Свечено отворање на изложбата „Трансфигурирање“ на НГМ во Прага
Изложбата, на која се поканети голем број гости и претставници на дипломатскиот кор, претставува централна активност во одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Чешката Република во чии рамки, во текот на целата година, беа презентирани повеќе културни содржини.
Во организација на Националната галерија на Македонија, во Чешкиот центар во Прага, Чешка, на 27 ноември 2014 година, во 18 часот ќе се отвори изложбата Трансфигурирање на која излагаат македонските уметници:
Јован Шумковски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ирена Паскали, Велимир Жерновски, Мирна Арсовска, Марија Сотировска, Игор Тошевски, Нада Прља, Игор Сековски, Антони Мазневски, Борис Шемов, ОПА, Искра Димитрова, Александар Спасоски, Атанас Ботев, Жанета Вангели, Вана Урошевиќ, Александар Станковски, Дијана Богдановска, Благоја Маневски и Славица Јанешлиева
Куратор на изложбата е Ана Франговска.
Јован Шумковски
Фото-инсталацијата која е дел од проектот “R=1:2 и 1:200”, всушност говори за трансфигурација на градот Скопје во град со помали димензии и размер 1:200, создаден од најдени материјали. Овој град Шумковски го гради за неговиот пријател од детството Ноне – мал човек, чиј размер е всушност 1:2 во однос на нормалниот човек. Висината на човекот и точката на неговото гледање се референтни единици на секое картографско мерење и исцртување, оттука таа не служи само да се измери светот, туку и односот на човекот кон светот.
Ѓорѓе Јовановиќ – кутии во простор
Инсталацијата „Дневник 1“ е инсталација составена од трансформирани готови објекти (најдени кутии, искористени тетрапак пакувања и слично) кои стануваат медиум врз кој се пренесуваат разновидни доживеалици од секојдневието на авторот со еден специфичен номадско – стилски пристап, користејќи различни сретства и ликовни јазици за да ја трансформира реалноста во една нова реалност. Тој преку интимните записи, слики и коментари, создава фрагментиран опис на руините на секојдневието.
Ирена Паскали – видео
Во видеото „Essence“ Паскали говори за различни перспективи на себеидентификација. Трансфигурирањето од единка во мултимплицирана (клонирана) група е прашање на длабоко интимно чувство на манипулација, а елементот на лифт е елемент на движење, на време, на процес. Преплетувањата на перспективите, нивниот „пат“ и враќањето до самото јадро, преку повторено дејство, се самата суштина (Essence) која му се нуди на гледачот.
Велимир Жерновски – цртеж
„Aлиса…“ е циклус дела кои Жерновски ги посветува на ликот на девојчето од приказната за „Алиса од земјата на чудата“, но ставена во нов контекст, со поинакви аспирации. Користењето на поп-артистичкиот манир, со плохални површини и златни нијанси, користејќи лик од детски анимиран филм, лик кој треба да е сладок, игрив и позитивен, сега е ставен во емоционална состојба на страв, адекватно на брзото и агресивно секојдневие во кое постои атолеранција за другиот, другоста и идентитетот.
Мирна Арсова – објект во простор
Во видео инсталацијата „Носталгија“, Арсовска го рекреира искуството во иднината, со поместување на нејзината оска создава еден нов квалитет. Трансфигурирањето на идејата за време и минливост, предадена преку претставата на коњот, е финиширана со мобилен објект во кој единствено опашките од коњот се оние елементи кои не потсетуваат на одреден минат сегмент, на минатото, останато во сеќавањето само како емоција.
Марија Сотировска – ѕидна инсталација
Сотировска во „Обоена истрајност“ користејќи го елементот на круг како вечна трансформација, преку варијабилноста и интензивниот урбан колорит и фразите кои секојдневно го морат човековиот мозок, на еден суптилен и интригантен начин со попистичка лежерност на изразот трансфигурира состојба на мантра и на оптичко заведување на гледачот.
Игор Тошевски – објект во простор
Во објектот, дел од инсталацијата „Љубовта неразбирлива, секој проклет миг“, како и во голем дел негови дела, Тошевски говори за трансформација на општествените релации, за глобалните деформации во кои секако страда индивидуалноста и посебноста. Објектот е само еден модул на трансфигурирана мултимедијална реалност, во која преку територијално одбележани ready-made елементи Тошевски прави една општествено-политичка анализа со која комуницира со публиката.
