Реализирани програмски изложби на НГМ во 2015 година
Ова се програмските изложби на Националната галерија на Македонија,
кои се одржаа во текот на 2015 година, во објектите на институцијата.
Изложба на Одаловиќ и Милатовиќ во Чифте амам
Ратко Одаловиќ се претставува со колористички цртежи во темнокафеав тоналитет со окер, розови, жолти и сини акценти и површини.
Тоа се композиции реализирани со редукција и се исклучително декоративно богати – со орнаментален репертоар што почива на принципите на horror vacui (страв од празен простор) внатре во просторот, кој го опфаќа централниот мотив – симплегма на човековата фигура/креатури и елементи на машинската индустрија. Некогаш се сведени на изолирани карикатурални ликови со модификувани внатрешни организми или линеарни клопчиња со кои се симулира човековиот нервен систем или крвотек. На овие дела, пред сè, до израз доаѓаат авторовите високи естетски вредности, минуциозност и исклучителна цртачка вештина.
______________________________________
“Сите бои на љубовта” во Чифте амам
Националната галерија на Македонија преку едукативното одделение во текот на годината организира многубројни настани и изложби од најмладите уметници. Опфатени се сите ученици, сите возрасти на деца независно од физичката или менталната попреченост.
Националната галерија на Македонија особено става акцент токму на овие ранливи групи и постојано се залага за што поголема нивна инклузија во секојдневното живеење и уважување на различностите. На 3 декември минатата година беше одбележан Мегународниот ден на лицата со посебни потреби, а сега со изложбата под наслов ,, Сите бои на љубовта,, нашата институција го одбележува месецот на Аутизмот. Организирани беа работилници каде голем број дечиња изработија прекрасни слики.
Аутизмот не е болест туку состојба. Тој нема граници, им се случува на луѓето од различни раси и религии. Бројот на аутистични деца е се поголем. Во таа насока сите ние треба да се залагаме за подобрување на правата и заштита на лицата со аутизам и нивните семејства. Националната галерија на Македонија и во иднина подготвува вакви бројни настани.
_______________________________________
Изложба од Конкурсот за откуп на ликовни дела
Од пристигнатите 228 пријави или вкупно 605 дела, петчлената стручна комисија, направи селекција на 64 уметнички дела, од различни визуелни медиуми: слики, скулптури, објекти, инсталации и видео инсталации од повеќе еминентни автори, како од постарата, средната, како и од помладата генерација уметници со цел поттикнување и стимулирање на нивниот иден творечки развој.
Меѓу откупените дела кои се делигирани во збирката на Музејот на современата уметност се наоѓаат авторите: Жанета Вангели, Благоја Маневски, Славица Јанешлиева, Беди Ибрахим и др. За збирката на Националната галерија откупени се делата на: Ристо Калчевски, Симон Шемов, Рубенс Корубин, Веле Ташовски, Томе Аџиевски и др.
На Конкурсот пристигнале 605 дела од различни визуелни медиуми (слики, скулптури, објекти, инсталации и видеоинсталации) од сите генерации македонски уметници, а петчлената стручна комисија избрала за откуп 64 дела …
___________________________________________
Проектот „Во прво лице“ во Мала станица
Во НУ Национална галерија на Македонија, објект Мала станица на 17 април 2015 година (петок), во 20.00 часот, ќе биде презентиран проектот под наслов „Во прво лице“ на која ќе бидат претставени 22 современи македонски уметници: Методи Ангелов, Јован Балов, Атанас Ботев, Гордана Вренцоска, Горанчо Ѓорѓиевски, Велимир Жерновски, Јана Јакимовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски, Ѓорѓе Јовановиќ, Верица Ковачевска, Љубомир Милошески, Ангел Миов, Моника Мотеска, ОПА, Ирена Паскали, Зоран Попоски, Нада Прља, Игор Сековски, Александар Спасоски, Дијана Томиќ Радевска и Микица Трујкановиќ.
