Oд Kласицизам кон Mодернизам
Музеите и галериите, служејќи се со меѓународниот јазик на уметноста и човечкиот дух, се обидуваат да ги афирмираат тековите на својата национална култура, на сродните култури и цивилизации, на соседните, а понекогаш и на најоддалечените. И навистина, тие грижливо чуваат многу сведоштва за нашето културно минато, за постепената еволуција на вечната човекова потрага за убавото како незаменлив предуслов за хуманизација на денешнината. Голем дел од целокупната колекција на Националната галерија на Македонија е оформен во првите години од нејзиното основање во 1948/49 г. На иницијатива на неколку афирмирани уметници и научници (Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Борко Лазески и Димче Коцо) и со голема финансиска помош од тогашната влада, беше формирана комисија која ги направи првите откупи на уметнички дела.
Со полна слобода во изборот и раководени главно од ликовните и историските вредности на самите дела, членовите на Комисијата ја докажаа својата стручност и професионалност. делата биле откупувани со посета на изложби во повеќе градови на просторите на некогашна Југославија, потоа од уметничи ателјеа, приватни колекции или пак преку одделни подароци. Оваа колекција содржи 170 слики, 46 скулптури и 150 цртежи и графики.
Оваа поставка е добра можност да се потсетиме, а новите генерации да се запознаат со еден важен дел од историјата на уметноста на овие простори. Исто така, изложбата ја потврдува и својата основна цел, а тоа е да биде возбудлива и отворена средба со дела што значат „историја“ , „минато“ , дела што биле и се стимул и инспирација за понатамошни ликовни истражувања. Временскиот период на создавање на делата избрани за оваа експозиција се протега од крајот на Х„Х до 40-те години на ХХ век.
При изборот даден е акцент на развојниот пат од класицизмот кон создавањето на современиот односно модерниот ликовен израз. Класицизмот, романтизмот и реализмот се својствени повеќе за сликарите кои беа под влијание на школите од Виена и Минхен. Подоцна многу сликари од Минхен се преселија во градот на уметноста, Париз. Сепак, најголем број сликари инспирациите ги бараа во себе или во дел од традицијата на својата национална култура.
За првите години на ХХ-от век карактеристични се пленеристите, а како најсуштествено за нив е што тие ја започнуваат живата борба за модерна слика. Ова е слика која ќе се одвои од нарацијата, приказните, митот и ќе се сврти кон себе, кон своите закони и своето особено битисување.
Оваа епоха е исто така многу значајна и заради промената на општествената положба на самата уметност, нејзиното влијание врз самата средина, заради промената на навиките, како и заради подигањето на вкусот.
Историското значење на првата половина на ХХ век е големо и заради ослободувањето од провинциските особености и вклучувањето на интернационалните текови на европската уметност. Иако многу идеи никогаш не се прифатија, со некои од нив се експериментираше, а некои пак едвај се препознаваа во своето длабоко преплетување.
Ако се појде од четирите основни чинители на сликата – светлина, форма, боја и тема – тогаш станува јасна суштината на уметноста во овие први четириесет години на ХХ век. Во овој период скулптурата бележи поскромен развиток наспроти европското вајарство.
Се забележува извесно влијание од средноевропската сецесија, германскиот екпресионизам и париската школа. Сите овие уметнички дела создадени во минатото, денес претставуваат споменик на гордоста, визијата и храброста на поедини автори наспроти темното лице на историјата што ова поднебје го доживеа во минатото. Творечкиот дух и уметничкиот занес отсекогаш беа моќни и живи на овие простори. Токму затоа и се создаде една слоевита култура со ретка убавина, богата разновидност и непроценлива вредност. Културната јавност оваа изворна културна оставштина може да ја користи претстави во перспективите на современото научно искуство и, се разбира, во смисла на нашиот поглед на светот кој го очекуваме во иднина.
