Свечано инаугуриран Павилјонот на Република Македониа во Венеција
На 7-ми мај 2015 година (четврток), со почеток во 15:30 часот, во просториите на Сале д’Арми (Sale d’Armi) во престижниот изложбен простор Арсенале во Венеција, ќе биде свечано инаугуриран Павилјонот на Република Македонија. Официјални претсавници на Република Македонија на 56. Венециско биенале се Христина Иваноска и Јане Чаловски со „Ние сите сме сами во ова“.
Комесар на проектот е Маја Неделкоска-Брзанова, в.д. Директор на НУ Национална галерија на Македонија, куратор е Башак Шенова од Турција, заменик-куратор Маја Чанкуловска-Михајловска и заменик-комесар Оливија Стоилкова.
На инаугурацијата ќе говори г-дин Драган Недељковиќ, заменик министер за култура во Министерството за култура на Република Македонија.
_______________________________
ХРИСТИНА ИВАНОСКА И ЈАНЕ ЧАЛОВСКИ
Христина Иваноска и Јане Чаловски соработуваат од 2000 година. Нивните проекти оживуваат повеќеслојни концептуални можности преку силни асоцијации кои ја преиспитуваат динамиката на уметничката дејност. Истовремено инспирирани од насобраното знаење, интуитивните референци, историските и современите контексти, обајцата земаат своја сопствена насока, а потоа се спојуваат и развиваат необична логика во природата на нивната постојана соработка.
Самостојни изложби:
2014 Капела (сите сме ние сами во ова), куратор Ксенија Чочкoва, Staatlichen Kunsthalle, Baden-Baden, Германија
2012 За независните (според вистински приказни), проект реализиран
во рамките на настанот „Бела ноќ” ко-куриран од Филип Јовановски, Ивана Васева и Јованка Попова, Културно – инфирмативен центар, Скопје
2009 Музејот на модерна уметност на Оскар Хансен, ХДЛУ (Хрватско друштво на ликовни уметници), Загреб
2008 Музејот на модерна уметност на Оскар Хансен, Zak Branicka Gallery, Берлин; изложбата е потоа претставена во press to exit project space (Скопје), Галерија ШКУЦ (Љубљана) и Галерија КОНТ (Лублин, Полска)
2007 Сираци на културата, легендите и хероите, курирано од Себастијан Цихoчки, Галерија Крoника, Битoм, Полска
2002 Запознавање на природата и општеството: Спирално патување,
CIX Галерија – Центар за современа уметност и Македонски центар за фотографија, Скопје
2014 Постојана поставка: Солидарност недовршен проект, Музеј на современа уметност, Скопје
2013 Туѓо тело, изложба на Кооперација непрофитна и самоорганизирана група на уметници, Галерија Грета, Загреб
2012 ЕПП (Економско пропагандна поставка), концепт и реализација Кооперација, приватен продажен простор, Скопје
Групни изложби:
2011 Невидлив пејзаж, куратор Марика Бочварова Плавева, Музеј на современа уметност, Скопје
2009 На јавна маса, ѕид, под: уметнички и кураторски колаборативни истражувања, Културен центар ЦК, Скопје
2004 (ЕА) Приказни, К&С Galerija, Берлин
2004 Мултипликации, Британски совет во соработка со Музејот на град Скопје, Скопје
2004 Денес – годишна награда за млади уметници, Центар за современa уметност – Скопје во соработка со Foundation for Civil Society – New York и Институтот отворено општество Македонија, Куршумли Ан, Скопје
2004 пр 04. во чест на гласникот // 2004 олимпијади, организирано од M &
M proyectos, Сан Хуан и Ринкoн, Порторико
2004 Создавање на балканските војни: Играта, Културен центар Конде
Дуке, АРКО 04, MedialabMadrid, Мадрид (претставена и во Касел,
Атина, Скопје, Амстердам)
2003 АИКА Избор 2002/03, Уметничка галерија, Струмица
2003 24/7: Вилнус – Њујорк, Центар за современи уметности, Вилнус, Литванија
2001 Совршен спој, меѓународна изложба организирана во рамки на
„Капитал и пол – меѓународен проект за уметност и теорија”, куратор Сузана Милевска, организатор Музеј на град Скопје, Градски трговски центар, Скопје
Работилници:
2013 Исцртување поезија, работилница за деца и родители, 8. АКТО Фестивал за современа уметност, Битола
2009 Работилница за однесување на идиоти, курирана од Лилијан Фелман, Kunsthalle Luzern, Швајцарија
Презентации:
2008 Симпозиум „За отворената форма на Оскар Хансен”, организирано од Lubelskie Towarzystwo Zachety Sztuk Pieknych и Галерија КОНТ, Лублин, Полска
Публикации:
Музејот на модерна уметност на Оскар Хансен, Јане Чаловски / Христина Иваноска; текстови од Себастијан Цихoчки, Елена Филиповиќ, Андреј Шчерски и интервју со уметниците; продуценти и издавачи: Галерија Крoника (Битoм, Полска) и press to exit project space (Скопје); ко-издавач и дистрибутер Weenman Publishers / Gijsk Stork, Ротердам, Битoм и Скопје, 2007
