Системски матрикс или матрикс во системот
Во една држава постои таксативна класификација на организми (институции, тела) кои се дел од системот и кои функционираат според одредени правила на игра наложени од највисоките владеачки елементи во хиерархиската организираност.
Сите ние сме дел од таквите системи (своевидни манипулирани марионети) во кои треба да се вклопиме и да функционираме по зададени принципи и норми. Честопати неможеме да се вклопиме во калапите, се чувствуваме заробени и загрозени, нашиот интелект и здраворазумско резонирање потценето и навредено, неможеме да дишеме, па со право и отворено се спротивставуваме, бараме да се чуе нашиот глас, да бидеме независни, да се издвоиме од системот, да функционираме како индивидуални организми паралелни на државничкиот. И сето тоа е легитимно, но можеме ли со субверзивност, користејќи ги истите тие (не)механизми на системот, истите модуси и модели, т.е. оружјето на другите (спротивставените), да го(и) употребиме за свои, афирмативни цели од една страна или пак, од друга страна, да им пркосиме, да ги критикуваме, цинички да им пристапиме токму ним, на другите, а сепак да бидеме во „рамките“ на самиот систем? Тоа е еден од клучните дискурси од кои поаѓа Борис Шемов во неговиот најнов проект „12:05“.
Во овој проект Шемов свесно прави мултимедијален, визуелен и перформативен експеримент во кој сржта лежи во концепциската синестезија, а не во изложбата заради изложба. Тој креира визуелни дразби кои според своите естетски кфалификации се восприемаат како изложба, а помеѓу елементите има поврзаност и аналогност со неговите претходни опуси (номадичност, референтност, колажираност, експерименталност, синтетичност, индустријализам, масовност, повеќеслојна комплексна концептуалност итн.). Мултимедијалноста и комплексноста, служат само како фон, како визуелно ликовен back-up. Користејќи ги аспектите на позиција на моќ, т.е. синтаксата „ми се може“, Шемов со ликовно-визуелните атрибути на изложбата прави спин и манипулација, со намера да оствари „затскриени“ цели, а заради индивидуални потреби, без најава и предзнак, а со пролонгирано дејствие, слично на позицијата на моќ на самитe државнички системи и сите нивоа на човечка манипулација на која сме сведоци. Затоа е тука дронот , беспилотен летачки робот, кој се раководи мануелно со далечински управувач и најчесто служи за снимања (сега веќе забранет за употреба без претходна дозвола) на масовни собири. Оттука произлегува „тајната“, „шпионска“, „вознемирувачка“ природа која се крие зад нивната примена. Тоа е аспектот на своевидна „контрола од горе“, без оглед како „од горе“ ќе се разбере. Ставен внатре, дронот произведува поинакви, изменети и изместени јукстапозиции, на позициите на моќ, на манипулаторите и изманипулираните, на вознемиреност или рамнодушност, на страв или потсмев.
Тенденцијата на Борис Шемов со овој проект е со минимум вклучени елементи или дела (видео материјал, дигитални графики и перформанс во затворен простор) да дозволи концептот да се авто-генерира во свеста и спознанието на реципиентот, без притоа да даде „рецепт“ за читање на делото и дискурсите. Од друга страна тој момент на авто-генерирање на делото e присутен и во самиот процес на создавање на делото, со акцент врз синтетичноста и индустрискиот момент. Елементите на проектот (видеото, дигиталната графика, дронот) се создаваат во голема мера сами по себе (со помош на програми, апликации, обучени пилоти), под надзор на уметникот, но не со предоминантни интервенции од негова страна, ставајќи емфаза врз улогата на авторот – креатор во денешно време и неговиот per se интелектуален инпут во процесот на создавање на делото.
Видеото се состои од измонтиран материјал на колажирани кадри, снимени со помош на дрон или извадоци од одредени механички дејствија чија динамика и визуелна синестезија го привлекла вниманието на авторот и на некој начин се вклопиле во уметниковиот системски дискурс. Надреалноста на вештачки инсценираните кадри е иреверзибилна, таа создава ирационалност која ја истакнува привлечноста на психолошкиот хаос, на систематичноста без систем. Менувањето на улогите, т.е. ставањето на веќе спознаени состојби во нов контекст се своевидни упади во системската шема, а позадинската авторска атонална музика (автор Дамјан Цветков Димитров), звучно го манипулира реципиентот со дразби кои не даваат конкретни податоци и наративност, туку го пренасочуваат или привлекуваат вниманието.
Фотографиите – дигитални графики се добиени со колажирање на сцени од видео материјали. Шемов користи дигитална апликација која ја субверзира – збунува, давајќи и податоци кои не се соодветни за тој програм. Тој ги прикажува материјалите со една панорамска слика за секој еден (дигитално-генерирана) како синтеза на филмот. Групирањето на сите панорaмски слики заедно креираат една нова групна „панорама“ на многу информации и на мноштвото, кои како динамика и визуелно-естетска игра го преокупираат авторот одамна.
12:05 from Boris Semov on Vimeo.
Перформативниот елемент на дронот е крајно не-уметнички чин сам по себе. Нема никаква инверзност на значењата во неговата функционалност, нема дискурзивност, нема авторска интевернција, маневрирањето е од трети лица, единствено менувањето на локацијата за негова примена и психолошкиот момент на контрола и упадот внатре се своевиден апендикс на концептуалната одлука на авторот за прогласување на овој елемент за дел од уметнички проект и тоа клучен.
Пледирајќи кон кажување на „ништо“, кон создавање на изложба „без изложба“, кон постигнување на тензичност и момент на исчекување (дури и самиот наслов 12:05 кој навидум е безначаен и според Шемов е аспект на anything goes, сепак е елемент кој сугерира одбројување, а со самото тоа и нешто неизвесно што следи), Борис Шемов создава проект кој е актуелен и философски. Начнува дискусии за важни социјални и општествено-политички прашања, го третира аспектот на системскиот режим, допира и до институционална критика, а секако и ги актуелизира дискурсите за уметноста и авторството денес и во афирмативна и во критичка конотација. Оттука проектот „12:05“ уште еднаш ја потврдува комплексноста во творечкиот процес како императив во потребата за уметничко егзистирање на Борис Шемов.