Нада Прља – објект во простор
„Локал глобализам“ е инсталација која се состои од грамофони и грамофонски плочи на кои се аплицирани знамиња на припадници на повеќе заедници кои живеат во Македонија. Објектот обработува проблеми и односи на релација локално-глобално. Вклучените грамофони ги вртат плочите, по што знамињата стануваат сосема непрепознатливи, трансфигурирани, со што Прља говори за прашањата за идентитетот од една страна (поттиснат или спротивното агресивно нагласен), а од друга страна дека припадноста е еден модус со кој човекот е само број во статистичката аналитика на општествата.
Игор Сековски – дигитален принт
Сековски е автор кој во последните дела ја обработува сопствената состојба во која тој доживува разновидни интровертни, себе-анализирачки, само-критички состојби на генеалошко поврзување со одредени животниски видови во кои „современиот човек се претвора“ или пак на философски-зен начин прикажувајќи ја сопствената збунетост, неможност за донесување на финални одлуки, несигурност, чувство на припадност, претопување, млакост, немост. Аспектот во кој неговата фигура се „трансфигурира“ во заматена онтологија на блурирана фигура во движење алудира на поимот, кој е и наслов на делото: „Quo Vadis?”(Каде одиш?).
Антони Мазневски – објект
Пластичната органолика метафизика на Антони Мазневски индицира несовршена совршеност на материјалните елементи. Формата, обликот, движењето, еротичноста, пластичната перфектност во техничкиот процес се само дел од низовите преку кои се гради делото на Мазневски. Тоа самото по себе говори за оптичка трансфигурација на органски елементи во индустриски материјал, а вештачкиот сјај ја апострофира преносната идеја за еколошките модификации кон кои сме секојдневно се повеќе изложени.
Борис Шемов – дигитален принт
Во дигиталниот печат, од циклусот „Sharing extension“, Шемов прави дигитален колаж, користејќи голем дел информации од своите интимни наративи (дигитални предлошки), за да создаде еден нов, изменет приказ на безвремен наратив, кој на моменти добива апстрактно и метафизичко значење. Всушност базисот на неговиот интерес лежи во релациите и нивно подредување (социјални-меѓучовечки, меѓу елементите, меѓу медиумите итн.), емфазирајќи ги новите интернет технологии.
ОПА Професионалци – цртеж
„Фатени во мрежа“ е цртеж изведен со жарот на потезот на акционото сликарство, но она што произлегува во неговата анализа се прашања за неговата „надчовечка“ прецизност. ОПА Професионалци е уметничка група (Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа*), која се занимава со „вистинска“ уметност, враќајќи се на старите принципи на создавање уметност, или барем на старите медиуми, доведувајќи ја тенденциозно во прашање состојбата со уметноста во својата земја, па и глобално, од сите можни аспекти. ОПА Професионалци говорат за трансформација на улогата на уметноста и за манипулацијата како модус за постигнување на лажни вредности.
* позната на светската јавноста само како ОПА, група која претежно се занимава со видео, перформанси, дигитални графики, инсталации кои имаат исклучително општествено-политичка свесност
Искра Димитрова – објект во простор
Double – Femina alba, инсталација, 1996
Искра Димитрова, авторка со уметнички дефинирани и цврсти ставови за својот женски творечки јазик, преку перформативни (т.е. акциски) или преку интровертни експлорации ги обработува дискурсите на себството и идентификацијата пред сѐ, потоа на својата женска природа (истражувајќи ги и границите на андрогеност или бесполовата принципиелност), аспектите на физичкото наспроти духовното присуство/отсуство (користи одливки од своето тело или траги од него), стравот, медитативноста, пулсирањето. Трансфигурирачките процеси (видени низ различни призми) го определуваат „портретот“ на презентираното тело, кое балансира меѓу живата реалност и апстрактното ништо.
Александар Спасоски – видео
„Бродот кој никогаш не поминал“ е видео кое ја третира човековата реакција на урбани звучни сензации кои се нови, непознати и неочекувани. Тој ја трансфигурира реалноста на два града (Скопје и Минхен) низ кои тече непловна река, „вградувајќи“ во таа урбана слика звук на сирена од прекуморски брод, како симбол на трансмисија, пренос, комуникација од една страна или пак херметичност од друга страна.