Збирка на ликовни дела од поранешните југословенски републики
Музеите и галериите, служејќи се со меѓународниот јазик на уметноста и човечкиот дух, се обидуваат да ги афирмираат тековите на својата национална култура, на сродните култури и цивилизации, на соседните, а понекогаш и на најоддалечените. И навистина, тие грижливо чуваат многу сведоштва за нашето културно минато, за постепената еволуција на вечната човекова потрага за убавото како незаменлив предуслов за хуманизација на денешнината. Оваа колекција содржи 170 слики, 46 скулптури и 150 цртежи и графики.
Оваа збирка секогаш дава добра можност да се потсетиме, а новите генерации да се запознаат со еден важен дел од историјата на уметноста на овие простори. Исто така, овие дела ја потврдуваат својата основна цел, а тоа е, да биде возбудлива и отворена средба со ликовни делата што значат историја, минато, дела што биле и се стимул и инспирација за понатамошни ликовни истражувања. Временскиот период на создавање на делата се протега од крајот на 19-от до 60-те години на 20-от век. Оваа збирка го прикажува развојниот пат од класицизмот кон создавањето на современиот односно модерниот ликовен израз.
Класицизмот, романтизмот и реализмот се својствени повеќе за сликарите кои беа под влијание на школите од Виена и Минхен. Подоцна многу од овие сликари од Минхен се преселија во градот на уметноста, Париз. Сепак, најголем број сликари инспирациите ги бараа во себе или во дел од традицијата на својата национална култура.
Во оваа збирка се наоѓаат многу познати имиња на ликовни уметници (сликари и скулптори): А. Теодоровиќ, К. Данил, С. Тодоровиќ, Н. Радониќ, В. Буковац, У. Предиќ, Ц. Медовиќ, П. Јовановиќ, К. Леон, М. Мурат, Р. Јакопиќ, М. Стернен, М. Јама, Н. Петровиќ, Б. Стевановиќ, Т. Кризман, С. Аралица, Ј. Бијелиќ, М. Краљевиќ, В. Бециќ, К. Миличевиќ, Ј. Мише, П. Крижаниќ, П. Добровиќ, З. Петровиќ, М. Тартаља, И. Радовиќ, С. Шумановиќ, М. Милуновиќ, М. Узелац, И. Табаковиќ, М. Коњовиќ, К. Хакман, И. Шеремет, К. Хегедушиќ, М. Челебоновиќ, Н. Гвозденовиќ, А. Мотика, О. Мујаџиќ, А. Хутер, В. Свечњак, М. Седеј, Ѓ. Поповиќ, Ф. Баче, Б. Барух, Л. Спацал, П. Лубарда, Ф. Шимуновиќ, П. Милосављевиќ, Л. Вујаклија, О. Глиха, И. Генералиќ, Љ. Сокиќ, З. Прица, Е. Муртиќ, М. Протиќ, М. Поповиќ, Б. Карловарис, Л. Возаревиќ, М. Србиновиќ, Ф. Слана, Ј. Берник, М. Станковиќ, Ф. Михановиќ, Т. Росандиќ, Б. Дешковиќ, И. Мештровиќ, П. Плавичини, Ј. Туркаљ, Л. Долинар, Р. Стијовиќ, Ф. Кршиниќ, С. Стојановиќ, Л. Безереди, А. Августинчиќ, Т. Краљ, Б.. Калин, С. Боднаров, В. Радауш, И. Лозица, З. Калин, К. А. Радовани, О. Јевриќ, М. Ујевиќ, Л. Тошановиќ и др.
Историското значење на овие дела е големо, поради ослободувањето од провинциските особености и вклучувањето на интернационалните текови на европската уметност. Сите овие уметнички дела, создадени во минатото, денес претставуваат споменик на гордоста, визијата и храброста на поедини автори, наспроти темното лице на историјата, што ова поднебје го доживеа во минатото. Творечкиот дух и уметничкиот занес, отсекогаш беа моќни и живи на овие простори. Токму затоа и се создаде, една слоевита култура со ретка убавина, богата разновидност и непроценлива вредност. Културната јавност оваа изворна културна оставштина може со гордост да ја користи, и претстави во перспективите на современото научно искуство и, се разбира, во смисла на нашиот поглед на светот кој го очекуваме во иднина.