____________________________________________
(По)трагите на водата – Акварелот од колекцијата на НГМ
Во текот на долгогодишната дејност и постоење на Националната галерија на Македонија, галериската збирка се збогатува и со нови, современи дела, во значителен број од над 1700 дела. Акварелот како составен дел од Збирката на Националната галерија на Македонија, завзема значајно место.
Изложбата насловена (По)трагите на водата презентира избор на уметнички дела остварени во еден визуелен медиум – акварелот, со истакнат број уметници, опфаќајќи еден импресивен попис на повеќе генерации од различни поднебја со посебни уметнички сензибилитети.
____________________________________________
Изложба на Марија Сотировска Богдановска – „Условен круг“
Изложбата Условен круг на Марија Сотировска-Богдановска формално се состои од четири одвоени целини низ кои е претставена интимна приказна што допира до привидот и до содржината на различните социјални, општествени и родови системи на вредности…. Цикличното повторување на нашето постоење, категориите време и простор, перцептивното и визуелното се повторно присутни и во најновиот проект Условен круг, со вметнување нов елемент – везот, кој со својата директна релација со народниот вез и со женскиот принцип во традицијата ја почнува и ја завршува целата родова приказна на кружна условеност. …
Кај Сотировска доминираат нетрадиционална везбена орнаментика и геометриски мотиви во повеќе бои и нијанси; авторката осовременувајќи ја оваа вештина, го видоизменува и благо го иронизира овој значаен облековен елемент во одредувањето на општествениот, економскиот и родов статус на носителот. …
____________________________________________________
Годишна изложба на основните училишта во Чифте амам
Во соработка со ликовните педагози од основните училишта, учениците работеа дела на конкретна тема – акварел, и на изложбата ќе бидат изложени најкреативните и најинтересните дела од младите уметници во завршна изложба со дела изработени во акварелна техника. Изложбата е со натреварувачки карактер за да се зголеми мотивацијата и интересот на учениците.
Со оваа изложба Националната галерија на Македонија се залага за стимулирање на ликовната уметност во воспитно-образовниот процес во училиштата и презентирање во јавноста на индивидуалните и групните творби на најмладата популација од основните училишта во градот Скопје.
____________________________________________
Изложба на Славчо Соколовски “Моето име е емигрант”
„… Првично, по преселувањето во Америка во 2000 година, Славчо Соколовски продолжува со создавањето уметнички објекти, користејќи слични видови материјал (како во неговото дотогашно творештво – н.з.), кои ги пронаоѓа низ улиците на Бостон и Кембриџ, Масачусетс. Животот во Америка се случува на улица и станува начин на кој тој за запознава неговата нова земја. Со цел да се насочи, почнуваа да асимилира некои аспекти од американските “нешта” во својата уметност и во неговиот начин на живот. Тој се соочува со една сосема поинаква палета на бои и модел на живот….
…Исто така, по преселувањето на Соколовски во САД, неговото првично визуелно доживување на облекувањето го потсетува на начинот на кој во САД не само што се соочил со јазичната бариера, туку и со појавноста. Луѓето околу него се изразуваале на многу поинаков начин отколку во неговата земја. Неговата облека била повеќе формална, а не комфорна и шарена како на американците. И тој зачекорува во неговиот нов свет со облекување како Американците. Облеката е површината на нашиот изглед и е почетна точка за начинот на кој комуницираме со оние околу нас.
______________________________________
Минијатура – VIII Младински пролетен салон во Мала станица
Изработката на едно ликовно дело е сложен творечки процес (скицирање, цртање, поставување, реализација, анализа) и без разлика дали се работи за огромна површина на зид или платна, или сосема мало уметничко парче, потребно е да се вложат исклучителни напори и креативност во процесот. Проблемот на обработка е перспективата, мотивот, композицијата, симетријата, рамнотежата, единството кои се присутни и на мал простор.
