолошки. Таа е контејнер што ја чува светоста на ткивото, без оклопот не би била ни есенцијата на животот. Оттука и нејзиното значење во визуелниот паноптикум на уметницата што е моќно рацио-ирацио (ментално) орудие во рацете на уметникот, идентификациски печат, структурно-интертекстурален ликовен код, естетско-сензитивен (чувствен) параметар (вклучува не само око, туку и мирис како сензор за рецепција на делото), ефемерија во нејзиниот творечки идентитет.

Со употребата на ваков тип органски медиуми, кои според принципот на визуелна конципираност се перцепираат во неколку фази, најнапред со чувство на интригантност и загадочност, потоа со спознание и одушевеност, за на крај да предизвикаат одредено морничаво чувство и ужас, Хаџи-Василева остроумно се движи по тенка линија за одредени филозофски аспекти за естетиката на грдото и убавото. Го поставува како фундаментален аспектот на редефинирање на убавото и за пресоздавање на убаво-естетско со примена на отпад, грдо, дефрагментирано, осиромашено, одвратно ѓубре. Спротивностите како концепциски идиом се исто така актуелни во декодирањето на проектот Silentio Pathologia, па оттука контрастните и опонентни симулации се дадени низ повеќе аксиоматски парови и тоа црно-бело (ахроматски интензитет за да даде акцент на идејниот симулакрум; црни: металот, свилата живите глувци; бели: мрежата од свилени кожурци и панелите од споени кожи на бели стаорци) , живо-мртво, органско-неорганско, цело –декомпонирано, убаво-грдо, индустриско-мануелно, полно-празно, монументално-минуциозно итн.

Визуелизација

Просторно-специфичната инсталација е повеќеслојно и повеќедимензионално разрешена, со елементи на игривост, дидактичност, занимливост, интригантност, изненадување. Реципиентот е воден со зададена насока на движење, предадена од конципираноста на објектот. Терминот на лавиринт е една варијабила при идејна егземплација на просторниот паноптикум. Најнапред се соочуваме со еден двометарски ѕид изработен од метал, кој мапира одреден органовиден облик во простор (виден од птичја перспектива), а отворен само на едно место за да овозможи пенетрација во внатрешноста. Овој ѕид е синоним за рамка-контејнер-балон што ги штити идеотеката, срцевината, историјата, животот, спазмата. Металот како материјал е единствениот неоргански – ладен медиум што по своите специфики може да се изедначи со кожата бидејќи со текот на времето кородира, еродира и се распаѓа. Неговата конструктивна семиотика дава примамлив скулпторски сензибилитет и мамка кон содржината на внатрешноста.

Штом влеземе внатре, почнуваме да шетаме по зададена патека, а веднаш не обзема чувството на зачуденост (Alice in Wonderland). Внатре на внатрешниот ѕид на металот како пандан со кој заедно формираат патека нѐ пречекува уште еден ѕид – завеса, изработен од сушени кожурци од свилени буби. Структурата на плетката (принципот на плетење реферира на традицијата и на старите медиуми на креативната индустрија) е во облик на хексагон, како структура на клетка. По оваа структура се надоврзува уште една завеса со висина од два метри и должина од 50 метри, направена од црна свила, чие ткаење е во облик на дефрагментирана мрежа од пајак, како алегорија на распаѓање и разградување. Кривулестото движење продолжува до површина – канопи направени од шиени кожи од бели лабораториски стаорци. Секоја кожа е изведена на начин што е оставена главата (полна) и телото отворено, при што обликот на кожата е видлив при спојот со следната кожа. Текстурата од кожи има и празнини-дупки помеѓу, одреден вид транспарентност што овозможува пенетрација на светлина и интересни визуелни ефекти на светло-сенка во внатрешноста на патеката и на ѕидовите од опкружувачките површини. По овој загадочен пат во кој се преплетуваат историјата, географијата, науката, алегоријата, биологијата, а се преплетуваат и чувства на фасцинација, одушевување, но и морничавост, емфазирани и со сензорот за мирис (површината од кожурци од свилени буби и канопот од кожи од стаорци како директни органски реминисценции испуштаат специфична реа на мрша), на крајот од патот нѐ чека моментот на изненадување, два алуминиумски кафези во кои има по два живи стаорци, но овој пат црни лабораториски стаорци. Нивното вклучување во проектот дава една поинаква филозофија и пристап кон зададениот тезис, прашања за почетокот и за крајот, оптимизмот како идеологија (по црни периоди во историјата, доаѓале светли, плодни и богати периоди), но и како алегорија и аларм или опомена дека опасност секогаш постои, дека по H1N1 ќе излезат и други модифицирани патологии што како вештачки произведени и контролирани од трети страни се една од главните опасности на современото време. Освен ефемерноста на просторот и формата како очигледни ликовни елементи што се ризоматични во Silentio Pathologia, значенски во визуелната семантика се и текстурата што се менува од мазна до рапава, од транспарентна до влакнеста, од сјајна до матна; потоа бојата што е ахроматска и сведена на црно-бели аспекти и, на крај, линијата и графичката прецизност во конципирањето на проектот. Диверзноста, варијабилноста и хармоничната дисхармонија се предоминатни принципи во толкувањето на проектот на Елпида Хаџи-Василева.

Место заклучок

Резониран во целост Silentio Pathologia (повеќеслојна и преносна детерминација и на насловот, во буквален превод: тивка патологија – и со медицинско, но и со преносно значење – кованица од англискиот збор path и латинскиот logia, апликативно во двете варијанти) ќе го предизвика вниманието на гледачот. Неговата комплексност, сестраност, мултислоевитост, интердисциплинарност, интертекстуралност, трансисторичност, транскултурност, егзистенцијалност, предадената работа, пожртвуваност секако ќе го намамат реципиентот и нема да го остават рамнодушен. Некому ќе му се допадне, некому не, исто онака како што можеме да го употребиме и дефинирањето на естетиката на грдото на Умберто Еко, кој заклучува, парафразирам, дека ‘она што за едни е отпад, за други е богатство’ и дека историските периоди и менувањето на начинот на живот ги менуваат и начините на рецепција на одредени нешта (убавото и грдото), и во денешни услови границата меѓу грдото и убавото е толку изблурирана и заматена што не може точно да се дефинира од философско-уметничко-естетски аспект. Затоа оправдано е различното толкување на делото на Хаџи-Василева, но извесно е дека кај сите ќе предизвика силни сензации и доживувања, заедно со моменти на возвишеност и изненадување.

Share Button