Самостојна изложба на Џезаир Реџепи

Share Button

poster nov

Ве информираме дека во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 17 ноември 2017 година (петок) во 20 часот ќе се отвори самостојна изложба на Џезаир Реџепи.

Џезаир Реџепи, роден во с. Тануше, Горна Река во 1983 година, акaдемската наобразба ја добил на Факултетот за ликовни уметности во Тетово, a по завршувањето на Факултетот за ликовни уметности, својата работа ја посветил во Конзерваторскиот центар во Гостивар, но паралелно со конзерваторската активност забележително е и негово авторско творештво.

Во потрагата за наоѓање на сопствен визуелен израз, Џезаир Реџепи во скулптурата се движи во областа на апстрактно-геометризираната скулптурална форма и спојот како на формите, така и на материјалите. Тој негува пластични структури со извесни семантички и асоцијативни белези. Најчести материјали што ги употребува во делата се полиестер, метал, дрво… како и комбинирање на материјалите и евидентно е присуството на неколку фази и преокупации во текот на неговото творештво.

Реџепи низ своето творештво создава дела со спиритуална атмосфера, тоа се дела кои не ги преуредуваат секојдневните предмети и објекти, но наместо тоа го менуваат секојдневниот живот како продуктивна уметничка сила, ги допираат сите области од животот во контекст на тотално уметничко дело.

Во скулптурите на Реџепи обликот е претежно слободна живо моделирана и апстрактно-геометризирана форма обработена во манир на брут-артот од која се наѕира асоцијативно-антропоморфна содржина. Динамиката и ритамот на формите се постигнати со поврзување на слободните и геомертизираните форми во обликувањето на делото.

Судирот на експресивните и геометризираните облици и патинираните површини се флуидираат во еден вид естетски објетки на слободна пластична форма. Грижата за ликовно-естетско прочистување зборува за намерата да се пронајде адекватна форма за поцелосно изразување на идејата во развивање најразновидни пластични решенија кои претставуваат просторни арабески со истакнато чувство за монументалност иако станува збор за пластика во мали димензии.

Скулптурите се стилизирани и ослободени од детали, при што во зависност од конструкцијата во обликувањето на делото, се открива основната пластична структура. Во некои од скулптурите присутни се извесни шуплини (перфорации) кои во скулптуралната маса контрапунктираат и создаваат надворешни светлосни сензации во постигнувањето на волуминозност и се важен елемент во целосниот визуелен ефект.

Скулптурите со апстрактно-асоцијативна форма кај Реџепи не се реакција на традиционализмот во скулптурата, туку потреба да ги открива елементарните односи на чистите пластични феномени.
Вертикалата на животот во делата на Џезаир Реџепи е пренесена во просторот преку скулптурата. Неговото творештво го открива како длабоко промислен автор чија духовна контемплација е материјализирана во скулптурална форма.

Share Button