За овој салон учениците имаа креатино изјаснување на мал формат кој што овозможува голем интерес и квантитет од страна на младите. На изложбата се застапени дела во различни медиуми (цртеж, слика, графика, скулптура, колаж, видео, фотографија, компјутерска графика и дела во комбинирана техника.
Изложбата ја организира дидактичко-едукативниот секор во Националната галерија на Македонија…
_______________________________________
Јубилејна изложба – 55 Години творештво на Борис Николоски
Кариерата на скулпторот Николоски започна во 1959 кога тој почна да ги користи методите предложени од неговиот професор Франтишек Смерду (на Словенската Академија за ликовна уметност). Заробени во наставните програми, неговите скулптури (најчесто портрети во мермер, камен, понекогаш во метал) имаа интимни и камерни атрибути.
Бранот на модернизмот, или поконкретно навлегувањето на апстрактната мисла, бргу и „масивно“ влијаеше на македонската скулптура. Борис Николоски преминот кон апстрактната пластичност го направи со стилизација во моделирањето на формите. Одеците на фигуративната уметност беа постојано присутни. Тој никогаш не се обиде да ја расчисти врската помеѓу фигуративното и апстрактното, но многу бргу се врати на фигуративното и остана доследен до ден денес.
___________________________________________
“Кога традицијата е (женски) императив: разговори за минатото, денес” во Мала станица
Марјана Костојчиноска Узунчева надоврзувајќи се на претходните искуства и истражувања во обликувањето на ликовното делото и потрагата по сопствено визуелно изразување, твори дела кои се логично продолжение на размислувањата за дефинирање на уметничкиот продукт.
Творештвото на Костојчиноска Узунчева е интимна исповед за едно минато време, сеќавање и спомени, навраќање на традицијата, еден вид визуелна патина на меморијата.
Инспирацијата од народното творештво, од културите што доаѓале од истокот и западот на оваа територија од Балканот, формирале препознатливи облици на народно творештво од кои се издвојуваат килимите кои се базичен елемент во нејзините дела. Тргнувајќи од ова таа ја транспонира содржината во својата инспирација од чисто визуелно доживување во симболично посложени духовни простори создадени со посебната сила на имагинацијата и интуицијата на автентичен уметник.
___________________________________________
Изложба на Јасмина Новковска во Мала станица
На изложбата ќе бидат изложени стотина дела и е психолошко и психијатриско истражување. Делата се поделени во неколку циклуси:
1. Филмска уметност
(,,Психо“, ,,Птици“, ,,Лудило“)
2. Портрети на многу душевно болни луѓе
3. Портрети на многу луди луѓе
4. Луѓе од вселената, луѓе-инсекти
5. Човек – луѓе – животни – праисториски животни
6. Борба на змеј со животно – душевно болни и луди луѓе
7. Портрети на познати уметници,(Ван Гог, Фрида Кало, Енди Ворхол, Анри Матис, Пол Гоген, Салвадор Дали, Френсис Бејкон, Жан Мишел Баскијат, Кеит Харинг, Рене Магрит, Пикасо, Едвард Мунх, Пол Кле).
8. Два автопортрета
9. Пoртрети на најноторни убијци – сериски убијци на сите времиња, (Денис Радер, Андреј Чикатило, Ричард Трентон Чеис, Аилин Вурнос, Хенри Ли Лукас, Ед Геин, Гери Рајвеј, Тед Банди, Џон Вeин Гејси, Џефри Дамер)
Изложбата е во состав на манифестацијата Бели ноќи.
__________________________________________
Изложба на Агрон Абдули во Чифте амам
Агрон Абдули преку портретот често пати го повикува ехото на внатрешна средба со својата трансцендентала кое шири светло на човековата природа кое во суштина ги претставува најсуптилните човекови чувства. Многу нешта моше да претстави портретот, бидејќи во поголемиот број на случаи модулацијата на човековиот лик пред нас може да се претстави како целосен универзум.