Атанас Ботев – слика/цртеж
Платното „Лошиот трип на Делакроа предизвикан од неговите постојани конфронтации со Енгр“ на Ботев содржи луцидност, иронија, потсмев. Авторот, кој е прецизен цртач и современ номад, користи разновидни стилски пристапи (од стрип, преку хиперреализам, поп-арт, метафизичко сликарство, дадаизам, репродуцирања на историски стилови и автори), со колажирање на разновидни сижејни единици, прави современ трансфигуриран приказ на вечната борба помеѓу цртежот и сликарството (постојаната конфронтација помеѓу двата автори Делакроа и Енгр).
Жанета Вангели – дигитален печат
„Омаж на Ричард Принс или „Духовна Европа““ е дигитален принт на Жанета Вангели која прави интересен концепциски пандан на идејата за „Духовна Америка“ на познатиот светски фотограф Ричард Принс (фотографија на десетгодишната гола Брук Шилдс, фотографија која предизвикала многу скандали и дискусии и заради својата природа, но и за позицијата на современата уметност и нејзината автономија да биде критичар и анализатор на современите општествено-политички состојби) со симболот на „Горгоната“ како нејзина (на Вангели) алегорија за „Духовна Европа“. Симболиките на претставата на Медузата (која по грчката митологија е една од трите сестри Горгони) е всушност претстава за „превртливата и духовно дезинтегрирана Европа, која поседува смртоносен алтруизам и лукративна политичка коректност“.
Вана Урошевиќ – просторна инсталација
Просторната инсталација составена од свилени ткаенина ги трансфигурира границите меѓу личната и колективна свест и потсвест, созадавајќи еден нов призор кој се занимава со експликација на поимот страв, како и на универзалните човечки гревови и страдања. Извезената гротескна глетка изведена врз свила (материјал особен по својата тактилност), како и свилената „одора“ поттикнуваат на себеанализа и го трансформираат универзалното безвременско доживување на моралните општествени димензии на гревот и стравот во нивниот визуелен, естетички и сетилен контрапункт.
Александар Станковски – дигитален печат
Александар Становски во дигиталната графика „Лун – кралот на ноќта“, работена во неговиот дадаистичко-потсмевлив дух, како своевиден историски андерграунд, го обработува ликот на еден од најголемите „херои“ (автократи) на комунизмот, другарот Тито, како сексуален манијак. Оваа трансфигурација создава изместен, модифициран поглед кон сето она што некогаш за нас било „икона“, наметнато како став, знаење, учење, без слобода на поинакви пристапи.
Дијана Богдановска – фото инсталација
Во фото инсталацијата „Венци“ Дијана Богдановска, продолжува со своите истражувања на позицијата на жената во транзициските општества, застанати на беспаќе меѓу старото, традиционално, племенско поимање на жената во заедницата и нејзината современа позиција на еманципирана индивидуа со подеднакво право како и мажот. Трансфирацијата на женската фигура и нејзиното преплетување со флората е всушност споменатата спона, симболично предадена преку венецот како идиом за традиционалното крунисувањето на жените во планинските села, од една страна, а од друга како алегорија на победа – полова, политичка итн.
Благоја Маневски – инсталација од слики
Сегментот од „Логични слики“ е само фрагмент од инсталацијата од слики која Маневски ја има изградено во облик на ѕид или тродимензионален архитектонски објект, на тој начин менувајќи ја – трансформирајќи ја примарната функција на дводимензионалното уметничко дело во едно ново, поинакво поимање на сликарството како медиум, укинувајќи ја конвенционалната естетска и визуелна комуникација на самото дело.
Славица Јанешлиева – Ѕидна слика
Во ѕидната инсталација „Сенки“ Јанешлиева ги истражува „психолошките, социолошките и антрополошките гледишта поврзани со поимот сенка“. Оваа физичка појава отсекогаш била интересна и од појавен аспект, „но и како далечен, примитивен и непробирлив аспект на умот“. Трансфигурацијата на фигурата во сенка е и симболика за сите сеништа кои не следат, од личните па се до поопштите, општествени, социјални, генерирачки.