Од претставувањето во Националната галерија на Косово со „Есенција на егзистенцијата“

Share Button

ngm esencija kosovo 1

Изложбата „Есенција на егзистенцијата“ на која земаа учество 20 македонски современи уметници, која ја курираа тројцата кустоси на Националната галерија на Македонија Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски и Маја Чанкуловска Михајловска на 27 ноември 2017 година се отвори во Националната галерија на Косово во Приштина и предизвика особен интерес.

Со ова прво официјално претставување на македонската уметност во Косово се потврди воспоставувањето на плодотворната билатерална соработка помеѓу двете соседни држави Македонија и Косово и двете национални галерии, соработка која ќе се негува и продлабочува и во иднина. Изложбата беше отворена на високо државничко ниво, најнапред од страна на директорката на националната галерија на Косово г-ѓа Арта Агани, па потоа на публиката и се обратија заменик министерката за култура, млади и спорт на Р. Косово, г-ѓа Бурбиќе Бакија Дева и државниот секретар за култура на Р. Македонија, г-дин Валмир Азири и на крај се обрати директорот на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими. На самиот чин на отворањето беа присутни високи претставници на дипломатските корови во Р. Косово, а секако и амбасадорот на Р. Македонија во Косово, г-динот Илија Страшевски.

ngm esencija kosovo 3

Изложбата и концептот предизвикаа особено внимание кај медиумите и кај публиката бидејќи третираат проблеми кои се многу актуелни и во нивното младо и транзициско општество. Уметничкиот концепт на изложбата се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции што приоѓаат од различен аспект кон суштината на духовноста, храната… a под овој дискурс се пронаоѓаат и инстанциите на достоинството, идеологијата, политиката, социјалата. Вообичаено, кога станува збор за тематика поврзана со егзистенцијата, неизбежни е Сартр и егзистенцијалистите, кои говорат за апсурдноста на социоопштествените феномени, т.е. за апсурдноста на есенцијата во егзистенцијата. Критичките ставови за секојдневното егзистирање во делата од изложбата „Есенција на егзистенцијата“ може да се исчитуваат и во контекст на рефлектирање на долгогодишната „неподнослива тешкотија на постоењето“, како парафраза на насловот на ултрапознатиот роман од Милан Кундера, „Неподнослива леснотија на постоењето“ и нудат различни поими за борбата за (не)можното емотивно/емоционално егзистирање во рамките на репресивните општествени системи.

mng esencija kosovo 4

Секако, тука се и хуманистичката психологија на Абрахам Маслов и неговата често експлоатирана теорија за „Хиерархијата на потребите“. Во основа на неговата „пирамида на потребите“ е биолошкото задоволувањето на инстиктивните еволутивни физиолошки човекови нагони, а постепеното „освојување“ на различните нивоа кон врвот на пирамидата станува сè покомплексно и ретко достижно. Eдноставната интерпретација на оваа теорија, распоредот на поставеноста и меѓурелациите на различните нивоа на потребите, при што преминот кон секое следно скалило е условено од задоволување на секое претходно, станува усложнета од основната социјална (не)сигурност како предуслов за обезбедување на основните животни потреби. Овој концепт со општ призвук ќе ги опфати аспектите на уметниците што на различни начини реагираат на егзистенцијалните принципи користејќи различни медиуми за визуелна експресија – од класични: сликарство, графика, скулптура преку инсталации, објекти, фотографија, па сè до видеопроекции, дигитални принтови, перформанси, звучни инсталации… Селектираните уметници Исмет Рамичевиќ, Методи Ангелов, Атанас Ботев, Вана Урошевиќ, Ирена Паскали, Александар Станкоски, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Марија Сотировска, Игор Сековски, Осман Демири, Славица Јанешлиева, ОПА, Михаела Јовановска, колектив Зеро, Нехат Беќири, Димче Димески, Игор Тошевски, Гоце Наневски, Зени Балажи, Жанета Вангели, Дита Старова Ќерими во својот творечки вокабулар користат елементи што одговараат на главниот дискурс на концептот, секој од нив допирајќи ги точките на есенцијалностите на егзистенцијата на различни начини и од различни перспективи. Се надеваме и веруваме дека со овој тематски пресек ќе дадеме еден можен аспект кон разгледувањето на македонската современа уметност.

Share Button