___________________________________________
Изложбата „Utopia = Good Place or No Place“ во Мала станица
Овој проект цели кон делумно разобличување на оваа толку генерална тематика – Утопија, особено во денешните нео-либералистички или квази нео-либерализстички општества таа има за цел да допре или иницира повеќе дискурси, меѓу кои:
Утопија, не мора да се однесува “’не’ место”, кое не тера критички да се обраќаме на нашата сегашност, но таа исто така може да има врска со префигуративното “добро место”, кое нуди алтернатива на нашата сегашност.
Утопијата како начин на размислување не инспирира да се одмориме од реалноста и да размислуваме подалеку од она што е веќе постоечко. “Утописки” уметнички дела не мора да бараат од нас да ги преземеме нивните идеи во буквална смисла. Туку нивната цел е да го извличат моментот на рефлексија и внатрешно испрашување за тоа “до каде може да функционира предлогот за уметност?”, “како се споредува со светот во кој живееме.” … итн
___________________________________________
„Хронологија на дневни записи“ на Мирко Вујисиќ во Чифте амам
„Хронологија на дневни записи“ го сублимира досегашното творештво на авторот, презентирајќи избор на дела кои го рефлектираат неговиот интензивен интерес кон различни ликовни медиуми – графиката, цртежот и сликата. Во случајов, може да констатираме дека наведениот поим хронолошки записи се однесува на презентирање на дела од неговите почетоци, па се до денес, но интенционално е избегната инскрипцијата на конкретни наслови и години на изработка, оставајќи на посетителот самиот да ја исчита приказната низ претставениот сублимат на поетиката на различности.
Доколку се обидеме да ги означиме компонентите константно присутни во секојдневното посветено и интензивно создавање дела со дивергентна ликовна провиниенција, секако дека ќе започнеме од сензибилитетот кој авторот го манифестира во секое дело, а се однесува на особен лирски пристап и чувствување на богатството на содржините и мотивите еманирани од светот на имагинацијата.
_____________________________________________
Изложба на Иван Ивановски во Чифте амам
Проектот „ул. Салвадор Алјенде 68“ се состои од околу 100 скулптури, објекти и цртежи. Идејата е да се истражува релацијата на луѓето во група, групата во релација со единката и релацијата помеѓу повеке групи и единки.
На овој начин се создаваат композиции со ситуации од секојдневието на овој град.
За однесувањето на луѓето во група и како индивидуи уметникот реферира кон социјалните експерименти од раните 1970г. „Затворот Стенфорд“ и „Милграм експеримент“ кој се однесуваат на моќта на авторитетот, како и на експериментите од областа на конформизмот како експериментот на Аш, кој истражува како единките пасивно го прифаќаат и се прилагодуваат кон мислењето и однесувањето на групата.
Авторот користи различни материјали за изработка на делата (гипс, дрво, стиропор, жици …) како и “ready-made” објекти, кои од различен аспект ја вообличуваат првичната идеја.
______________________________________
Ретроспективна изложба на Александар Кондев
Александар Кондев (1950) е еден од оние македонски фотоуметници, чиешто фотографско творештво е нераскинливо сврзано со пробивите на фотографската мисла кај нас и, слободно може да се каже, највисоките дострели на македонската фотографија од втората половина на минатиот век до денес. Неговото безмалу педесетгодишно присуство во сите перипетии на македонската фотографија е важно сведоштво и за вкупниот развој на фотографијата кај нас.
По силата на нештата, но и заради јасно изразената љубов кон фотографијата, релативно рано (1969 година, иако претходно, 1966 – 1969 година, меѓу првите кај нас, се бави со анимација и филм) се определува за неа како основна професија. И тоа трае до денес!