Спирално патување, Христина Иваноска / Јане Чаловски; текстови од Ричард Торчија и Сашо Талевски; издавач: Центар за современа уметност, Скопје, 2003
Резиденции:
2007 Живеј, преживувај и создавај!, резиденциска програма за куратори и уметници, Галерија Крoника во соработка со Про Хелветиа Варшава, Битoм, Полска
Колекции:
Van Abbesmuseum, Ајндхoвен, Хoландија Art Telecom Collection
Deutche Bank Collection
____________________________________
„Ние сите сме сами во ова“
Автори/уметници: Христина Иваноска и Јане Чаловски
Влијателниот Вaлтер Бенjамин, чија луцидна теоретска мисла е сеуште актуелна, ќе каже: „Да се артикулира минатото историски, не значи да се признае на начин на кој навистина се случило“. Тоа значи да се придржуваме до меморијата која ќе блесне во момент на опасност. Историскиот материјализам тежнее да ја задржи онаа слика од минатото, која неочекувано му се појавува на човекот кога тој ќе се издвои од историјата во момент на опасност. Опасноста влијае, како и врз содржината на традицијата, како и врз оние кои ја восприемаат. Затоа, во секоја ера мора да се направи обид да се оттргне традицијата од конформизмот кој стреми да ја надвладее.
Оттука, во контекст на пошироката тема на претстојното издание на Венециското биенале 2015 насловено „Сите иднини на светот“, која се осврнува токму на Бенјаминовото толкување на делото на Пол Кле и неговиот Ангелус Новус (како претстава на ангелот на историјата и неговото реинтерпретирање денес), делото „Ние сите сме сами во ова“ ги поставува прашањата за одговорноста на поединецот, апликативни врз локалниот, но и врз „состојбата на работите“ и „изгледот на нештата“ (според кураторот Окви Енвезор (Okwui Enwezor) во поширокиот глобален контекст.
„Ние сите сме сами во ова“ на уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски кои соработуваат уште од 2000 година, е мултидициплинарен ликовен зафат кој ја тематизира претставата за вербата, како емотивна и интелектуална состојба, и своевидна современа социо-политичка аномалија. Проектот е пред се истражувачки и создаван во повеќе етапи, и произлегува од силен интерес кон идејата за реактивирање, или пак реанимирање, на нови релации кои произлегуваат од реконтекстуализирање на сликарското дело на анонимниот автор од црквата од XII век „Свети Ѓорѓи“ од Курбиново (видена како предзнак за идејата на истражувачки центар) во дијалог со современите концепти за истражувачка, концептуална и концепт-базирана уметност.
Во овој проект Иваноска и Чаловски и нивните тематски определби – иконографијата и јазикот, архивираното и недокументираното, научното наспорти вернакуларното – изворното познавање на нештата, се во самата срж на проектот и го прават несекојдневно визуелно и интелектуално искуство за гледачот кое јасно комуницира со својот современо концептуализиран ликовен јазик. Двајцата уметници во своите изложени дела се занимаваат со вербата (или немањето верба како современа аномалија?), која не се задржува на религиозното верување, туку на преиспитување на сопствените вредности и своите верувања. Се појавува прашањето како и во што можеме да веруваме денес и каква е улогата на уметноста во однос на вербата? Цртежите и објектите на Чаловски на пример, кои се базираат врз записи на американскиот уметник Пол Тек претендираат да ја претстават личната борба на уметникот низ три аспекти: продукцијата на сопствените дела, задржувањето на вербата во делата, и прилагодување на очекувањата за тоа како ќе бидат прифатени, третирани и разбрани истите од публиката.
Сепак, делото на Иваноска и Чаловски е особено актуелно и отворено по однос на прашањата кои освен што се функционални во светот на уметничката експертиза и практика, се прошируваат надвор од границите на истата, во реалниот живот. Во контекст на поширокиот проект на Венециското биенале, каде идејата за изложбата се поставува во вид на сцена, во рамки на која ќе бидат истражувани историски и вон историски тематски проекти, ова дело претставува историска траекторија од гласови, која без разлика дали е низ говорот на зографот од Курбиново, или оној на Симон Веил, Лиз Иригаре или Пол Тек, низ референтен ликовен јазик ги третира причините, потребите и конвенциите (како и начините на кои поединецот пристапува за да ги избегне истите) за верувањето адресирано до уметнички, активистички, социјални, колективни, но и индивидуални засегнатости.
