Избор-ликовни дела од „Трајната поставка XIV-XX век“ во Националната галерија на Македонија (објект Даут пашин амам).
Трајна поставка е сместена во Националната галерија на Македонија, основана во 1948 година и е една од најстарите ликовни институции во Република Македонија. Сместена е во културно-историскиот споменик на исламската профана архитектура. Објектот – амамот составен е од машки и женски дел со вкупна површина од 900 м 2, го изградил Даут Паша во втората половина на 15 век.
Националната галерија со својата Постојана поставка уште еднаш го потврдува своето стожерно место во македонската ликовна уметност, како средиште и како вредносен супстрат кој им се претставува на увид на домашната и странската јавност.
САЛА 1 – Икони
Во минатото македонските ликовни творци твореле под влијание на византиското и поствизантиското сликарство. Нивниот стремеж да создадат дела со силен ликовен израз и богата иконографска содржина со кои би ги задоволиле потребите на македонското христијанско население скоро секогаш ги надминувал локалните рамки. Денес, некои ансамбли од ѕидното сликарство и иконописот завземаат високо место во европската и светската историја на уметност.
На исцрпниот преглед на македонската уметност на 20 век хронолошки му предходи колекцијата на икони како едно потсетување на изодениот пат кон врвот. И покрај тоа штo изложените икони не пружаат целосен преглед на развојот на иконописот кај нас, тие на љубителите на уметноста им даваат преглед за стилскиот развој на иконописот од времето на Михајло и Евтихиј, поствизантискиот период, се до творењето на мијачките зогрфи од времето на Преродбата.
САЛА 2 – Профано сликарство
Во последните децении од владеењето на Отоманското царство, во крајот на 19 и почетокот на 20 век во Македонија се случува културна преродба. Македонските градители, зографи и резбари во овој период го достигнуваат врвот во своето творештво. Зографите Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски и Коста Вангелов, движејќи се главно меѓу зографската и сликарската ангажираност го извршуваат значајниот пресврт во Македонскиот преродбенски период. Од религиозни теми изработени во духот на локалната византиска и поствизантиска програма, тие одговарајќи на потребите на младиот македонски граѓански слој, се свртуваат кон обработка на световни теми. На овој начин тие ја подвлекле развојната линија на профаното сликарство кај нас доближувајќи го до новото современо европско сликарство.
САЛА 3,4 – Уметноста меѓу двете светски војни
Основоположничката генерација која ги удри темелите на современата македонска ликовна уметност( Д. П. Аврамовски, Л. Личеноски, Н. Мартиноски и Д. Тодоровски). Со својот ликовен придонес, обемното и диференцирано творештво на оваа генерација, како и со нивниот национален и творечки идентитет, ја одиграа вистинската историска и културна мисија во тој период во нашата земја.
САЛА 5 – Време на слободно творечко изразување
Шеста деценија, е време на слободно творечко изразување, што поттикна нови пресвртни процеси во ликовната уметност. Незапирливо кај нас се пробија нови стилски правци (експресионизам, надреализам, посткубизам,магичен реализам и тн.) заедно со појавата на нови ликовни творци, образовани надвор од Македонија.
САЛА 6 – Апстрактна уметност
Премин од шест во седма деценија се карактеризира со појавата на апстрактната уметност(енформелот како сликарство со материја, неодадаизмот, иконовидни дела како синтеза меѓу минатото и сегашноста) која беше поттикната од стремежот на нашите ликовни уметници да се вклучат во општите европски современи процеси.
САЛА 7,8
Дела со фино геометриски обликувани детали, нова фигурација со медитерански призвук, фантастично сликарство, минимал арт, попарт, хиперреализам, концептуална уметност и најава на постмодернизам во македонската ликовна уметност.
САЛА 9
Ликовни пресврти во осумдесетите и почетокот на деведесетите, како резултат на радикалните измени во духовната и во естетската област (се појавија дела во правец на нео експресионизмот;европскиот конструктивизам; рафиниран неоконцептуализам, “растителни”инсталации и “објекти-амбиенти”и др.) Појава на млади уметници со своја нова естетска, современа димензија во обработката на делата со што го потврдија космополитскиот дух на ликовното творештво во Македонија во 20-от век.