Оттука, со 9 самостојни изложби, со учество на 40-тина групни изложби во земјата и во странство, со бројни национални и меѓународни награди, Александар Кондев дефинитивно денес е доајен на македонската уметничка фотографија, репрезент на нејзиниот развој и современи дострели во национални рамки.
_________________________________________
“Ретроспектива на апстрактната фотографија” на Осман Демири
Апстрактната, необјективна, експериментална или уште позната како концептуална фотографија е средство за создавање визуелни, драматични слики и се потпира врз примордијалните сензации за форма, облик, боја, кривина, повеќе одошто на самата смисла. Таа нема непосредна поврзаност со субјектот во буквална форма или со светот на објектот, туку тоа што е создадено зависи од добрата фотографска опрема, процесите и материјалите, а пред сѐ од концептот.
Апстрактната фотографија може да изолира фрагмент од природната сцена, со цел да го отстрани нејзиниот својствен контекст од гледачот, а тоа може да биде намерно изведено за да се создаде навидум нереален изглед на реалните предмети или тоа може да вклучува употреба на боја, светлина, сенка, текстури, облици и/или форма за да се пренесе чувство, сензација или импресија. Сликата може да се произведува со користење традиционална фотографска опрема како камера, темна соба или компјутер или тоа може да се создаде без користење на камерата со директно манипулирање на филмот, хартијата или други фотографски медиуми вклучувајќи и дигитални презентации.
___________________________________________
Mултимедијална инсталација под наслов „12:05“ на Борис Шемов
Проектот на Шемов претставува мултимедијален, визуелен и перформативен експеримент во кој сржта лежи во концепциската синестезија. Тој креира визуелни дразби кои според своите естетски кфалификации се восприемаат како изложба, а помеѓу елементите има поврзаност и аналогност со неговите претходни опуси (номадичност, референтност, колажираност, експерименталност, синтетичност, индустријализам, масовност, повеќеслојна комплексна концептуалност итн.).
Тенденцијата на Борис Шемов со овој проект е со минимум вклучени елементи или дела да дозволи концептот да се авто-генерира во свеста и спознанието на реципиентот, без притоа да даде „рецепт“ за читање на делото и дискурсите. Од друга страна тој момент на авто-генерирање на делото e присутен и во самиот процес на создавање на делото, со акцент врз синтетичноста и индустрискиот момент.
____________________________________________
Изложба на Жанета Гелевска Велјаноска во Чифте амам
“Конекција” e насловот на изложбата, кој сам по себе, сугерира симбиоза на најважните вредности во животот како и во уметноста. Жанета Гелевска Вељаноска ги повикува гледачите на нов поглед на поимот ,,заедништво,,.
Со своите дела како и во животот Жанета комуницира, Продуховеност, Промисленост и Доследност овојпат во комбинирана техниката на платно,со вметнување на колажи, стари фотографии од минатото заедно со модерните форми од сегашноста. При тоа авторката емитува “уметност на радоста на животот” и создава дела кои приближени на човечкиот амбиент создаваат потреба за дружење со него”. Сепак посебно би ја издвоила “конекцијата со детето” на секое човечко битие, како нешто најдлабоко во секој од нас.
Систематизирајќи ги внатрешни пориви на својот сопствен сензибилитет, во своите дела Жанета Гелевска Вељаноска се стреми кон синтетичен и силен начин на изразување.Лексиката на нејзиното сликарство е слоевита и смислено вкрстена од различните доживувања и расположенија, така, таа се ослободува од една цела конкретна логика, во корист на диктатот на чулата и чуствата со емотивни изливи на внатрешната енергија и психички вибрации.
_______________________________________
Изложба на Маневски и Шумковски „Две изложби, а еден настан“
Благоја Маневски и Јован Шумковски се клучни имиња во генерирањето на македонската современа сцена. Тие се претставници на генерација творци што ги почнаа своите активности од средината на осумдесетите и во крајот на таа и во наредната деценија извршија поместувања и осовременувања на визуелниот уметнички израз на национално ниво.