Самата инсталација се состои од простор во кој архитектонски и математички е отсликана димензијата на црквата во сразмер 1:2. За прв пат ова дело беше постравено во Штатлихе Кунстхале Баден Баден во септември 2014 година во проект-галеријата 45 кубни метри, под насловот „Капела (ние сите сме сами во ова)“. Околу физичкото поставување на делото во Павилјонот на Република Македонија се тргна од галериските 45 кубни метри кои во просторот Сале д’Арми во Арсенале станауваат ново ниво во концептот и на тој начин е создаде еден импресивен централен скулптурален објект во кој се манифестираат серијата на цртежи инспирирани од списите на Симон Веил, Лис Иригаре и писмата од седумдесетите на Пол Тек. Исто така, во рамки на целата инсталација, се инкорпорирани уште неколку елементи како библиотека, во задниот дел од објектот, за англската верзија на публикацијата која посетителите ќе можат слободно да ја земаат, и уште две ликовни дела, извезен текст на текстил на Иваноска „Без наслов (Уметникот не е граѓански слуга)“ од 2013 година и видео делото „Детал“ од 2015 година на Чаловски кои го заокружуваат концептот, а со самото тоа и ја комплетираат изложбата која делува интегирано и конципирано до извесен максимум во една нова просторна динамика и атмосфера.
Во ѕидниот цртеж во централен скулптурален објект се инкорпорирани поединечни дела на двајцата автори во форма на текст-базирани цртежи, конструкции, објекти. Хартиените конструкции на Иваноска се создадени директно во дијалог со списите на Симон Веил (Simone Weil, 1909-1943) која e француски филозоф од еврејско потекло, христијански мистик и политичка активистка, и Лис Иригаре (Luce Irigaray, 1930-), француска феминистка, филозоф и културен теоретичар од белгијско потекло. Нивните гласови се испреплетени и прочистени, сведени до знак, симбол на една внатрешна борба. Симон Веил ја преиспитува својата вера во Бога сметајќи дека е тоа лична определба и пат низ кој се оди сам и заради кој не ѝ е потребна поддршката од католичката црква ниту крштевањето, како институционален чин, за да ja осигура нејзината светост. Делата на Лис Иригаре на некој начин ја објаснуваат емоционалната и необјаснива (љубовна) релација со Бог кои ги надополнуваат исказите на Симон Веил. Во нејзиниот текст “La Mystérique” од нејзината книга Speculum de l’autre femme (1974), таа ја преиспитува посветеноста на жената кон Бога, прашувајќи се: Но ако човек не е повикан, како да се справи со ова, дури и да поседува страст за вакви потфати?
Цртежите и објектите на Чаловски се однесуваат на поетиката во размислувањата и преписките на американскиот уметник Пол Тек (Paul Thek, 1933-1988) како и на ликовниот јазик добиен преку физичко отстранување на сликите од иконите. Пол Тек е долгогодишна инспирација на Чаловски, а во контекст на оваа поставка се претстатвени серијата на цртежи и писма кои се базирани на најдени и досега необјавени лични белешки на Тек. Белешките се откриени во колекцијата на Егидио Марзона (Egidio Marzzona), во Берлин, во 2013 година. Пронајдените белешки отвораат нова низа прашања меѓу кои: Како институционалната устроеност ни го менува ставот кон она што го твориме и кон начинот на кој го претставуваме тоа? Колку е тешко да си веруваме едни на други и да го одржиме верувањето во истиот тој процес што го викаме создавање уметност? Што правиме кога се трудиме да преживееме? Колку сме великодушни едни кон други? Колкава е вредноста на парите?
Кураторката на Павиљонот на Република Македонија, Башак Шенова, е уредник на публикацијата за која беа поканети врвни куратори, теоретичари и писатели како Ен Барлоу, Себастијан Цихочки, Ксенија Чочкова, Славчо Димитров, Брако Франчески, Елке Красни, Омар Колеиф, Андерс Кројгер, Новембер Пејнтер, Ана-Каиса Растенбергер, Дирк Теубер, Џалал Тоуфик, и Ејал Вајзман да дадат свој придонес. Иваноска и Чаловски направија нова серија на цртежи посебно за книгата кои коренспондираат со текстовите. Свое воведно обраќање во книгата има и комесарот Маја Неделкоска-Брзанова, а кураторката Шенова накратко го обајснува појдовниот концепт на проектот како и неговото поставување во дадениот простор. Во рамки на книгата се појавува и обемно интерву помеѓу кураторот и уметниците.
Проектот е остварен со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и со дополнителна поддршка од Министерството за надворешни работни на Република Македонија и од Конзулатот на Република Македонија во Венеција.
Кон остварувањето на павилјонот придонесе и галеријата ЖАК | БРАНИЦКА од Берлин која ги претставува умениците.
Книгата на македонски јазик е изработена со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, а англиската верзија со поддршка од Арт румс (Art Rooms) од Кипар.