Почетоци на македонското профано сликарство

Во исклучително тешките последни децении на владеењето на Отоманското царство (до 1912), во Македонија упорно се одвиваше македонската културна преродба.

Забележлив влог во неа беше оној на многу македонски градители, резбари и зографи. Така, живописците Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски и Коста Вангелов, сликаа сообразени со тоа пресвртно време. Продолжија да создаваат религиозно фреско и иконописно сликарство, при што почитта кон традицијата ја сојузија со претпазлива примена на модели преземени надвор од византиската уметност. Одделни нивни дела се доближија и до поновите европски ликовни изрази. Тоа е поизразено во творбите со световни мотиви на овие уметници: во портрети и автопортрети (работени и според фотографии), пејсажите, во првите фолклорни и “историски” сцени.