Нивниот „револуционерен“ подвиг кој се прелеваше и низ содржинско-концепцискиот дискурс и низ техничко-технолошките иновации на добата е причина за насоките што ги следеа понатаму и идните уметници во оформувањето на македонскиот ликовен паноптикум. Тие се денес главна алка во едукативниот систем (како професори на Факултетот за ликовни уметности) и во моделирањето на профилот на идните творци.
Иако како изразност многу различни, сепак честопати изложуваат заедно, секогаш носејќи го духот на времето и актуелноста. Проектот „Две изложби, а еден настан“ е за едниот (Шумковски) навраќања наназад со неизложувани дела преку циклусот „Блиско минато и една антиципација“, а за другиот (Маневски) синестезија со нови дела чија аналогија може да се најде во поранешни идеи, концепти и дела, преку циклусот „Без наслов!?…“ .
____________________________________________
Изложба на Вана Урошевиќ “Кабинети на чуда и библиотеки”
Својата најнова самостојна изложба Вана Урошевиќ ја има насловено: “Кабинети на чуда и библиотеки”. Следејќи некои од своите омилени теми од доменот на “тајниот живот на предметите”, оваа ликовна уметница овојпат својот интерес го насочува кон збирките произлезени од собирачката страст и несекојдневниот вкус на особено љубопитните поединци – кон “Збирките на чуда” (на германски: “Vunderkammern”; на француски: “Chambres des merveilles” и “Cabinets des curiosités”; на англиски: “Cabinets of Wonders”).
Овие претходници на современите музеи постоеле во шеснаесеттиот и седумнаесеттиот век во многу градови на Западна Европа, по дворците на владетелите и по палатите на богатите луѓе, и сведочеле за потребата за допирот со Необичното, Неверојатното, Различното. Без некоја особена потреба од класификација, во овие збирки биле насобрани предмети со одлики кои отстапувале од вообичаениот изглед на нештата, реткости од геолошко, животинско или билно потекло донесени од далечните краишта, и кои биле доказ дека постојат и други можни облици на светот, различни од оние на кои сме свикнале. Дел од ваквите колекции честопати биле и збирките на уметнички дела, а во нивната близина секогаш биле и библиотеките.
Основен материјал во кој се реализирани делата на оваа изложба е рачно боената свила. На неа авторката додава цртежи, фотографии и текстови, создавајќи на тој начин еден мултимедијален простор кој е исполнет со многубројни, заемно вкрстени значења.
__________________________________________
Изложба на современата чешка уметност „Исклучок и правило“
Уметници вклучени во изложбата се: Алеш Чермак (Aleš Čermák), Ева Јиржичка (Eva Jiřička), Ева Котјаткова (Eva Koťátková), Барбора Клеинхамплова (Barbora Kleinhamplová) и Тереза Стејскалова (Tereza Stejskalová), Вацлав Магид (Václav Magid), Маркета Магидова (Markéta Magidová) и Јан Феифер (Jan Pfeiffer), Јан Манчушка (Ján Mančuška), Слава Соботовичова (Sláva Sobotovičová), Роман Штетина (Roman Štětina), Адам Вачкар (Adam Vačkář) сите одлични претставници на чешката современа визуелна сцена.
Делата претставени на оваа изложба претставуваат само мала илустрација за перформативните пристапи кои често се применуваат во последниве неколку години, особено од страна на помладата генерација на чешки уметници. Популарноста на театарските средства на сцената на ликовната уметност уште позначително влијаат на практиката и теоријата, а актуелната дебата говори за влијанието на театарот, театралноста или кореографскиот аспект.
Изборот, меѓу другото, прикажува одреден развој меѓу помладата генерација уметници од Чешка, кои се оддалечуваат од императивот на еманципиран учесник кој го создава делото, во корист на повеќе опфатени парчиња кои го апсорбираат набљудувачот или публиката. Форматот првенствено се состои од видео записи на изведени акции и перформанси, кои вклучуваат претходно одбрано сценарио. На изложбата има дела кои се создадени и документирани во разни автентични средини со помош на претставници на различни социјални групи и проекти во кои учествуваат професионални актери или изведувачи.
_____________________________________
Изложба на дела од детската ликовна работилница „Детска радост“
Изложбата на Жанета Гелевска наративно ги преставува најважните вредности во животот како и во уметноста. При тоа авторката емитува уметност на радост, на животот и создава дела кои приближени на човечкиот амбиент создаваат потреба од дружење со нив. Сепак посебно би се издвоила конекцијата со детето, на секое човечко битие, како нешто најдлабоко од нас.
Поттикнати од делата на оваа наша уметничка беа организирани повеќе посети на Националната галерија на Македонија на кои учество земаа деца од едукативниот центар Монтесори, градинката Спирит, учениците од О.У. Ѓорѓија Пулевски од општина Аеродром, како и О.У. Бајрам Шабани и О.У. Емин Дураку од општина Сарај, и штитениците од ЈУ Заводот за рехабилитација на деца и младинци, Скопје. Повеќе од 150 деца создадоа свои дела, експериментирајќи со различни техники на ликовно изразување.
______________________________________
Томо Шијак – Ретроспективна изложба
Шијак до крајот на својот живот останува доследен на смелото експериментирачко дејствување и на препознатливите дела кои, со развојот на модернистички трансфигурираната концепција на неговите најиновативни и естетски најзначајни „мусандри“, во колективната македонска уметничка меморија ќе останат запаметени како икони на објект-артот што зрачат со аурата на нивната трансцендентална моќ.
Ретроспективната изложба и монографското издание за творештвото на Томо Шијак задолжително во себе ги инкорпорираат сите претходни истражувања посветени на овој автор и најзначајните концепти во доменот на објект-артот. Истражувачкиот проект, ретроспективната изложба и монографското издание се дел од програмските активности на Националната галерија на Македонија за 2015 година. Сите неопходни активности за овој проект се комплетно реализирани со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Проектот во оваа фаза ги опфаќа делата што се наоѓаат на територијата на Република Македонија, односно оние дела за кои при истражувањето ни беше дозволен пристап и нивна евиденција, а отежнување на целиот процес претставуваше трајното ненамерно (и во голема мера несовесно) уништување на извесен број круцијални креации на Шијак, како и турбулентната промена на приватните сопственици на негови дела.
______________________________________
Изложба Есенција на егзистенцијата на 25 македонски современи уметници
Истата изложба во јуни 2015 година беше отворена во галеријата Лауба во Загреб каде имаше огромен интерес од публиката и стручната јавност, а за следната година пoстои интерес изложбата да патува и во други галерии и музеи од регионот.
„Есенција на егзистенцијата“ е уметнички концепт кој се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции кои од различен аспект приоѓаат кон суштината на ентитетот, на опстојувањето, на функционирањето. Тука се опфатени генезата на љубовта, духовноста, храната…, a под овој дискурс се пронаоѓаат и инстанците на достоинството, идеологијата, политиката, социјалата. Вообичаено, кога станува збор за тематика поврзана со егзистенцијата, неизбежен е Сартр и егзистенцијалистите кои говорат за апсурдноста на социо-општествените феномени, т.е. апсурдноста на есенцијата во егзистенцијата.
Критичките ставови за секојдневното егзистирање во делата од изложбата „Есенција на егзистенцијата“ може да се исчитуваат и во контекст на рефлектирање на долгогодишната „неподнослива тешкотија на постоењето“, како парафраза на насловот на ултра познатиот роман од Милан Кундера, „Неподнослива леснотија на постоењето“, и нудат различни поими за борбата за (не)можно емотивно/емоционално егзистирање во рамки на репресивите општествени системи.